КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

Кога славните ученици на миењето пред вечерата се просветуваа, тогаш Јуда злочестивиот од среброљубие боледувајќи - се помрачуваше...

продолжи

Синаксар на светиот
и Велик четврток



Стихови за миењето на нозете:
Бог, Кој некогаш го вознемири рајот додека одеше низ него во приквечерината, Вечерта на Велики Четврток доаѓа да им ги измие нозете на учениците.

Стихови за Тајната вечера:
Вечерата е двојна: една е Пасхата на законот; Втора е Новата пасха - Телото и Крвта на Господа.

Стихови за Првосвештеничката молитва:
Молитва и страв, пот од крв на лицето Христово, смрт, А со тоа го прелажува ѓаволот.

Стихови за предавството:
Зошто доаѓате со ножеви и стапови да Го барате, Оној што сака да умре за избавување на светот?

Во светиот и Велик Четврток, како што ни пропишаа светите отци, според Преданието што го примија од божествените апостоли и од светите Евангелија, ги празнуваме овие четири настани: миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино.

Бидејќи еврејската Пасха требаше да биде жртвувана во петокот, беше погодно вистината да биде во согласност со сликата, односно во истиот ден да биде жртвуван и Христос, нашата Пасха. Поради предвидување, како што велат божествените отци, Господ наш Исус Христос ја извршува во четврток навечер, бидејќи таа вечер и целиот ден од петокот Евреите го сметаат за еден ден и го именуваат ноќеденство - никтимерон (од едно заоѓање на сонцето до другото заоѓање). Тоа е причината поради која Он, со Своите ученици, ја изврши тогаш Пасхата според Законот, како што велат некои, меѓу кои и божествениот Златоуст.

Прво, стоејќи простум и препашани, обуени во сандали, со стап в рака, запазувајќи ги и сите други прописи на законот, за да не се остави впечаток дека го прекршуваат. Оваа Пасха ја подготви Зеведеј, зашто стомната со вода ја носеше тој, како што вели Великиот Атанасиј, иако некои други за ова зборуваат поинаку. Потоа, откривајќи им на своите ученици едно посовршено славење, Господ ја востановува тајната на нашата Пасха, во горната одаја, кога ноќта веќе беше настапила, зашто е речено: „Кога настапи вечерта, Он седна на трпезата со дванаесетте." Видете, Ова не беше Пасхата на Законот, бидејќи се седнува на трпеза приготвена од леб и вино, додека порано била со печено месо и со бесквасен леб.

Пред почетокот на вечерата (вака зборува божествениот Златоуст), Он станува од трпезата, ја остава Својата горна облека и става вода во леген, Самиот правејќи сè, за да го посрами Јуда, но и за да ги потсети другите апостоли да не бараат старешинство, како што тоа го покажува по миењето на нозете, велејќи: „Кој сака да биде прв, нека биде последен", давајќи се Себеси за пример. Се чини дека Христос најнапред му ги измил нозете на Јуда, кој без срам беше го зазел првото место. На крајот доаѓа до Петар. Но овој, бидејќи најревносен од сите, Му забранува, но на крајот пак Му дозволува да му ги измие нозете. Откако им ги изми нозете и покажа колку високо можеме да се издигнеме преку смирението, ги зеде повторно Својата облека и Своето место на трпезата, ги поучи да се сакаат еден друг, но да не бараат старешинство.

И додека јадеа им го навести предавството. Бидејќи тие се вознемирија поради тоа, Исус му рече само на Јована, тајно: „На оној што ќе му дадам едно парче леб, откако ќе го натопам, тој е оној што ќе ме предаде." Ако Петар знаеше на кого се однесуваат овие зборови, тој ќе го убиеше Јуда, бидејќи беше најревносен од сите. Или пак: „Оној што ќе ја стави раката своја во чинијата...", бидејќи се среќава и едното и другото. По малку време, зеде леб и рече: „Земете, јадете", а слично и со чашата: „Пијте од неа сите, ова е крвта Моја на Новиот завет...ова правете го во мој спомен." Ова правејќи го, и Он јадеше и пиеше со нив. Забележете добро, дека лебот (квасен) го именува Свое тело, а не бесквасниот леб (азим). Нека се засрамат оние што принесуват бесквасни лебови за бескрвната жртва.

