Локалните власти во крајбрежната провинција Жеџијанг ја продолжуваат нивната акција насочена кон спречување на ширењето на Христијанството како најбрзо растечка религија во Кина – овој пат на мета се најдоа крстовите поставени на две црковни куполи.
На 4 август годинава полицијата од градот Венжоу со кран и машинерија го отстраниле црвениот крст долг 3 метри поставен на куполата на една црква. Парохјаните само немо го гледале нелегалното отстранување на крстот.
Неколку дена подоцна, во петокот, парохјаните на една црква во Тајжоу се соочиле со 4 000 полицајци, обидувајќи се да го спречат отстранувањето на двата крста на куполата од нивната црква. Во инцидентот биле приведени 40 Христијани.
Од почетокот на оваа пролет, властите на Жеџијанг имаат издадено одлуки за рушење на повеќе од 100 цркви, поради проблеми со урбанистичките планови. Повеќето од засегнатите црковни згради се изградени легално, со потребната урбанистичка документација. Сепак, она што им боде очи на властите се куполите и крстовите што се наоѓаат на нив кои, според нив, не се вклопуваат во урбанистичките планови.
Црковните лидери и аналитичари шпекулираат дека борбата во Жеџијанг, една од најбогатите провинции во Кина, е симптом на нелагодноста што кинеската Влада ја доживува пред растечкото ширење на Христијанството во земјата, со што бројот на Христијани се заканува да ги надмине 85-те милиони членови на Комунистичката партија во земјата.
Извор: Правмир