Американскиот часопис „Тајм“ го прогласи папата Франциско за личност на годината.
„Во време кога границите на лидерството се ставени на тест на толку многу места, се појави еден човек без армија и оружје, без кралство поголемо од една педа во центарот на Рим, но со огромно богатство и позадина, со што самиот стана предизвик. Светот сè повеќе се смалува; индивидуалните гласови сè погласно се слушаат; технологијата прави добродетелите да се шират вирално, така што неговата проповед доспева до сите краеви на земјата.
Без разлика дали целива обезличен човек, или ги измива нозете на жена-муслиманка, неговата икона ги надминува границите на Римо-католичката црква.
Тој го избра името на еден скромен светител, а потоа ја повика Црквата да исцелува. Првиот неевропски папа по 1200 години е подготвен да го преобрати местото каде што се потребни векови за нешто да се промени,“ наведуваат уредниците на „Тајм“.
Аргентинецот Хорхе Бергољо (76) е скромна личност, способен администратор и човек со длабока вера.
Тој исто така по многу работи е прв – прв папа со неевропско потекло во современата историја, прв поглавар од Јужна Америка и прв језуит на чело на Римо-католичката црква.