По лебот, сатаната влезе во Јуда; ако порано само го искушуваше, сега конечно се всели во него. Кога излезе, тој се договори со првосвештениците да им го предаде за триесет сребреника.

По вечерата, учениците отидоа на Маслиновата Гора, во една градина, наречена Гетсиманија. По некое време, Исус им рече: „Оваа ноќ сите вие ќе се соблазните поради Мене." Петар му рече: „Макар и сите да се одречат од Тебе, јас нема да го сторам тоа." А беше доцна, односно длабока ноќ. Исус повторно му рече: „Пред да запее петелот двапати, ти ќе се откажеш од Мене трипати." Така и се случи. Од ова Петар го обзеде голем страв. На овој начин Бог му ја покажа слабоста на неговата природа, но истовремено, бидејќи сакаше да му ја довери сета вселена, Он сака да му даде на знаење дека целиот свет има иста природа, и дека тој (Петар) треба да се покаже милостив кон грешниците.

Впрочем, тројното Петрово одречување ги претставува гревовите на сите луѓе против Бога. Пред сè, заповедта што ја прекрши Адам; потоа прекршувањето на Пишаниот закон; на трето место, прекршувањето на заповедите на воплотеното Слово. Но, Спасителот го исцели со тројното покајание. Затоа Он му рече трипати: „Петре, ме љубиш ли?" Потоа им рече на учениците (покажувајќи им ја Својата човечка природа, бидејќи смртта е страшна за сите): „Душата моја смртно е нажалена." Потоа се оддалечи малку, колку што со камен може да се дофрли, се помоли трипати и рече: „Оче Мој, ако е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, но нека биде волјата Твоја." И пак: „Оче, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша!" Од една страна, Он го вели ова како човек, но од друга страна Он вешто го отстранува ѓаволот со цел, овој последниов, мислејќи дека има работа со човек кој се плаши од смртта, да не прави пречки на тајната на Крстот.

Кога се врати при учениците и ги најде заспани, му се обрати на Петра и му рече: „Зар не можевте ниту еден час да бдеете со Мене?" А тоа значи: „Ти, кој велеше дека и до смрт ќе се бориш за Мене, еве, и ти спиеш како и другите!"

А кога мина на другата страна од потокот Кедрон, каде што имаше градина, таму остана со учениците Свои, бидејќи имаше обичај да оди таму често. Затоа и Јуда го знаеше тоа место. Откао зеде неколку војници, со народот што го следеше, тој се доближи до Исуса и Му даде целив. Овој целив беше договорениот знак, бидејќи Он требаше да биде фатен повеќе пати, но си заминуваше, без да биде забележан. Но овојпат самиот Исус излезе пред нив и им рече: „Кого барате?", бидејќи тие се уште не Го познаваа. Сепак, мракот не беше целосен, затоа што тие имаа светилки и факели запалени. Исплашени, тие се повлекоа и паднаа на земја. Кога Јуда го направи она за што се беа договориле, Исус му рече: „Пријателу, направи го тоа за кое си дојден", односно: „Ова е моментот да го направиш она за кое си дојден". И пак им рече: „Зар како на разбојник излеговте со ножеви и стапови да Ме фатите?" А дошле ноќе за да не настане бунт кај народот. Тогаш ревносниот Петар извлече нож, зашто за ова беа подготвени уште од вечерта, и му го отсече десното уво на еден од слугите на првосвештеникот, по име Малх. Но, знаејќи дека првосвештениците велеа за Него како тој не го слушал Законот, а поучувал, Исус го укори Петра, бидејќи не е добро за ученик на еден духовен човек да се служи со нож. И Он го исцели Малха.

Кога, пак, Го фатија Исуса, врзан Го приведоа во дворот на првосвештеникот Ана, кој му беше тест на Кајафа, зашто таму беа собрани сите - фарисеи и книжници, кои извикуваа против Христа. Таму и слугинката му се нафрли на Петра и тој се одрече од Христа; кога мина ноќта, петелот запеа трипати и тој се сети, па горчливо заплака. Бидејќи веќе беше утро, од кај Ана, Христа го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде што го плукаа в лице и беа повикани лажни сведоци. Кога засветли денот, Кајафа Го испрати при Пилата. Тие што Го водеа не влегоа во судницата, за да не се осквернат и да можат да ја јадат пасхата.

