добриот пастир на изгубеното стадо во Америка
чија светост беше свечено објавена од
Светиот Синод на Православна Црква на Америка
на 29 март 2000 година
Во последните децении на деветнаесеттиот век, во Америка се слеало поголемо течение на имигранти од Средниот Исток. Познати како „Сиријци“, голем број од овие имигранти со православна вера и арапска култура ги напуштиле нивните древни градови и села трагајќи по нови и посветли изгрејсонца во Новиот свет. Како што се зголемувал нивниот број во Америка, така се зголемувала и нивната потреба за духовно раководење. На чудесен начин, овие новоамериканци разбрале дека има некој млад, побожен свештеник – Сириец, отец Рафаил, кој во тоа време бил архимандрит и професор по арапски јазик на Казанската богословска академија во Царска Русија. Предводени од водачот на нивната заедница, д-р Ибраим Арбили, тие стапиле во контакт со младиот свештеник, со барање да дојде во Америка за да им биде пастир и духовен отец.
Неколку интересни обележја се јавуваат како што се одмотува клопчето на животот на св. Рафаил. Првото од нив е таинствениот начин на кој Бог го извел од неговата татковина на бреговите на американскиот континент. Второ, неговата покорност пред Божјата промисла. И трето, неговата љубов за народот Божји. Иако за време на овоземниот живот не бил ниту чудотворец, ниту прозорлив старец, св. Рафаил водел живот на целосно себеодрекување за-ради служењето на Бога и неговите ближни: вистински подвижнички живот. Неговата порака за нас, кои живееме на почетоците од дваесет и првиот век е исто онолку едноставна и длабока, како и Човекот Кој прв ни ја открил: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене“ (Мт. 16,24).
Светиот Рафаил нам ни го открива царскиот пат до спасението. Тој не барал почести за себе. Она што најмногу се открива од неговиот живот и служба е јасната негрижа за себеси. Тој бил следбеник на својот Учител и бил подготвен за Него да плати било каква цена. Колку и да се чинело дека Крстот е тежок, колку и да фале-ле наградите, тој одел по Него. Исклучителен човек кој можел да зборува неколку светски јазици, образован во грчки и руски бо-гословски училишта, св. Рафаил не нѐ восхитува како длабок мислител или богослов, туку пред сѐ, како добар пастир кој душата ја полага за своите овци. Неговите писанија и проповеди се потполно практични, изградени врз Светото Писмо и неговиот животен опит. Тој Го следел Христа. Како што вели пророкот Исаија, без никакви планови за себе, тој едноставно, во секое време и на секое место велел: „Еве ме мене, испрати ме мене“ (Ис. 6,8).
Тој е пример на ликот на еден вистински и предански православен епископ. Верата ја примил од неговите предци и верно сакал да ја предаде токму таа вера на неговите духовни чеда. Тој бил голем молитвеник. Го љубел и живеел литургискиот живот на Црквата и токму тој бил негова духовна поддршка. Не бил новотар; не „изменил“ ништо. Во неговата пастирска работа немал агенда, само сакал да биде верен на одговорноста којашто ја примил. Луѓето на коишто им служел ја преокупирале неговата мисла. Како да ги смири непријателите? Како да се возобнови застареното? Како да се воспитаат децата? Како да се започне мисија? Како да се поучи еден свештеник? Исклучително е наследството на неговите постигнувања: основал триесет парохиски цркви, напишал и превел четиринаесет книги, вклучително и Малиот и Големиот требник, ја основал катедралата „Св. Николај“ во Бруклин, напишал многу статии во „Слово“ (православно списание) итн.
Но, овие постигнувања не ја откриваат вистински светоста на неговата душа, ниту пак ни ја предаваат неговата величина. Попрво, таа може да се најде во животите на луѓето на кои им Го открил Христа и Неговата Црква. Илјадниците луѓе кои биле присутни на неговиот погреб и му оддале последна почит, сите во св. Рафаил ја виделе иконата на Бога Кому тој Му служел и Го љубел. Како и Неговиот Пастир, и св. Рафаил го положил својот живот за неговото стадо. Како и великиот пастир, св. апостол Павле, со неговото тело ги дополнил страданијата Христови (Кол. 1,24). Тој не бил наемник; љубејќи ги своите, ги љубел до крај. Токму оваа љубов го соединила со Бога, и во неа сме соединети ние со него. Токму оваа љубов го осветила и во неа пребива во Царството небесно. Како зборовите на нашиот богоносен отец Јован Лествичник да се воплотени во св. Рафаил: „Љубовта дарува пророштва, чуда. Бездна е на просвештение, вруток на оган кој извира за да ја разлади жедната почва. Таа е ангелско положение и вечно течение.“
Свети Рафаил се родил околу Соборот на архангелите, 8/21 ноември 1860 години во семејство на побожни и православни жители на Дамаск, Михаил и Меријам Хававини. Поради острите прогонства на христијаните во јули 1860 г., од кои Црквата родила стотици новомаченици (меѓу кои е и новосвештеномаченикот Јосиф Дамаскин, парохискиот свештеник на семејството на св. Рафаил, чијшто спомен се празнува на 10/23 јули), Михаил и неговата бремена сопруга Меријам пребегнале од Дамаск во Бејрут. И токму во тој град идниот свети-тел за прв пат ја здогледал светлината на денот. Како што течел животот на детето станало јасно дека тој ќе нема „свој“ град во овој свет, туку ќе копнее по градот што до-аѓа (Евр 13,14).
