На 27 jануари 2014 година, на одданието на Светото Богојавление, кога Црквата го слави споменот на светиот Сава, архиепископ Српски и светата Нина, рамноапостолна просветителка Грузиска, во манастирот на свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане, митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф отслужи света Златоустова Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни. После Литургијата беше осветен славскиот колач.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Сеќавајте се на вашите учители, што ви го проповедаа Словото Божјо
и угледувајте се на крајот од нивниот живот, поддржувајќи ја така верата нивна.
Ако некогаш треба да се потсетиме на овие зборови од Светото Писмо, токму денес е вистинското време за тоа. Зашто денес, братскиот српски народ го слави споменот на светиот Сава, светителот и просветителот којшто им го проповедаше Словото Божјо, кој што им проповедаше за Царството Небесно, Царство во кое нема ни Грк ни Евреин, ни Србин ни Македонец.
Светите Отци, драги Браќа и Сестри, се најголемото наше богатство, кое ја содржи сета наша вера – православна, христијанска. Светите Отци се најсигурните наши учители за моралноста и небесни патокази кои нè водат кон Царството Небесно. Тие, како пастири на својот народ, го проповедаат најголемиот Пастир, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој е наш Пастир и образец за секој пастир.
Возљубени во Господа,
Денес кога го славиме споменот на светиот Сава, ние го славиме споменот на светителот којшто ги презрел сите земни богатства. Тој ја жртвувал царската круна; ги презрел удопствата што ги носи царското достоинство, ги презрел сите земни суети, па својот живот го посветил на Бога и на својот народ, со тоа давајќи ни пример на сите нас, како треба да се сака верата и како треба да му се служи на народот.
Ние денес, можеби немаме таква можност да жртвуваме толкаво богатство, но сигурно можеме на дело да покажеме како се живее братски, зашто сите ние имаме еден Отец и сите ние сме жители на едно царство.
Само ако сме спремни да се жртвуваме едни за други, како браќа и роднини, како соседи и колеги, како другари и пријатели, ќе покажеме дека сме христијани, и дека ништо не може да биде алтернатива, кога станува збор за нашата вера во Бог Света Троица.
Сите ние треба да знаеме, дека иако припаѓаме на различни народи, ние сме еден народ – Христов народ, и ништо не може да нè направи различни, зашто сме едно во Бога. Само ако така си пристапиме едни кон други, ќе можеме да се наречеме ученици на светителите чиј спомен го славиме, или ги имаме за наши молитвеници пред Бога.
Драги браќа и сестри, честитајќи ви ја денешната слава, кога го славиме споменот на свети Сава, сакам да се угледувате на неговиот живот и да живеете достојно според позивот кон кој што сте повикани, со сета скрушеност и смиреност, да си помагате едни со други во љубов, и секогаш да се грижите да го одржите духовното единство.
Благодатта, мирот и љубовта од Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, да бидат секогаш со вас. Амин.