Икона на преп. Сергиј Радонешки, отпечатена на хартија, започнала да мироточи на денот на неговиот празник (18 јули) во црквата на св. ап. Петар и Павле во рускиот град Новопавловск. Како што пренесува „Комсомолска правда“, илјадници парохијани дошле за да се помолат пред иконата.
Специјална комисија на РПЦ отпатувала за Ставрополскиот регион за да ја испита иконата, да поразговара со сведоците и да донесе официјален заклучок.
– Сѐ уште е рано да се зборува за свето чудо – изјавил старешината на храмот, отец Владислав Цапко. – Ја чекаме одлуката на комисијата. Но, овој настан сведочи за тоа дека ова место е омолитвено, иако црквата е нова, и дека овде се чува чистотата на православното предание. Можеби ова мироточење е добар знак за искупување на гревовите на парохјаните. А можеби, пак, наговестува болни новини. Никој не може да знае што е.
Во последниот период, мироточењето се појавува во многу краеви низ Русија. На почетокот на 2015 год. во Орловската област замироточило Распетие, на Алтај „просолзела“ Казанската икона на Богородица, во Тула истовремено замироточиле сите икони во црквата на св. арх. Михаил, а слично чудо се случило за време на православна изложба во Уљановск. Во една селска црква во Белорусија крвоточела една Христова икона, а слично нешто се случило во Кабардино-Балкарската Република, каде што на иконата на св. архиѓакон и првомаченик Стефан се појавиле црвени дамки.
Извор: Правмир