Антиохиската православна архиепископија на Северна Америка, на 19 март оваа година, со голема тага го објави преминувањето во вечноста на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Филип Салиба, Архиепископ Њујоршки и Митрополит Северноамерикански.
Митрополитот Филип се родил во 1931 година во Либан. На Светото Крштение го добил името Абдулах, што значи „слуга Божји“. На 14-годишна возраст се запишал во Баламандската богословија во Триполи. На 18 години станал ѓакон и секретар на идниот Антиохиски Патријарх Александар, кој тогаш ја извршувал должноста на игумен на манастирот во Баламанд. Во следните години предавал арапски јазик и книжевност во богословијата, а со дополнително образование се стекнал на Универзитетот во Лондон, како и грчката богословија на Чесниот Крст во САД. Дипломирал и на руската Световладимирска богословија во Њујорк. Со почесен докторат се здобил од голем број образовни институции низ светот. На чело на Антиохиската Архиепископија во Северна Америка застанува во 1996 година.
Во Црквата ќе биде запаметен како човек кој за само еден месец, во февруари 1987 година покрстил 2000 евангелисти во САД. Основал стипендиски фондови и народни кујни на Блискиот Исток. Претседавал со бројни меѓуцрковни, црковни и црковно-образовни тела и институции.
Погребението на Митрополитот Филип е закажано за 31 март оваа година, во Антиохиското село во кое е погребан и светиот Рафаил Бруклиншки. Во меѓувреме, неговото тело ќе биде положено во соборниот храм на свети Никола во Бруклин, Њујорк.
Неговата Светост, Патријархот Антиохиски Јован X за патријаршиски викар го назначи Митрополитот на Буенос Аирес, г. Силуан, а за местобљустител на испразнетата Њујоршка катедра е назначен Архиепископот Јосиф.
Извор: Antiochian.org