Велигден во Авганистан

"Велигден во Авганистан"

Велигден го славиме на пролет; во време од годината кога светлината се наголемува, како што светот излегува од зимската темнина. Додека празникот на Рождеството Христово се слави во најтемниот момент во годината, Празникот над Празниците го славиме во контекст на зголемената светлина после долгите месеци на темнина. И во двата празника го славиме откривањето (или пробивањето) на светлината среде темнината. На ниту едно друго место не ја искусив длабочината на оваа реалност посилно отколку во Кандахар, во базата на Јужната Регионална Команда во Авганистан.

Велигден во Авганистан

Единствените изградени христијански цркви во Авганистан ѝ припаѓаат на Романската православна црква, и истите се изградени од воениот персонал од Романија, со помош на други мажи и жени со коишто Романците живеат во различните авганистански бази. Во Кандахар, еден американски наредник го помогнал доставувањето на градежни материјали и донел експерти кои ја извеле изградбата на реплика на една од најпознатите романски манастирски капели. Романците се заветиле дека, кога ќе дојде времето да го напуштат Авганистан, ќе ја расклопат оваа капела и ќе ја понесат со нив дома.

Постојат и други објекти за молитва во секоја од базите во земјата, но овие градби се користат за секакви состаноци и собранија, и затоа не се цркви, во строга смисла на зборот. Црквата во Кандахар кадешто богослужев за време на Страстната седмица и Пасха во 2011 година е храм целосно посветен за православно христијанско богослужење. На главната купола е воздигнат високо на небото над базата, Животворниот и Чесен Крст Господов, единствениот верски симбол од тој тип во базата.

Започнавме со пасхалната полуноќница во затемнетата црква лоцирана на југот од Авганистан, и во таа служба со најголема длабочина се говореше за заканата од гревот и смртта. Пред нас, во средината на храмот, се наоѓаше дрвена изобразба (избравме да поставиме дрвена иконографија, затоа што во таквите услови не е практично да користиме епитаф, кој веднаш би бил уништен од многуте преместувања и нечистотија) на плаштаницата Христова, којашто беше положена на тоа место уште на Велики петок. Пред нас лежеше Спасителот, а со Него и надежта на сиот свет – мртов и во гроб положен, на една проста масичка на преклопување прекриена со црна прекривка, во една од најопасните воени зони на светот.

Велигден во Авганистан

Велигден во Авганистан

Собрани околу таа масичка беа луѓе од Соединетите Американски Држави, Индија, Египет, Романија, Бугарија, и неколку други земји, кои во тој момент се соочуваа со два различни вида на темнина: темнината на Распетието, и темнината на војната. Мажи и жени војници стоеја свечено покрај гробот на Оној Кој без да војува го положи Својот живот за да го спаси светот. Оваа иронија длабоко го рани мојот ум, создавајќи еден од оние моменти на засилен сознателен несклад што никогаш не се заборава. Во себе си мислев: „Дали сето ова има смисол? Како да ги ускладам овие нешта? Што навистина значи оваа иронија? Зарем не ја осквернувам самата идеја за »Живеење преку доброволно умирање« со тоа што ја богослужам оваа служба за војници, и тоа во воена зона? Дали ова припаѓа тука?“

По неколку моменти, ги изгаснавме сите свеќи, и тогаш започнавме да пееме: „Воскресението Твое, Христе Спасителе наш, ангелите го пеат на небесата. Направи и ние, на земјата, да Те славиме Тебе со чисто срце“. Од затемнетиот олтар, преку Царските двери, ја подадов пасхалната светлина која светеше од трикирите, и како што верните ги палеа своите свеќи, светлината се рашири низ затемнетата капела. Завршивме со литијата околу капелата, го објавивме воскресението на влезот во него, и влеговме во светлиот наос.

Во тој момент, заедно со светлината на Светата Пасха како да ме обли и јаснотија: секако дека Крстот / Воскресението припаѓа во една воена зона; всушност, на кое друго место од оваа од-војни-растргната планета би можела да биде толку соодветно објавена ваквата славна стварност?

Велигден во Авганистан

За православниот верник кој присуствува на овие служби, вистинската Светлост на Евангелието се разлева токму во средината на срцето на темнината. Надвор од оградата на таа база постоеше активна и опасна воена зона; со сигурност едно од најопасните и најзагрозени места на земјата. Зар има подобро место кадешто треба да засветли светлината на стварноста (што вели) дека војната нема да го има последниот збор? Војната останува еден од најилустративните потсетници дека овој свет сѐ уште не е целосно искупен, дека Каин сѐ уште го коле Авела секој ден во ова космично воено поле / гробје, а подлиот и зол виновник за гревот и човечката кршливост сѐ уште демне (со својата) опустителна жетва. И токму таму, во средината на таа крајна темнина, Пасхалната Светлина се разгори и засветли со славата на Животот што смртта со смрт ја погази; со славата на Животот што од гроб излезе, откако самиот пекол го исплаши.

Остатокот од таа Пасхална богослужба се чувствував „како дома“. На илјадници милји далеку од безбедните парохии во САД, почувствував дека бев само орудие за носење на Пасхата на местото кадешто таа беше „најпотребна“. Секако дека секој од нас, собраните таму, ќе сакаше да го прослави овој славен Празник над Празниците во парохиите во своите земји. Сепак, Пасха е Пасха каде и да се слави, и таа ноќ / тоа утро на 23 / 24 април 2011 година, ние го воздигнавме завоениот Кандахар авганистански во сферата на стварноста дека „Христос ВОСКРЕСНА од мртвите, со смрт смртта ја поведи, и на оние во гробовите живот им подари!“.

Ја прославивме Светлината на Животот среде мракот на војната и смртта, и сенките избегаа.

Презвитер Шон Левин
Извор: Тавор бр. 2