На 7 август 2015 година, кога го славиме Успението на света Ана, во манастирот на свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Света Златоустова Литургија, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, Високопреподобниот архимандрит Никола, игуменот Фотиј и свештенството од Кумановско-осоговската епархија.
На Светата Литургија јеромонахот д-р Григориј Настески (архиерејски заменик во Кумановско-осоговската епархија) беше произведен во чин игумен.
Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф се обрати кон игуменот Григориј и верниот народ со пригодна беседа.
Драги браќа и сестри,
Се собравме денес, овде во манастирот на свети Јоаким Осоговски, ослободени од секојдневните грижи и укрепени од молитвата. Се собравме заедно со Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, Неговото Високопреподобие архимандритот Никола и Неговото Сепреподобие игуменот Фотиј, за литургиски да го сведочиме нашето единство. Зашто само преку Литургијата можеме да сведочиме за единството, единството во Христа.
Се собравме во храмот Божји, зашто ништо не може да го замени ова свето место. Ништо не може да ја замени Црквата, домот за молитва и мир, нашиот извор на утеха и единственото место кое душата ни ја негува и лечи.
Се собравме за со Божја помош, нашиот брат во Христа, јеромонахот Григориј, да го произведеме во игумен на оваа света обител. Игумен кој ќе се грижи за манастирот на свети Јоаким Осоговски, заштитникот на Кумановско-осоговската епархија.
Зашто да се грижиш за манастир, да се грижиш за Црквата, треба многу напор и тоа претставува голема жртва. А отец Григориј го познаваме уште од младоста, уште од денот кога во неговата душа се појави желбата да замине во манастир и да го помине животот во девственот, во молитва, во подвизи и во сесрдно служење на Бога.
Таа желба, која тајно ја носеше во длабочината на своето срце, со време постана и јавна, најнапред ја дознаа неговите родители, па неговите блиски, па луѓето од црквата, за на крај да ја дознаат и сите кои го познаваат. Некои го сожалуваа, некои го исмеваа, некои го осудуваа, а скоро сите го одвраќаа.
Но, возљубени во Господа,
Кога во човек ќе се разгори желбата, целиот живот да му го посвети на Бога, ништо не може да го одврати од неа. Еден ден, тој ќе го остави светот и ќе појде во манастир. Така беше и со отец Григориј. Го остави светот и замина во манастир.
А што значи човек да замине во манастир? Значи да се откаже од светот, да се откаже од сета суета светска. Да се откаже од сите средства и можности за блескава кариера и сигурен живот. Да замине човек во манастир, значи да замине на место каде нема голема сигурност, каде не може да размислува за никакви земни богатства, каде не може да очекува никаква слава.
Но, кога некој ќе реши да го помине животот во манастир, тој добро знае каде оди и зошто оди. Тој добро знае каков предизвик прифаќа.
Драги браќа и сестри,
Така беше и со отец Григориј. Тој знаеше каде оди и зошто оди. Тој започна подвиг во кој целосно му се предаде на Бога. Започна подвиг, целосно презирајќи ги сите земни наслади и суетни богатства, само со единствена цел, да го добие вечното богатство, кое црв не го гризе и молец не го јаде.
Отец Григориј започна подвиг во кој целосно се посвети на очистување на себеси. Меѓутоа, од денес сето тоа ќе се промени, од денес сето тоа ќе добие поинаква смисла и ќе постави нова цел.
Сепреподобен оче Григорие,
Од денес, покрај грижата за својата душа, ти добиваш уште една голема грижа. Исто како што се грижеше за себеси, од денес треба да се грижиш и за манастирот на свети Јоаким Осоговски. Знај дека, нашата вера не подразбира само примање од Бога, туку и давање на Бога. Од денес треба целосно да се предадеш за овој манастир, а таа грижа, воопшто не е лесна и бара многу труд. Во твојот подвиг од денес, секогаш за твој помошник ќе го имаш свети Јоаким Осоговски, кој никогаш не ги остава оние кои со вера и молитва му пристапуваат. Знај дека во новиот подвиг ќе имаш и многу искушенија, и многу проблеми, но тоа никако да не те обесхрабрува.
Впрочем, таков е животот на секој човек на земјата. Затоа, поставувајќи те за игумен на манастирот на свети Јоаким Осоговски, свесни сме за бремето што ти го наложуваме, но свесни сме и за твојата личност како монах, и спремноста да страдаш за црквата.
