Неодамнешниот бран на насилство насочено кон невини семејства и деца во Ирак предизвика шок и страв во светот. Нема да останеме незаинтересирани или безгласни пред едно вакво неразумно прогонство, културна нетрпеливост и ужасни убиства, особено кога истите се предизвикани од верска омраза и расни судири.
Посегнувањето по десетици илјади Христијани (вклучително и Арамејци, Халдејци и Асиријци) и други верски малцинства (вклучително и Туркмени, Јазиди и Курди) никогаш не може да биде оправдано во името на било кое религиско верување или убедување.
Она што со свои очи го сведочиме во Ирак е искоренување не само на едно верско малцинство – во случајот, Јазидите, чие постоење е загрозено, – туку на цела една цивилизација. Прогонувањето и истребувањето на жени и деца, како и стари и болни лица, поради било која причина – а уште повеќе наводно во име на верско убедување – е отфрлање на самата наша иднина. Ваква напаст и суровост од припадници на една религија никогаш не може да биде одбранета преку кукавично и лажно прозивање на другата религија. Вакви брутални дела се категорично неприфатливи и неоправдани, и пред Бога, и пред човештвото.
Насилство никогаш не може да смири насилство, и омразата може да се надмине единствено преку толеранција. Знаејќи дека вистинскиот и траен мир може да се достигне единствено преку искрена средба и дијалог, ги повикуваме верските лидери и политичките авторитети од погодениот регион да промовираат разговори за да се реши спорот, и да ги поддржат мирните начини за надминување на конфликтот.
Истото го очекуваме и од сите лидери од другите делови на светот, особено во Газа и Израел, со цел и овие конфликти да не ескалираат по цена на многу човечки животи. Токму поради оваа причина, по покана на Папата Франциск, се собравме во Рим на меѓуверски мировен самит со претседателите Перес и Абас овој јуни.
Состојбата во Ирак е особено критична. Хуманитарната помош е попотребна од било кога. Нашиот одговор мора да биде скор и видлив. Затоа, апелираме до секоја одговорна организација и секоја личност со добра волја – и покрај нивните постојани и упорни молитви – да пружат материјална и хуманитарна помош, за овие невини жртви да не продолжат да гладуваат, страдаат и умираат.
Со сесрдна надеж и горешта молитва дека Бог, Кој е Бог на љубовта – славен од Евреите, Христијаните и Муслиманите – ќе ги победи лажните богови на фанатизам и предрасуди, нека милостивиот Господ ни подари мир на сите.
Извор: Вселенска Патријаршија