Судан ќе ја ослободи Меријам Ибраим, христијанката осудена на смрт

"Судан ќе ја ослободи Меријам Ибраим, христијанката осудена на смрт"

Меријам Ибраим, христијанката од Судан која беше принудена да ја роди својата ќерка во затвор, ќе биде ослободена за неколку дена, изјавиле суданските власти за Би Би Си. Абдулахи Алзарег, потсекретар во Министерството за надворешни работи, изјавил дека во Судан се загарантирани верските слободи, и дека властите во Картум се посветени на заштита на жената. Доколку не интервернираа, суданските власти ќе се соочеа со остра осуда и санкции од меѓународната заедница.

Меријам Јахја Ибраим Ишаг, 27 годишна христијанка беше осудена од суданските власти како „отпадник од исламот“, поради фактот што била христијанка иако нејзиниот биолошки татко, кого таа никогаш не го запознала, бил муслиманин. Меријам одби да се откаже од христијанството, и поради тоа беше осудена на смрт со бесење, закажана за две години од денот на породување. Во средата (28.05.2014 г.) таа се породи во затвор.

Претходно, судот го анулираше нејзиниот христијански брак и ја осуди на бичување со 100 удари за блуд – поради фактот што нејзиниот брак се смета за невалиден според исламското право.

Судан има мнозинско муслиманско население, а исламското право е воведено од осумдесетите години на минатиот век. Во Судан моментално се води јавна дебата околу верското отпадништво, при што либералните и конзервативните страни дебатираат околу рамката за негово казнување.

Извор: Pravmir.com