Свети Арсениј Кападокиски

"Свети Арсениј Кападокиски"

Преподобниот и праведен отец наш Арсениј Кападокиски се родил околу 1840 година во седно село во Кефалохори, во кападокиската област Фараса. Неговите родители биле добродетелни и побожни христијани, кои на овој свет довеле две машки чеда, Власиј и Теодор (кој подоцна ќе биде наречен Арсениј). Децата уште како мали останале сирачиња и за нив се грижела нивната тетка. Малиот Теодор се разболел, но на чудесен начин бил излечен од светиот победоносец Георгиј. Исцелението на едното од двете братчиња засекогаш ги сменило нивните животи: Власиј Го прославувал Бога во својот живот така што подоцна станал наставник по византиско пеење, додека Теодор одлучил да се замонаши.

Растејќи, Теодор се преселил во Нигди, а подоцна и во Смирна, за да го продолжи неговото образование.

Кога наполнил дваесет години, тој пошол во еден манастир посветен на светиот Јован Крстител, каде што се замонашил и го добил името Арсениј. За жал, околностите не му дозволиле да се посвети на безмолвие, бидејќи во тоа време имало голема потреба за учители, па митрополитот Паисиј го ракоположил за ѓакон и го испратил во Фараса да поучува сиромашни деца. Секако, сето ова се извршило во голема тајност и претпазливост, затоа што Турците не требале да узнаат што се случува.

Набрзо откако наполнил триесет години, јероѓаконот Арсениј бил ракоположен за презвитер и издигнат до архимандритско достоинство, добивајќи и благослов за духовно раководење. Со помош на Божјата благодат што му била предадена тој ги лекувал душите и телата на страдалниот народ. Во него горела љубовта кон Бога и кон Неговата икона, човекот. Маките на кои било изложено христијанското население многу го жалостеле, но тоа не го спречило подеднакво да ја исцелува болката како на христијаните, така и на муслиманите. Светиот Арсениј во секој човек гледал икона Божја, со љубов образувана. Помагал на сите колку што можел – се молел за нив, над слепите, и немите, и фатените, и демоноопседнатите им читал Евангелие положено врз нивната глава, и штом завршел, веднаш се исцелувале, или им бивало подобро. Кога му се обраќал човек со мака за која немало молитва во книгите, го користел Псалтирот. Многумина се исцелиле земајќи од земјата од прагот на неговата келија, која ја промешувале во вода, и со голема вера ја пиеле, убедени во скорото исцеление кое секако го добивале. Толкава била нивната вера и увереност во светоста на високопреподобниот Арсениј. Му нуделе пари и дарови како благодарност, а тој постојано им одговарал: „нашата вера не е за продавање“, и никогаш не прифатил од понудените дарови.

Неговата келија била едноставна, неукрасена, и се наоѓала во светот. Живеел во светот, но истовремено живеел надвор од него. Во ова му помогнало неговото правило според кое секоја среда и петок се повлекувал од светот и со часови стоел на молитва, молејќи се за луѓето кои Бог му ги доверил. Насекаде чекорел бос, и особено ги сакал животните, внимавајќи да не повреди ниту едно од нив.

За да го скрие својот добродетелен живот од очите на луѓето, и да побегне од нивните пофалби, се криел позади маската на строг, налутен и избувлив човек кој ги прекорувал жените кои пак, од љубов и благодарност кон него, се труделе да му готват и да му помагаат. На еден близок пријател му открил: „Да сакав да ме служат жени, ќе се оженев и мојата жена сега ќе ме служеше. Монахот кому му служат жени не е веќе монах…“

Жителите на Фараса имале обичај да речат дека не ги интересираат лекари: „Кога си имаме некаква мака, одиме кај Хаџиефендијата“ (така го нарекувале светиот Арсениј).

Покрај дарот за исцеленија, тој имал и пророчки дар. Со духот знаел дека неговиот народ ќе биде исселен од Мала Азија, и брзал да ги покрсти сите некрстени новороденчиња. Самиот, во поодмината возраст, ги повел жителите од неговата област кон новите живеалишта, пеш изодувајќи над шестотини километри. Претскажал и дека ќе се упокои четириесет дена по пристигнувањето во Грција, што и се остварило. Три дена пред упокојувањето му се јавила Пресвета Богородица, и чудесно го одвела на Света Гора, благословувајќи му да се поклони во црквите кои многу сакал да ги посети, а не можел. Уште и му наговестила дека за три дена ќе се претстави пред Господа, Кого цел живот Го љубел и Му служел. Во блажено успение се упокоил на 10/23 ноември 1924 година, а шеесет и две години подоцна, на 11 февруари 1986 година Вселенската Патријаршија неговото име го допишала во диптихот на светите.

Неговото духовно чедо и кумашин, старец Паисиј Светогорец, го запишал неговото житие, како и бројните чуда кои се случиле за време на неговиот свет живот, но и по блаженото упокојување. Во 1958 старецот ги пренел чесните мошти на св. Арсениј од Крф во Коница, а подоцна, во 1970г. и во манастирот на св. Јован Богослов во Суроти, во близина на Солун. Неговите мошти постојано чудотворат. Многубројни се случаите при кои болни од рак се исцелуваат, и неплодни родители добиваат рожби како дар од Бога.

Извор: „Тавор“ бр. 5