Основно и средно училиште светиот Рафаил завршил во парохиските училишта во Дамаск, а првото богословско образо-вание го стекнал во богословското учи-лиште на Халки, во близина на Истанбул (Вселенска патријаршија). Подоцна учел на Киевската богословска академија во Царска Русија. Токму тогаш сириско-арапската заедница во САД станувала сè побројна, и остварила контакт со св. Рафаил, кој тогаш бил свештеник, канејќи го да дојде во САД. Свети Рафаил се сретнал со епископот Николај во Санкт Петербург и во 1895г. со него се вратил во САД за да служи во сириско-арапската заедница. Тој бил одговорен за целата Сириска православна мисија, и бил назначен за парох во Њујорк, каде што ја основал и првата парохија. Го надгледувал развојот на други доселенички заедници, постојано патувајќи низ САД во 1896 за да ги организира парохиите. Во 1898 г., св. Рафаил го објавил арапскиот превод на Великиот требник за употреба во неговите цркви. Подоцна истата година, тој бил претставник на Американската мисија при дочекот на св. Тихон (Белавин), новиот епархиски архиереј. На 15 декември 1898 г. во една своја беседа за мисијата на св. Тихон, св. Рафаил рекол: „Тој беше испратен да го води стадото Христово – Руси, Словени, Сириски Арапи и Грци – расеани по Северноамериканскиот континент.“
Свети Тихон ги препознал добрите особини на св. Рафаил и сакал да го постави за викарен епископ во една од реорганизираните епархии. Во 1903 заминал за Русија и побарал благослов за ваквиот план. Синодот на Руската Црква го одобрил неговиот предлог, и дополнително го назначил и ракоположил епископот Инокентиј за викарен епископ на Алјаска. На 12 март 1904 година св. Тихон и епископот Инокентиј отслужиле Божествена Литургија во црквата на св. Николај на Менхетен, на којашто св. Рафаил бил наречен за епископ Бруклински. Следниот ден, во црквата на св. Николај во Бруклин бил хиротонисан за епископ, откако го прочитал епископското исповедање на верата на словенски и арапски јазик.
По неговата хиротонија, св. Рафаил ја продолжил неговата мисија меѓу православните Сиријци, и исто така му помагал на св. Тихон и неговите наследници во раководењето со мисијата во Северна Америка: претседавал со Црковниот собор во Пенсилванија, одржан на 2 август 1905 г., ги осветил темелите на првиот православен манастир во Новиот свет, го основал православното списание „Слово“. После дваесетгодишна служба во Северна Аме-рика, св. Рафаил во Христа се упокоил во неговата резиденција во Бруклин, на 27 февруари 1915 година. Во времето на неговото упокојување, тој раководел со триесет парохии и над 25 илјади верници.
Иако историчарите го паметат св. Рафаил како учен богослов, надарен мисионер, плодотворен преведувач и автор, и прв ракоположен епископ во Новиот свет, меѓу верниот и побожен народ се чува неговиот лик на добриот пастир кој го собира расеаното стадо, кој го води неговото стадо на безбедно и раззеленето пасиште и на крај својот живот го положува за нив. Постојат мноштво случки и приказни поврзани со неговата неуморна служба како посредник и миротворец, кој ги поддржува немоќните и старите, им влева храброст на младите и обесхрабрените, ги штити вдовиците и сираците, ги брани оние кои немаат ништо и бедните. Обемот на неговата самопожртвувана пастирска служба е запишан и откриен во неговите уред-но и рачно пишувани мисионерски дневници, во кои до детаљ се опишани неговите патувања по безброј градови, села, далечни фарми и ранчови во САД, Канада и Мексико. Следниов опис совршено може да ни илустрира зошто тој е познат како „добриот пастир на изгубеното стадо во Северна Америка.“
Еднаш, враќајќи се кон Њујорк од едно мисионерско патување, св. Рафаил пристигнал во некое мало гратче доцна вечерта. Следниот воз требало да пристигне утредента рано наутро, па св. Рафаил го зел багажот, и тивко свратил до еден хотел во близина. Тој бил потполно исцрпен од неколкумесечните патувања, а во гратчето во кое требало да преноќи немал познаник со кого би можел да се види. И, наместо да го искористи слободното време за одмор кој му бил повеќе од потребен, тој го сместил багажот во малечката соба, и пошол по темните улици на непознатото гратче, надевајќи се дека можеби ќе наиде на некој православен христијанин кому би можел да му проповеда. Откако неколку часа ги запирал луѓето и ги прашувал за нивната вера, конечно наишол на една мала група млади православни Арапи, со кои радосно ја поминал целата вечер и раните утрински часови, утешувајќи ги во нивната осаменост, нудејќи им татковски совети и поуки, поучувајќи ги и утврдувајќи ги во верата, исповедувајќи ги. Неволно се разделил од нив, итајќи по багажот во хотелот, а потоа повторно во воз. Речиси без здив стигнал на железничката станица, и бр-зајќи успеал да се качи на возот. Но, повторно, пред да ги затвори очите и да им пружи малку одмор среде гласните сопатници, тој внимателно во неговата тетратка ги запишал имињата и адресите на новооткриените духовни чеда, впи-шувајќи ги нештата што им ветил дека ќе им ги испрати – некому молитвеник, на другиот икона, на третиот бројаница, а на сите нив – молитви и благослов.
Чесните мошти на светиот Рафаил најпрвин биле положени во една крипта поставена под олтарната трпеза во соборниот храм на св. Никола во Њујорк (на 7 март 1915г.); потоа биле пренесени во сирискиот оддел на бруклинските гробишта (2 април 1922г.), и конечно, пренесени на воскресенските почивалишта во Антиохиското село во близина на Лигоњер, Пенсилванија (15 август 1988 г.).
Извор: „Тавор“ бр. 5