Осветување на нов храм на светите Констатин и Елена Рамноапостолни во Кратовско

"Осветување на нов храм на светите Констатин и Елена Рамноапостолни во Кратовско"

На 3 јуни 2014 година, денот кога Црквата го слави споменот на светите Константин и Елена Рамноапостолни, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, изврши осветување на новиот храм посветен на светите цареви во селото Вак’в – Кратовско. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Протоереј-ставрофор Ацо Гиревски

Слово по повод осветувањето на црквата во Вак’в

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство, почитуван ктиторе, пречесни отци, драги браќа и сестри!

Нека е честит и багословен денот кога ги празнуваме благочестивите свети цар Константин и царица Елена во чиј спомен се освети нова црква. Светиот цар Константин со силната подршка на неговата мајка светата царица Елена беа првите христијански цареви кои почнаа да градат храмови на света Ирина, на свети Архангел Михаил, на апостолите Петар и Павле и слично, и дадоа пример. Но, истовремено стана традиција до ден денес да се градат цркви и манастири, параклиси и други светилишта во чест на светите личности: Спасителот наш Господ Исус Христос, неговата Света Мајка Богородица и на светиите во Црквата.

Го следев растењето на оваа црква, заедно со самопрегорот на нејзиниот ктитор, а Господ Бог ме удостои и за радоста која денес ја споделуваме заради благодатта и светоста што свештенослужителите ја измолија на чинот осветување на чело со епархискиот архиереј г. Јосиф. Минатава година донесов на оваа свето место еден мој собрат – свештеник, кој што кога ја виде црквичката му рече на ктиторот: „Вие, ктиторе, отворивте врата преку која ќе се спасуваат многу луѓе“. Тој отец како да беше вдахновен од зборовите на праотецот Јаков, кој рекол: „Каменот што го поставив за спомен ќе ми биде дом Божји… кој ќе биде врата небеска“ (1 Мојс. 28, 17, 22). И овој храм од денес станува молитвен дом во кој Господ Бог ќе се среќава со луѓето и луѓето ќе се среќаваат со Бога. Ете, затоа претставува „врата небеска“ преку која верниците ќе се искачуваат до небеските вечни дворови на блаженствата. Со таа мисла и старозаветниот цар Давид, псалмопеачот, приближувајќи се до храмот Господен, изговорил: „Ќе влезам во Твојот дом и ќе се поклонам во Твојот свет храм со страв пред Тебе“ (Пс. 5, 7).

Така и ние, браќа, да влегуваме во црквата Божја со чувство на побожност и силна вера. Храмот Божји е свето место. Храмовите посветени на светите личности се, исто така, значаен израз за почитување на светителите. А тоа што во него го слушаме Словото Божјо и тоа што во него се извршува светата Евхаристија, е тоа е залогот и духовната потреба на секој еден од нас, на секој поклоник. Денес, на денот на осветувањето на ова светилиште, со подигањето на горништата на истите тие порти и со влегувањето на Царот на славата, прибежиште ќе најдат и богатите и сиромашните и радосните и ожалостените и младите и старите и соселаните и добронамерниците и минувачите и поклониците и кој ли уште нè, според мерката на сопствената вера! Запомнете го и ова, браќа. Отворајќи ја вратата на оваа црква се отвора и душата на секој еден кон Бога со чувство дека човекот всушност е храм Божји и дека во него живее духот Божји според зборовите на св. апостол Павле, кој што вели: „Вие сте храм на живиот Бог“ (2 Кор 6, 16). Тоа значи дека секој човек треба најнапред во својата душа да изгради храм Божји, а потоа да може да изобрази и црква од камења и од тули. Уверен сум дека со вакво чувство се градеше и оваа црква во Вак’в.

Сакам да слушнете за духовната смисла на храмот, браќа. Храмот има за цел тие кои се собираат во него и околу него, и тие кои го гледаат од блиску или од подалеку, да им се открие и пројави Невидливиот. На начин за да постане видлив сведок на Вечниот помеѓу нас, да стане будилник на совеста и човековата свест за вечните морални и незаодни духовни вредности. Подигањето на овој храм над карпата, а под неа изворот со жива вода, претставува обнова на верата, достоинството и човековата надеж.

Надежта ја спомнав во конекст на верата, но таа овде има значење и на ревитализација на испустените македонски маала, овде во Стојкарци и на други места во Македонија. Храмовите кои денес никнуваат во урбаните и во позапуштените родни огништа, веруваме дека одновово ќе го воскреснат животот во нашите напуштени родни места. Тие, исто така, нема да останат само како светилишта, туку ќе станат живи христијански заедници со литургиско-евхаристична духовна обнова, која со себе носи добри плодови: духовна радост, добра молитва, убаво чувство и искрена благодарност. А тоа ќе стане, ако според зборовите на свети Тихон Задонски „во неделите и празничните денови се посетуваат за да се учествува во светата Литургија. Литургијата е живот на Црквата, подобро речено, таа е самата Црква. А кога ќе појдеш во храмот, вели Свети Тихон, спомнувај си за сите Божји дарови, благодари за сите Негови добрини, и вети Му дека во знак на благодарност ќе живееш според Неговата света волја. Ваквото ветување е најпријатната жртва за Него“.

Ова големо дело создадено во слава и чест на светата едносушна животворна и неразделна Троица, Оца и Сина и Светиот Дух со благослов на црковните власти од ктиторот Вите Ѓoргиевски со сопругата Меланија и децата Лука и Миа; тие го изградија и фрескоживописаа овој храм посветен на св. цар Константин и царица Елена во местото Вак’в во Лето Господово од 2009 до 2014 година, кога поглавар на македонската православна црква е Неговото Блаженство архиепископот г.г. Стефан, а се освети кога надлежен архиереј е митрополитот Кумановско–осоговски г. Јосиф.

Пофалба кон зографот на оваа црква, Стојанче Андонов–Дито и кон Благој Анакиевски, кој што гоизработи иконостасот.

Нека е слава и благодарност на Бога, Кој постојано им помага на ктиторите, архитектите и градителите, помагачите, украсителите и на сите учесници предводени од своето свештенство, на чело со епархискиот архиереј, митрополитот Кумновско-осоговски г. Јосиф во изградбата на овој свет и сечесен храм. Амин!