Св. маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија како модел за нашите животи

"Св. маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија како модел за нашите животи"

Маченичките Вера, Надеж и Љубов биле ќерки на светата Софија, исто како што добродетелите вера, надеж и љубов се излеваат од мудроста, вистинската мудрост што „доаѓа одозгора“ и го раѓа стравот Божји; „стравот Божји е почеток на мудроста“.

Ќерките на св. Софија, дванаесет-, десет- и деветгодишна, ги имале сите добродетели според нивните имиња, и биле полни со вера и надеж во Христа и љубов кон Бога и човека. А нивната мајка била Софија (=мудрост) и на збор и на дело. Таа имала вистинска љубов, поголема од природниот, т.н. мајчински инстинкт, поради што се грижела за духовната добросостојба на нејзините чеда. Таа ги храбрела да продолжат по патот на смртта поради љубовта кон Христа, знаејќи дека на тој начин ќе им овозможи вистински живот, оти „праведникот живее довека“ (Мудр. 5,1).

Однесувањето на св. Софија сведочи за мерата на љубовта што ја имала за нејзините деца, кои не се сопственост на нивните родители, туку живи и умни дарови Божји за родителите, кои пак се соработници Божји во делото на создавањето. Вистинската љубов е несебична и бара ништо за возврат, таа не очекува реципрочност. Нашите деца ги љубиме зашто Го љубиме Бога Кој ни ги дарувал, а тие вистински нѐ љубат нас ако сме ги научиле да Го љубат Бога. Поради самата љубов не треба да ја нарушуваме слободата на нашите деца, ниту пак може да речеме дека постои вистинска слобода без љубов. Љубов без слобода е диктатура, а слобода без љубов е анархија. Она што ги допира срцата на децата повеќе од нашите зборови се нашите молитви за нив, и примерот што им го даваме.

Децата кои во своите семејства искусиле вистинска слобода и несебична љубов имаат научено да љубат и сесрдно да се даваат на другите. Обратното се случува со децата лишени од љубов и слобода. Тие стануваат авторитативни, реакционерни, несоцијални, затворени во себе, агресивни и сомничави. Почитувањето на слободата на другиот се учи од самиот Бог, Кој го дарувал човекот со слободна волја и го почитува она што секој од нас го прави со неа.

Православното воспитување помага човекот да ги надмине животните проблеми или потешкотии, без да направи или да дозволи душата да биде потиштена, што неретко доведува до немили ситуации. Многу родители, за жал, „ги лечат“ нивните потиснати емоции преку нивните деца. Сето она што тие не успеале да направат или да бидат во животот, сакаат да го направат или да станат нивните деца, и на секој начин се обидуваат да ги присилат на ова, на тој начин нарушувајќи ја основата на слободата и демократијата. Демократија или диктатура, тоа е начин на живот и однесување во секојдневието. Светата Софија била демократ во секоја смисла на зборот. Таа вдахнувала храброст и давала дозвола без да се наметнува. Таа знаела дека нејзините ќерки Му припаѓаат на Бога и Нему Му ги принела. Љубовта кон Него ја надминала мајчинската болка. Таа верувала во вечниот живот и живеела со надеж за вечно блаженство. Била разделена од нив времено, за повторно да се соедини со нив во Царството Божјо. Пошла на нивниот гроб и Го молела Бога да ѝ го земе животот за да биде блиску до нив. Таа била убедена дека нејзините деца се живи и дека ќе ги сретне, дека повторно ќе ги види.

Мислам дека оние кои се престроги кон младите денес се нефер. Младината денес, според исказите на многу наставници и учители, е поискрена и подиректна отколку младината од минатото. Нивното насилно однесување, напати, и екстремните реакции, верувам дека се последица од она што тие бараат од нашето општество, а тоа е нежност, љубов и искреност. Наместо тоа, тие се среќаваат со суровост, нечувствителност и дволичност. Кога ќе наидат на човечност и учтивност, тие стануваат други луѓе, и за ова имаме мноштво примери.

Вера, Љубов и Надеж биле достојни чеда на нивната славна мајка. Тие биле воспитувани со чесното млеко на верата, надежта и љубовта кон Бога, поради што успеале да ја сфатат целта на животот, а тоа е – да се биде заедно со Христа во Царството Божјо, каде животот никаде не престанува.

Протопрезвитер Георгиј Папаварнава