„Дојдете на гробот на овој велик пастир,
пастир на Руската Црква,
и од него поучете се како да бидете
пастири во светот…“
Овие зборови биле кажани на погребението на светиот протојереј Алексеј Мечев, кој е редок пример на брачен свештеник со дар на прозорливост. Овој дар му овозможил да ги исцелува бројните измачени души, според преданието на великите Оптински старци, чиј духовен потомок бил отец Алексеј. И, како и правениот Јован Кронштадтски (уште еден од неговите учители), овој опитен лекар делувал среде една голема митрополија, со сите искушенија кои таквиот живот можел да ги донесе. Макар што неговото житие сè уште не е напишано, од спомените на неговите духовни чеда ни се открива човек со пребогат пастирски опит, и совети од кои и ние, денес, можеме да се поучиме.
Отец Алексеј се родил во 1860 година, како син на хороводителот на хорот на св. Филарет, митрополит Московски. Неговото семејство живеело во скромни услови. „Никогаш немав своја соба“, се сеќавал отец Алексеј: „Сиот мој живот го поминав со луѓе околу мене!“ Според единственото зачувано писмо од преписката со неговата сопруга Ана, може да се заклу чи дека бил среќно оженет; имале неколку деца, но набргу таа се упокоила. Од децата само неговиот син Сергеј, кој станал свештеник и завршил со свештеномаченичка смрт (во 1941 година) останал во блиски односи со отец Алексеј.
Пастирствувањето на отец Алексеј не било лесно. Пишувајќи за првите години од неговата свештеничка служба, тој раскажува: „Цели осум години служев Литургија секој ден во празна црква. Еден протојереј ми рече: ‘Кога и да поминам покрај твојата црква, камбаните бијат. Еднаш влегов внатре, и гледам – нема никого. Ништо нема да направиш. Камбаните бијат попусто.’“ Но, отец Алексеј упорно продол жувал да служи – и народот започнал да доаѓа. Многу народ се слевал во црквата, и оваа приказна светиот Алексеј ја кажувал секогаш кога го прашувале како да се изгради една парохија. Неговиот одговор секогаш бил: „Моли се!“ „Дојдете на гробот на овој велик пастир, пастир на Руската Црква, и од него поучете се како да бидете пастири во светот…“
Едно од неговите духовни чеда пишува: „Во домашните работи отец Алексеј беше целосно едноставен и скромен. Во неговата мала работна соба имаше едно чудо книги – отворени, затворени, писма, многу просфори на масата, здиплен епитрахил, а до него крст и Евангелие, и малечки икони. Општиот хаос ја означуваше зафатеноста на свештеникот, тоа значеше дека тој нема слобоно време, и дека некој секогаш го чекаше некаде – дома, на улица, в црква – некаква голема задача на која ѝ беше потребна неговата љубов и саможртва.“
Главната порака на отец Алексеј била: „Живеј за другите, и ти самиот ќе бидеш спасен.“ Честопати велел: „Да се биде со луѓето, да го живееш нивниот живот, да се радуваш со нив, да тагуваш со нив… тука лежи значењето и животот на еден христијанин, особено на еден пастир.“ Животот на праведен Алексеј бил предаден на служба на другите. Како што сведочат неговите духовни чеда, „пред неговиот дом имаше редици од работници и загрижени луѓе од рано наутро. А батушка успеваше да зборува со сите нив, да ги ислуша, да ги утеши… Никогаш не беше сам. Секогаш имаше луѓе околу него. Само еднаш или двапати ми рече дека сака да биде малку сам, но само толку, не повеќе: ‘Ајде да појдеме в манастир!’ велеше во шега. ‘Јас, ти, сите ние, заедно.’“ Луѓето, а особено интелектуалците, имале потешкотии да го сфатат и прифатат пристапот на отец Алексеј затоа што, едноставно кажано, тие не ја сфаќале основата на христијанството.
