Нови информации околу убиството во црква во Јужно-Сахалинск

"Нови информации околу убиството во црква во Јужно-Сахалинск"

Медиумите во Русија деновиве објавуваат нови информации поврзани со неделното убиство на монахињата Људмила и непознатиот човек во Воскресенскиот Соборен храм во Јужно-Сахалинск.

Сторителот на грозоморното убиство, Степан Комаров, кој бил приведен во неделата, ја признал својата вина. Според г-ѓа Наталија Маконина, портпарол на Истражниот оддел во Истражниот комитет на Сахалин, убиецот изјавил дека во моментот на убиството бил во алкохолизирана состојба. Тој сè уште не ги открил мотивите за убиството. Според г-ѓа Маконина, истиот ќе биде испратен на психијатриско вештачење.

Во меѓувреме била идентификувана втората жртва во убиството – неидентификуваниот возрасен парохјанин. Имено, се работи за човек познат на храмовата заедница – Владимир Запорожец, бездомник кој поминувал цели денови во тремот на храмот, просејќи помош од парохјаните. Според изјавите на очевидци, единствено тој бил доволно храбар да истрча на помош и да ги спаси нивните загрозени животи.

Според отец Виктор Горбач, очевидец на убиството, Владимир Запорожец бил чудесна личност: „Штом ги чу истрелите, тој потрча да ги спаси луѓето. Ова негово дело го менува нашиот став кон луѓето што се како него. Многумина од нас ги сметаат просјаците за безвредни луѓе. Но, сега еден од нив застана во одбрана на Црквата. Тоа е вистински подвиг“, изјави младиот свештеник. Според неговите изјави, Степан Комаров во неколку наврати и нему му упатувал закани, нарекувајќи ги христијаните плашливци и бесполезни луѓе, ветувајќи дека ќе се справи со нив.

Свештеничкото братство од храмот, заедно со верниците, планираат да го прокренат прашањето за канонизација на убиената монахиња Људмила, која според нивните зборови, покажала вистинска љубов и подвиг. Токму таа ја алармирала полицијата за инцидентот во моментот кога алкохолизираниот вооружен маж влегол во храмот и започнал да пука насекаде. „Таа остана во црква до крајот, остана на својата должност. Токму затоа ќе го покренеме прашањето за канонизација“, објасни отец Виктор.

Извор: Интерфакс / Правмир.ру