Некои, како што вели божествениот Златоуст, тврдат дека фарисеите и првосвештениците го прекршиле законот префрлајќи ја пасхата за другиот ден, бидејќи требало да ја јадат токму таа ноќ, но дека тие ја поместиле за наредниот ден, за да можеле да Го убијат Христа. Но, ако тие требало да ја јадат пасхата тогаш, Христос покажал, јадејќи ја претходната вечер, дека не упатил во совршената тајна. Или пак, како што беше речено, требаше да стане реалност она што во Законот беше само слика. Всушност, свети Јован вели: „Пред празникот Пасха". Од овие причини и ние го празнуваме се она што се случи во тој четврток и во наредната ноќ и со стравопочит правиме спомен на сите оние страшни и неискажливи дела и настани.

По Твоето неискажливо милосрдие, Христе Боже наш, помилуј нè. Амин.

Икони



Богослужбени обележја


Свет и Велик четврток


Веќе сме во подножјето на Голгота. За само неколку часа на Голготата истовремено ќе се случи и спасение, и суд. Господ Исус Христос е подготвен да се раздели од апостолите поради претстојното страдање на крстот, страдањето кое како остар меч го разделува доброто од злото, благоразумниот од неблагоразумниот разбојник, блудницата која се покајала од предавството што го направил Јуда.

Да се потсетиме на она што го рекол Господ: „Не мислете дека сум дошол да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Мт. 10,34). Крстот, прободен во земјата, ќе се вознесе до самото небо и таму ќе ги вознесе сите оние кои со вера и љубов пристапуваат кон Христа и крстот, кон тоа сладосно, страшно и преубаво орудие на спасението.

Пред разделувањето од апостолите, Христос ги повикал своите ученици на проштална вечера, на Тајната Вечера на Неговото Тело и Крв, токму во моментот кога веќе приготвил сè за да се случи јудиното предавство за триесет сребреници.

Богослужението на Велики четврток истовремено говори за почетокот на страданијата Христови, како и за таинствената радост на Евхаристијата. Токму поради тоа содржината на богослужбените текстови, како и самото обележје на ова богослужение е проткаено со тага и радост. На Утрената, после Шестопсалмието се пее великопосно Алилуја, за време на кое свештенослужителите се пресоблекуваат од темни во светло одежди.

По читањето на Евангелието на Утрена и 50-от псалм, се чита канонот напишан од светиот Козма Мајумски, преку кој се изобразува суштината и смисолот на Тајната Вечера, а се осудува јудиното предавство.

На Велики четврток се служи Литургијата на светиот отец наш Василиј Велики, која е соединета со Вечерната што ѝ претходи. Според Уставот, Вечерната започнува во осмиот час (околу 14 часот според денешното сметање); по кадењето на „Господи повикав кон Тебе“, народот ги псалмопее самогласните стихири на 2 глас, а свештеникот во олтарот прави Проскомидија. Малиот вход се врши со Евангелие, по што се читаат три старозаветни паримии. Двата прокимени се земени од 139-от и 8-от псалм, и во нив се говори за предавството јудино. По читањето на паримиите следи мала ектенија, по што се пее Трисветото и продолжува Василиевата Божествена Литургија.

Прокименот пред Апостолот говори за бесполезноста од заговорот против Христа: заговорниците ќе ја добијат заслужената награда, додека нивната цел нема да биде постигната.

Алилуларијот пред Евангелието го изразува Христовото учење за милостивост и сочувствителност кон ближните, пренесувајќи ни го Христовото ветување дека поради тоа ќе бидеме избавени пред Судот:

Блажен е оној кој го разбира сиромавиот и бедниот,
Во страшниот ден Господ ќе го избави.
Непријателите мои рекоа зло за мене:
Кога ќе умре и ќе исчезне неговото име?
Оној кој го јаде мојот леб, постави заседа за мене.

Наместо Херувимската песна, на овој ден е уредено да се пее молитвата пред причестување:

На Твојата Тајна вечера, Сине Божји, прими ме за причесник. Зашто нема да ја кажам Тајната на Твоите непријатели, ниту целив ќе ти дадам како Јуда. Но, како разбојникот Те исповедам: Спомни си за мене, Господи, во Царството Твое.

Во Соборните Цркви, на архијерејските богослужби после Заамвонската молитва во овој ден се совршува Чинот на измивање на нозете.

Чтенија од Светото Писмо

Кликнете на одделот што сакате да го прочитате

Информативна служба на Кумановско-осоговска епархија