Вчера (9 февруари 2014), околу седум часот наутро по локално време, еден вооружен маж влегол во соборниот храм посветен на Светлото Воскресение Христово на далекуисточниот остров Сахалин, пукал во насобраните верници и смртно ранил една монахиња и верник кои се обиделе да го спречат нападот, јавуваат руските новински агенции. Полицијата веднаш го уапсила напаѓачот, кој работел како чувар во една приватна агенција за обезбедување. Мотивот за нападот, во којшто се ранети шест лица не е утврден, а името на извршителот не е обелоденето.
Според отец Виктор Горбач, свештеникот кој бил очевидец на настанот, по завршувањето на службата мажот влегол во црквата и започнал да пука по луѓето и фреските. За среќа, во црквата не се задржиле многу луѓе, а дел од присутните успеале и да побегнат. Сестра Људмила и парохјанинот, луѓето коишто се обиделе да го спречат нападот, се убиени, јавува Асошиејтед Прес.
Уредниците на рускиот православен портал „Правмир“ посочуваат дека вчера, кога Црквата го празнувала споменот на Светите Руски новомаченици и исповедници, кон тој собор се вброиле два нови члена: новопретставената монахиња Људмила, којашто името го добила по светата новомаченичка Људмила Петрова, и непознатиот човек кој стоел на молитва. – Таа, продолжуваат тие, – е маченик за верата, затоа што убиецот пред да започне да пука извикал дека ја мрази Црквата, го мрази христијанството и Христа. Но, и непознатиот човек кој стоел на молитва, а кој штом увидел дека на луѓето им се заканува опасност, започнал да му вика на насилникот да престане со намерата, и тој се удостои со маченичка смрт.
Во Москва, Патријархот Московски и Серуски г. Кирил изјави дека „оние кои се обиделе да го спречат напаѓачот умреле како херои, како војници на фронт“, наведува Интерфакс. Според првичните информации, нападот не е поврзан со Олимписките игри во Сочи.
Агенцијата РИА јави дека повеќето од ранетите верници се погодени во нозете и се вон животна опасност. Нападот се случи само шест дена откако во Москва еден тинејџер усмрти професор и полицаец, а соучениците ги држеше во заложништво.
Истражниот комитет соопшти дека тим од психијатри ќе разговара со притворениот сторител, за да ја утврди неговата душевна состојба.
Извор: Танјуг / Правмир