Свети Николај Чудотворец

"Свети Николај Чудотворец"

Светоста не може да се сокрие. Таа е како свеќа поставена на свеќник и како град кој стои на врв планина. Во првиот случај, таа го осветлува просторот околу себе. Во вториот – оддалеку се гледа, без оглед на тоа од која страна човек ѝ се приближува.

Светоста го надминува растојанието меѓу луѓето и епохите. Различната јазична средина и различната културна позадина не им сметаат на луѓето дури и неколку векови подоцна непогрешливо да ја препознаат светоста и да ѝ се поклонат.

Таков е и Николај Чудотворец.

Кога меѓу светителите би можело да има завист или натпревар во почитувањето од страна на луѓето, многумина намуртено би го гледале Николај. А како и да не прават така! Со толку широко почитување на сите континенти не може секој да се пофали. Но секако, меѓу светителите нема завист. Меѓу нив владее молитва и искрена љубов. А ние, патници и придојдени, кои го минуваме својот овоземен пат, имаме сериозна тема за размислување.

Причина за масовното и вековно почитување на Николај Чудотворец лежи во неговото внатрешно богатство. Притоа, тој толку вешто ја сокрил тајната на својот внатрешен живот од надворешните очи, што нам не ни се познати речиси никакви факти од неговата биографија. Славата го стигнала Николај откако ја напуштил земјата и влегол во небесниот свет, односно тогаш кога минала опасноста од гордоста и суетата (овие неизбежни сопатници на славата и пофалбата).

Споменот на свети Николај го одбележуваме најмалку двапати годишно, а често служиме и секоја седмица, в четврток, и му ги упатуваме своите молитви. Во предновогодишниот период во ова чествување има големи примеси на циркузијанство што ги лути луѓето кои навистина го љубат светителот. Треба да се разгледа прашањето за облиците и начините на почитување на св. Николај преку кои навистина би бил прославуван овој угодник Божји, а нам би ни донеле реална корист. „Угледајте се на мене, како јас на Христа“, рекол апостол Павле во едно од неговите посланија. Тоа не е поединечен повик, упатен кон еден конкретен аудиториум. Тоа е духовен закон. Според овој закон, човекот стекнува крисни навики, у чи и расте угледувајќи се на оние кои се подобри од него; кои отишле подалеку од него и го викаат кон нив. Важно е да се истакне дека Павле не вели „угледајте се на Христа“, туку „угледајте се на мене, како што јас се угледувам на Христа“.

Тоа значи дека возвишеното гледање на Господа не им поаѓа од рака на сите и веднаш, туку прво треба да у чиме од оние кои на Бога Му се блиски.

Сега повторно да го упатиме погледот на умот кон Николај Чудотворец. Во што можеме да се угледаме на него и како, преку тоа угледување, да покажеме максимална почит кон светителот? На пример, преку тајното чинење на добри дела. Ова не е баш најпријатно дело за човекот што го разјадуваат тајни болести, кој сака пофалба и копнее за слава. Но, токму тоа е она по кое се прославил св. Николај, кој анонимно им помагал на луѓето што ги снашло неволја.

Не е тајна дека светителите ни го оживуваат Евангелието на Господ Исус Христос, воплотувајќи го во нивното однесување. Значи, словото Божјо ни говори за „Отецот, Кој го гледа тајното и наградува јавно“, и нѐ повикува молитвата, милостината и постот да не ги извршуваме за да нѐ видат луѓето, туку поради Господа. Меѓутоа, вообичаено честото читање на овие зборови нималку не нѐ доведува до нивно исполнување на дело, и ние продолжуваме да правиме добри дела, тајно посакувајќи признанија и пофалби. Потребни ни се примери. Потребни ни се живи луѓе кои словото и мислата ги претвориле во дело и кои постојано се раководеле од заповедите, а не одвреме-навреме.

Таков е св. Николај. Тој, со срцето добро знаел што рекол еден од египетските отци, имено: најпостојано и најисправно е она добро што се прави тајно. Николај сакал да замине од светот, за да Му служи на Бога во осаменост, преку пост и молитва, за ништо да не му го одвлекува вниманието. Но Бог, Кој го познава човекот подобро одошто тој сам себе се познава, на Николај му покажал друг пат. Овој пат се состоел во грижа за паствата и живот меѓу мноштво луѓе кои се расколебани од страсти. Така, подвижникот бил лишен од надворешна осаменост и бил приморан да ја бара внатрешната. И повторно, во ова можеме да се угледаме на него.

Веќе кажавме нешто за тоа дека човек ретко ја сфаќа убавината и вредноста на тајното добротворење. Своето (ионака мало) добро дело, тој е склон крајно да го упропасти и да се лиши од идната награда поради себерекламирање и „трубење пред себе“, што Христос го осудил кај лицемерите. Ликот на Николај во оваа смисла не само што врз нас излева топла светлост, туку и нѐ у чи да го менуваме својот живот во склад со евангелската вест.