Познавајќи те како монах, знаеме дека страдањето и гонењето не ти се туѓи. Твоето животно искуство најдобро ти сведочи за тоа, а сведоци сме и сите ние. Продолжи со подвигот трпеливо да ги поднесуваш сите неправди и понижувања, исто онака како што безгрешниот Спасител и Господ наш Исус Христос ги поднесуваше гонењата и страдањата. Продолжи да веруваш, дека секој човек, без разлика кој и да е, без разлика на која позиција е, без разлика колку ниско и да падне, сепак носи образ Божји и сепак може да се покае.
Така правеше и Синот Божји, најголемиот и вистинскиот пријател на луѓето, неспоредливо поголем од нас, кому ниту јас, ниту ти, не сме достојни ни ремењата од обувките да му ги одврземе. Зашто секоја криза во животот е Божји суд, а Божјиот суд ја раздвојува вистината од лагата, и ја разобличува неправдата.
Затоа, постојано барај ја утехата и помошта Божја. А ние, со смирена душа и без никакво преувеличување слободно можеме да ти речеме, дека никој и ништо освен Бога, не може на човек да му даде утеха. Само во Бога можеме да најдеме спокој, и само верата може да ни го открие животот како радост. Со таа радост живееле светителите, со таа радост живеел и свети Јоаким Осоговски.
Само таа радост и тоа спокојство, само таа внатрешна слобода која произлегува од цврстата вера во пронајдената Вистина, го открива целиот живот како постојана подготовка за Царството Небесно, за кое сите ние се бориме.
Пресвета Богородица и свети Јоаким Осоговски, нека бидат твои постојани помошници во трудот и подвигот. А Бог нека ја излие изобилно Неговата благодат врз тебе. Само така, твојата жртва ќе биде примена на небесниот жртвеник од Оној, кој Самиот од љубов кон нас, се жртвуваше и Крвта своја ја пролеа за нас недостојните и грешните.
Нему нека Му е слава со Отецот и Духот Свет, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
По завршувањето на светата Литургија беше осветено празничното коливо, а игуменот Григориј се обрати кон присутните со зборовите:
Ваши Високипреосвештенства,
Ваше Високопреподобие,
Ваше Сепреподобие
сечесни отци,
почитуван потпретседателе на Архиепископскиот Црковно-народен Собор,
драги браќа и сестри,
Кога ќе ги оценуваме луѓето, светото Евангелие препорачува да ги познаваме според плодовите. Но, гледајќи се себеси, и познавајќи се, не можам да најдам ниту еден плод со кој ќе речам дека сум го заслужил ова достоинство. Затоа ќе запрашам, зарем требаше да изберете слаб човек? Можеби очекувате тој, да може да ги разбира слабостите!
Ваше Високопреосвештенство,
Денес кога ми ја доверувате грижата за манастирот на свети Јоаким Осоговски, не можам, а да не се потсетам на старозаветниот пророк и цар Давид, кој гледајќи го светот се запрашува: Се Ти служи Тебе Господи, и ветровите и громовите, и земјата и морето, и реките и планините, и рибите во водата и сите растенија на земјата. Но, човекот, тоа најразумно битие меѓу Твоите созданија, царот на се што е содадено, Твојата слика и образ, дали тој Господи Ти служи тебе?
Потсетувајќи се на зборовите Давидови; сфаќајќи ја големината на послушанието кое ми се дава; и длабоко согледувајќи ја обврската што ja превземам, со скрушеност изговарам: нека биде по зборовите Твои Владико!
Драги браќа и сестри,
Таква е педагогијата на Црквата, целосно да се даваме и целосно да се жртвуваме. Само тогаш Црквата ќе ни стане место каде ја откриваме смислата на живеењето, место каде што ќе заедничариме со Бога, и без разлика на нашата позиција во Црквата, ќе го остваруваме она што беше недостижно за старозаветните праведници – да пребиваат во заедница со Бога, примајќи ја Неговата спасоносна благодат.
Затоа, ни еден подвиг не е тежок, и ни еден труд не останува залуден, кога се извршува со благослов. А, молитвата, верата и послушанието, можат и планини да преместуваат, при тоа правејќи го возможно она што за човечката логика изгледа невозможно.
Затоа, возљубени во Господа,
Од денес, сите молете се за мене, Господ да ми даде сила, да не малаксам во повереното послушание, туку овој манастир да се издигнува од благодат во благодат, и да стане вистинско духовно пристаниште за сите верни кои ќе пристапуваат во него, барајќи го Бога, на Кого Му прилега сета слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.