Владимир Путин се сретна со Александрискиот Патријарх

"Владимир Путин се сретна со Александрискиот Патријарх"

За време на неговата официјална посета на Египет, рускиот претседател Н.Е. Владимир Путин на 10 февруари годинава остварил средба со Александрискиот Патријарх, Неговата Светост г.г. Теодор II. За време на средбата била разгледана состојбата во регионот и билатералните односи.

Претседателот изјавил дека се надева на успешна соработка со египетските христијани во борбата за заедничките морални вредности и идеали. Според него, Русија има повеќевековна традиција на добри односи со народи од различно верско потекло.

– Знам дека и сегашната египетска администрација го дели истото мислење. Се надевам дека преку заедничка соработка во иста насока и преку промовирање на ваков пристап односите меѓу луѓето и претставниците од различни религии, ќе можеме да соработуваме и да се избориме за заедничките морални вредности и идеали – посочил Путин, кој не заборавил да потенцира дека истите теми биле разговарани и со египетскиот претседател Абдул Фатах ал-Сиси.

Патријархот и Папа на Александрија и цела Африка Теодор II, од негова страна, истакнал дека прави сè што е во негова моќ за да го осигура мирниот соживот меѓу христијаните и муслиманите во Египет, додавајќи дека истото го прави и египетскиот претседател. „Уверен сум дека ќе видиме напредок“, изјавил Патријархот, кој исто така, ја искористил можноста да му се заблагодари на рускиот претседател за развојот на руско-грчките односи.

– Алексис Ципрас, новиот грчки премиер, многу ве сака – изјавил тој.

На средбата, исто така, Патријархот ги раскажал неговите убави спомени од годините поминати во Советскиот Сојуз. „Бог да ви даде здравје и среќа, здрав и долг живот“, на крај му се обратил на руски јазик на својот гостин.

Извор: Интерфакс