На 30 март во Православниот центар на Вселенската Патријаршија во Шамбези започна третото заседание на Специјалната комизија за ревизија и редакција на текстовите за дневниот ред на идниот свет и голем Сеправославен собор. На заседанието му претходело дводневното заседание (28-29 март) на редакциската комисија под претседателство на митрополитот Црногорски и Приморски, г. Амфилохиј (Пеќка Патријаршија), а со учество на претставници од Московската, Антиохиската, Ерусалимската и Романската Патријаршија и Атинската Архиепископија.
Темите на ова, трето по ред, заседание на Комисијата се: 1) значењето на постот, 2) проблемите на бракот и семејството и 3) прашањето на црковниот календар. Истите се претходно разгледани, и потребуваат помала редактура на текстот, без суштински промени.
Сите текстови ќе бидат дадени на увид и одобрување на помесните Цркви, а потоа ќе подлежат на сеправославна потврда, затоа што сите треба да бидат усвоени преку консензус на следната предсоборна конференција која би се случила најрано во јуни годинава, а најдоцна оваа есен.
Со работата на Комисијата, според црковниот поредок, претседава митрополитот Пергамски, г. Јован, а на истото учествуваат претставници од Вселенската, Александриската, Антиохиската, Пеќката, Романската и Грузиската Патријаршија, потоа од Кипарската, Грчката, Албанската, Полската и Православната Црква на Чешките земји и Словачка.
За потсетување, Комисијата е основана врз основа на одлуката од Соборот на поглавари на Помесните Православни Цркви одржан во Истанбул од 6 до 9 март минатата година.
Извор: Ромфеа, Московска Патријаршија