Воведение на Пресвета Богородица во ерусалимскиот Храм

"Воведение на Пресвета Богородица во ерусалимскиот Храм"

Еден од големите Богородични празници е и празнувањето на споменот на Воведението на Богородица како дете во ерусалимскиот Храм, меѓу нашиот народ познато уште и како Пречиста Богородица, што се празнува секоја година во почетните денови на Божикниот пост, на 4 декември.

Овој празник, како и празникот на нејзиното раѓање (Мала Богородица), нема директна библиска поткрепа, туку е присутен во апокрифната литература. Но, исто како и Рождеството на Пресвета Богородица, и овој празник има многу значајна духовна и литургиска димензија за христијанските верници.

Кликнете да ја зголемите иконата
Кликнете да ја зголемите иконата

Текстот на службата на овој празник го опишува воведувањето на Дева Марија, како дете, во ерусалимскиот Храм од страна на нејзините родители, светите богоотци Јоаким и Ана. Според Светото предание, Марија останала во Храмот, хранета од ангелите, и самата станувајќи „светиња над светињите“, односно исполнувајќи ја старозаветната сенка, сѐ до нејзиното доверување на праведниот Јосиф. Со тоа, според јазикот на Отците, се најавува крајот на физичкиот, материјален Храм во Ерусалим, и наместо него ни се прикажува Богородица како ново, живо светилиште во коешто ќе се смести Несместливиот Бог како Дете.

Молитвените зборови од 44-от псалм одекнуваат во празничните богослужби, уште еднаш потврдувајќи ја христоцентричноста на Писмото.

„Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и приклони Му се тогаш ти“, пророчки објавил праотецот Давид, созерцувајќи го денешното празнување.

И пак: „Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато; во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец. Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја. Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век.“ (Пс. 44, 10-17).

Старозаветните паримии што се читаат на Вечерната богослужба се однесуваат на заповедите за подигање и осветување на Скинијата Господова, на тој начин, уште еднаш објавувајќи ја Богородица како исполнување на Старозаветната Скинија со славата Господова: Богородица е вистински храм Божји.

Тогаш облак ја покри скинијата на сведоштвото и се исполни скинијата со слава Господова; и Мојсеј не можеше да влезе во скинијата на сведоштвото, зашто облакот го засенуваше, и славата Господова ја исполнуваше скинијата… Свештениците го внесоа Ковчегот на заветот Господов на местото негово, во внатрешноста на храмот, во Свјатаја Свјатих, под крилјата на херувимите. Зашто херувимите ги ширеа крилјата над местото на Ковчегот, и херувимите го покриваа одозгора Ковчегот и лостовите негови. И свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот, бидејќи светлината Господова го исполни храмот Господов. И ми рече Господ: оваа врата ќе биде затворена, не смее да се отвора и ниеден човек нема да влезе низ неа, оти Господ Бог Израилев влегува низ неа и таа ќе биде затворена. Таа е за кнезот, само кнезот, затоа што е кнез ќе седне до неа за да јаде леб пред Господа: ќе влезе преку тремот на таа врата и преку неа ќе излезе. Потоа ме одведе низ северната врата пред лицето на храмот и видов, а тоа славата Господова го исполнуваше домот Господов, и паднав ничкум.
(2Мојс. 40,1:5, 9:10, 16, 34:35; 3Цар. 7,51, 8,1,3,4,6,7, 9:11; и Јез. 43,27-44,4).

Евангелието што се чита на Утрената на празникот веќе ја објавува Благодатта како исполнување на Законот, односно Богородица како небесна лествица преку која предвечниот Бог слезе на земјата:

„Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него.“
(Лк. 1, 47-50)

Богородица е живо светилиште на Живиот Бог, одекнува овој празник, потсетувајќи нѐ дека и ние, како христијани, крстени и облечени, умрени и совоскреснати со Христа, треба да станеме Негов храм, за Тој да биде нашиот Бог, а ние Негов народ.