На 14 август започнува релативно краткиот Успенски пост кој кулминира со празнувањето на големиот празник на Успението, на 28 август. Секој пост ни нуди предизвик и избор. Во овој случај би рекол дека бираме меѓу „удобност“ и „посветеност“. Можеме да избереме удобност поради самиот факт што несомнено, да се пости е неудобно. Да се пости, потребно е планирање, бдеење, дисциплираност, себеодрекување и општ заеднички труд. Удобно е да се дозволи животот да тече по својот вообичаен (летен) ритам, вклучително со потребата за одење по линија на помал отпор. Секогаш е тешко да се скршат воспоставените шеми на живеење, и за тоа размислуваме единствено со чувство на тежина. Значи, едниот избор е да не се прави ништо различно за време на овој Успенски пост, или можеби да се направи нешто минимално, како еден вид на знак на признание за нашиот живот во Црквата. Сепак, не сум сигурен дека ваквиот избор би бил доходен од аспект на понатамошниот развој на нашиот живот во Христа. Попрво, тоа би значело пропуштање на една прилика.
Сепак, останува изборот да го прифатиме Успенскиот пост, избор кој со сигурност е против-културен, избор кој ја објавува нашата свесна посветеност на православниот начин на живеење. Ваквата посветеност означува дека гледаме отаде она што ни е удобно, кон она што е значајно. Со тој избор ние би ја признале нашата слабост, и нашата потреба токму за планирање, бдеење, дисциплина, себеодрекување и над сѐ – заеднички труд што трагачот по умот Христов, нешто што ни се дава дарум преку нашиот живот во Црквата, го прави различен. Тоа е тежок избор, избор кој можеби е особено тежок во семејствата со деца кои пак, често се противат на сите промени. Иако, сѐ уште верувам дека овој тежок избор има свои награди и дека една таква посветеност ќе донесе плодови во нашите семејства и парохии (од друга страна, ако постот го прифатиме правнички и судски, ќе го загубиме пристапот до можните плодови на постот и само ќе успееме да создадеме една мизерна атмосфера во нашите домови). Тоа е избор со кој се решаваме да ја зграпчиме добрата можност за барем да го искористиме постот како можна алатка што нуди духовен раст.
Имам впечаток дека до одреден степен, во нашиот современ општествен и културен живот ние го комбинираме она што е удобно со нашата посветеност. Честопати не ѝ дозволуваме на Црквата да ни се испречи на патот на нашите планови и цели, и ова тешко дека може да се избегне со оглед на околностите и условите во нашиот современ начин на живеење. Општественото и културно милје што нè опкружува не ја поддржува нашата посветеност на Христа и Црквата. Впрочем, обично тоа е индиферентно, па дури и непријателски настроено кон ваквата посветеност. Иако не ни е драго да признаеме, за нас е тешко да му се спротивставиме на светот околу нас. Но никогаш не е невозможно да ја избереме нашата посветеност на православниот начин на живеење, наместо она што е удобно – или едноставно, посакувано. Токму тоа може да биде еден од нашите секојдневни крстови за кои говорел Господ – иако е преувеличување тоа да се нарече крст. Но, за ова е потребен избор, а кон изборот треба да се пристапи со искреност. Накратко – многу е тешко – но и тоа како се исплаќа – да се живее православната вера денес!
Убеден сум, сепак, дека срцето на еден искрен православен христијанин посакува да го избере потешкиот пат на посветеност, наспроти лесниот (но и досаден?) пат на удобност. Сега ја имаме богодаруваната можност да ѝ избегаме на летната зашеметеност која ја пие нашата духовна енергија. Со молитва, милостина и пост може да ги обновиме нашите изморени тела и души. Можеме да ги кренеме нашите свисната раце во молитвен и благодарствен став. Успението на Пресвета Богородица честопати се нарекува „летна Пасха“. Преку него се празнува победата на животот над смртта – или, смртта како премин во Царството Небесно. Успенскиот пост е наша духовна, будна подготовка што води кон таквото славно празнување.
Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!
(2Кор. 6,2)