Вчера, 24 август 2014 г., Албанската православна црква со свечено торжество го одбележа споменот на Светиот Рамноапостолен Козма Етолски. Во манастирот што го носи неговото име во Кољкондас се отслужи Божествена Архијерејска Литургија со која началствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија, г.г. Анастасиј, во сослужение со сите членови од Свештениот Синод на Црквата во Албанија, Нивните Високопреосвештенства, Митрополитот Бератски г. Игнатиј, Митрополитот Корчански г. Јоан и Митрополитот Ѓирокастерски г. Димитриј, и Нивните Преосвештенства, Епископот Аполониски г. Николај, Епископот Крујански г. Антониј, Епископот Амантијански г. Натанаил и Епископот Билиски г. Астиј, заедно со бројно свештенство и ѓаконство. На литургиското собрание, покрај локалното население, се приклучија и поклоници од цела Албанија и повеќе места од Грција.
За личноста на светиот Козма слово произнесе Аполонискиот Епископ, Преосветениот Николај, кој ја нагласи верата и ревноста на светиот, и неговата извонредна работа во тешките времиња за Православните Христијани на тие простори. Блажениот Архиепископ се обрати кон верните на крајот од Литургијата, посочувајќи го историскиот контекст во кој се осветил св. Козма Етолски, односно периодот на радикална исламизација на просторите каде прекрасното Православие било присутно со векови. „Тоа е нашиот долг“, нагласи Архиепископот, „и за тоа треба да му благодариме на св. Козма Етолски“.
Тој емотивно говореше и за неговата неодамнешна посета на местото на мачеништво на светиот, селото Мујали крај реката Семан, по што следеше свечена литија. На крајот, во возобновените конаци на манастирот беше приредена трпеза на љубовта.
Извор: Албанска православна црква