Ова може да се види од примерот што го напишал Владимир С.: „Отец Алексеј го запознав веднаш по Февруарската револуција во 1917 година. Се сеќавам дека кога прво појдов во црквата во Маросејка, многу нешта ми сметаа. Всушност, се работеше за вистински судир меѓу умот и срцето, меѓу приврзаноста кон Законот, од една страна, и длабоката љубов – која го покриваше и исполнуваше Законот – од друга страна… Ми сметаа многу работи затоа што мојата љубов кон Бога беше слаба, зашто на верата гледав како на пат кон задоволување на жедниот и љубопите интелект. Ми се допаѓаше строгиот, добро организиран и хармоничен систем од догми, уживав во убавината и универзалната сообразност на црковните обреди. Верував во Бога, ѝ бев посветен на Црквата, но имав мала љубов кон Господа. И овој ладен, рационален став кон верата постепено ме уништи, и ме доведе до тоа да го напуштам својот духовник… Кога дојдов во Маросејка… го видов следново: еден низок свештеник со брчкаво лице и замрсена брада служеше со еден стар ѓакон. Свештеникот носеше избледена, виолетова камилавка; служеше некако забрзано и (изгледаше) невнимателно: постојано излегуваше од олтарот некого да исповеда, понекогаш зборуваше или бараше некого; самиот делеше просфора. Сето ова, а особено исповедувањето за време на Литургијата, имаше иритирачки ефект на мене. И тоа што жена читаше Апостол, и тоа што имаше многу луѓе за Причест, и тоа што се служеше водосвет по Литургијата… Ништо од ова не беше во склад со моето убедување дека црковните обреди мора да се служат еднообразно, дека тоа е апсолутно обврзувачки. Но, со тек на време, јас неволно се приврзав за Маросејска; се навикнав на богослужбите, и нивното отстапување од типикот веќе не ми пречеше. Напротив, никаде не можев да се молам толку усрдно како што можев во Маросејската улица, во црквата на св. Никола. Таму човек можеше да почувствува дека и ѕидовите се исполнети со молитва, се чувствуваше заразна молитвена атмосфера што не можеше да се најде во другите цркви. Некои луѓе, дали од навика или од желба да слушаат како ѓакон кажува ектении или како пее некој хор, одат во богати и обновени цркви; а ваму, луѓето доаѓаа само поради една причина – да се помолат…
Се случуваше кај отец Алексеј да дојде човек со сложен проблем од областа на догматиката. Тој ќе му речеше: ‘Оти ме прашуваш мене, јас сум неписмен… Ти сакаш вечно да живееш според твојот ум; треба да се обидеш да живееш како што живеам јас – според срцето.’ Овој живот преку срцето ги објаснуваше неговите отстапувања во црковните богослужби. Кога разумот велеше дека е неопходно да се внимава на правилата од Типикот – да не се исповеда за време на Литургија, да не се причестуваат оние што доаѓаат после започнувањето на Литургијата или после самата Литургија, итн… – неговото срце кое гореше од љубов му дозволуваше да го занемари тоа што разумот го велеше. Знаеше да рече: ‘Како би можел да одбијам некого кога сака да се исповеда? Можеби таа исповед е неговата последна шанса, можеби доколку го одбијам ќе му ја рушам душата? Христос никого не одби, и на сите им велеше «Дојдете при Мене…» Ти ме прашуваш за Законот, а не знаеш дека «Љубовта е исполнување на Законот» (Рим. 13,10)’“.
Можеби според коментарот на Владимир некој ќе си помисли дека отец Алексеј воопшто не се грижел, или немал познавање на богослужбените правила, но тоа не е точно: „Како првокласен познавач на Типикот и богослужението, тој сè забележуваше, сè гледаше, сите грешки и испуштања од богослужбите, особено оние на младите луѓе со коишто служеше на крајот од неговиот живот (и особено сакаше да богослужи со нив). Но, оставаше впечаток како ништо да не видел ни забележал. Откако ќе поминеше некое време, во погодно време ќе започнеше да зборува за тоа. Очигледните грешки – или оние кои имаа поголемо влијание врз службата – ги поправаше сам, но на толку промислен начин што никој не забележуваше: или самиот ќе почнеше да го пее тоа што не било испеано, или ќе го стори тоа што некој друг требало да го стори. Ова е навистина ретка особина меѓу свештенството.“
Отец Алексеј често велел дека „секој човек има негов сопствен пат кон спасението. Не треба да поставуваме еден заеднички пат за сите; не треба да се бара некаква формула за спасение која би ја примениле врз сите. Луѓето се раѓаат со различни карактери, различни способности, интелекти и различна градба – и така, сите кон Христа чекорат со различен чекор, по свој пат. Поради тоа, за христијаните се подеднакво спасителни девствениот монашки живот, и животот во брак; и да се биде свештеник, но и лаик, и повикот на војникот, и повикот на судијата – сè додека Христос пребива во срцето… А задачата на старецот или духовниот отец е да го открие повикот на човекот, и да го посочи патот по кој треба да чекори кон Господа.“
Со неговиот дар на прозорливост, отец Алексеј немал потреба да зборува со неговите „пациенти“ за да ги открие нивните болести. А од неговите „третмани“ се гледа дека овој вешт лекар бил човек „не од зборови, туку од дух, од сила“: – Изгледаше како батушка да не зборува многу; од самиот негов лик, неговата насмевка, очите, се излеваше таква нежност, такво разбирање, што самото тоа ги утешуваше и укрепуваше луѓето без ниту еден кажан збор… Всушност, како што велеше, тој ги „олеснуваше“ гревовите на луѓето; ги преобразуваше луѓето од очајни, потиштени песимисти во христијани кои постојано се радуваа во Господа. Човек требаше само да погледне во неговиот поменик, во кој беа запишани стотици имиња на живи и упокоени, книгичка која постојано ја водеше со себе, и ќе сфатеше што сака да каже кога велеше „Сите ве носам тука“, покажувајќи на неговото срце.
Досегот на пастирското влијание на отец Алексеј може да се види од десетиците илјади луѓе собрани на неговиот потреб. Заупокоената Литургија ја отслужил епископот Теодор Поздејев (подоцна архиепископ и новомаченик), во сослужение со осумдесет архиереи, јереи и ѓакони. Затворениот патријарх Тихон, пуштен на слобода неколку часа, се придружил на поворката и се помолил за упокоениот. Сето ова било соодветно оддавање почест на еден знаменит пастир кој за многумина бил Божји аголен камен.
Извор: „Тавор“ бр. 6