Втората лекција што овој светител ни ја упатува се состои во потребата да го чуваме и воспитуваме својот внатрешен човек. На монашки живот се склони многу малку луѓе. Но, за повремено бегство од испразнетоста, за молк и молитва, време треба да пронајде секој оној кој не гледа само на надворешноста и кој не живи само во надворешниот, туку го чува и негува и својот внатрешен свет.

Кога човек стои пред Господа, еден на еден, тоа е извор за сила за него. И оној кој извршил многу евангелски, големи и корисни дела, треба само со едната страна да биде завртен кон светот и луѓето. Другата половина на неговиот живот треба да биде во Бога сокриена, во заедницата со Него.

Честитки, подароци, црвени кловновски носеви, торби на грбот, детска смеа, брада од вата… секако, пред Божик сме. Но, и во овој весел џагор со очекување на изненадувања би било убаво да се внесе евангелски квас. Проблемот е што децата за време на овој (и не само на овој) празник се насочени кон добивање наразлични нешта: внимание, нежност и подароци. И самите тие, кога ќе наполнат одреден број години, можат да бидат не само потрошувачи на добра, туку и творци на секакво добро.

„Дали го љубиш св. Николај Чудотворец? А дали знаеш што е тајната на неговата популарност и љубовта што многумина ја имаат кон него? Тајната е во тоа што тој ги помнел и ги исполнувал зборовите од Библијата: ‘Поблажено е да се дава, одошто да се зема’. Твојата почит кон св. Николај ќе ја покажеш ако во тоа се угледаш на него. Помогни им на родителите низ дома. Помогни му на другарчето кое заостанува со у чењето, помогни му за предметот што го знаеш и разбираш подобро од него. Денес, но и секој друг ден, на големиот одмор сподели го сендвичот со твоето другарче. Размислувај и за другите, а не само за себе. Зашто, да се даде не значи само да се подаде некој денар од рака на рака. Може да се дарува и време, и сила, и знаење, и грижа, и молитва. Со тоа треба да се занимаваат сите, па и децата“.

Овој начин на оддавање почит кон светителот е многу потребен, а за жал, денес ова не е главен и општоприфатен начин за искажување на љубовта кон св. Николај.

И уште еден многу важен момент: свети Николај сега жител на Небесното Царство. Разговорот за него е одличен начин да се започне разговор за бесмртноста на душата, за духовниот свет, на победата на доброто кое е сторено во името Божјо. Ако е со деца е тешко или неможно да се зборува за мачениците, поради страшните маки што тие ги претрпиле, тогаш за светител како св. Николај може секогаш да се зборува. Само, да внимаваме ликот на светителот да не го „завиткаме во целофан“ премногу, да не биде „пресладок“. Да не се сведе сѐ на еден дедо со торба, на детски писма со молби за подароци во кои се гледа дека апетитот на младата генерација е прераспламтен.

На денешните деца веќе не им е до чоколатца. Децата сѐ повеќе молат за плеј-стејшни и нови модели на мобилни телефони. А родителите, овие „дарители“ и „виновници“, овие егоисти и прикриени атеисти, погодно се смеат над писмата и молбите на нивните деца.

Добро би било ако светителот не го забележи сето она мало и ништожно во нашите празници што му ги посветуваме. Но, ако го забележи и се разгневи? Зашто, преданието ни говори за шлаканицата што еретикот Ариј ја добил од раката на св. Николај. А ова значи дека светителот не ни е даден за бесконечно да ни дели подароци или да се грижи само за оние што по вода пловат. Тој ревнува за Вистината. Треба да го почитуваме така што би ја избегнале неговата шлаканица на нашиот образ.

Воопшто, треба да се размислува за почитувањето на светителите, за да не ги почитуваме единствено на служба и со богата трпеза. Зашто, може да се најдат и други законити и благочестиви начини за изразување на љубовта кон светителите.

На празниците на секој од евангелистите, на пример, можеме во храмот да организираме читање на соодветното Евангелие. А и секој светител чии книги влегле во Библијата може да ги почитуваме на овој начин. На празникот на св. Јован Милостив или Филарет Милостив, самиот Бог ни заповеда да се угледуваме на делата на љубовта што овие светители ги правеле. На празникот, пак, на св. Симеон Столпник секако дека нема да се искачиме на маса, но може да се обидеме да го исклу чиме мобилниот, телевизорот или компјутерот на неколку часа, и за тоа време да поседиме во тишина.

Потребна ни е креативност и свеж поглед. Оти, и самите светители не се законици и формалисти, туку во наголем степен интересни и длабоки луѓе.

Значи, зима е, ни доаѓа Божик, се чувствува тајната во ладниот воздух, и повторно се подготвуваме да ја славиме славата на свети Николај. Како ќе ја прославиме?

Протопрезвитер Андреј Ткачев

Извор: „Тавор“ бр. 8