На осумнаесеттото заседание на Светскиот руски народен собор на 11 ноември годинава била усвоена Декларација на рускиот идентитет. Во Декларацијата се вели дека „секој Русин треба да го признае православното христијанство како основа на неговата национална култура.“ Протојереј Всеволод Чаплин, Претседателот на синодалниот Оддел за односи меѓу Црквата и државата на Московската Патријаршија, говорејќи за оваа проблематика, изјавил: „Православието ја создаде Русија.“
Според него, луѓето кои се плашат од зајакнувањето на православието и признавањето дека верата е создател на руската влада и народ, се тие на кои им смета ваквата дефиниција, а не претставниците на другите религиски и национални малцинства: „Разговарав со Муслимани, Евреи и Будисти. Речиси сите тие ја признаа клучната улога на православието во рускиот ум и руската историја.“
– Не треба да се плашиме отворено да говориме за ова! Протестантството ја создаде Америка, римо-католицизмот ја создаде Италија, а православието ја создаде Русија. Колку помалку се срамиме од ова, колку повеќе зборуваме за истото, и поотворено го ставиме православието во центарот на општествената структура, толку поискрени ќе бидеме и толку побрзо ќе се позиционираме како народ и како глобална сила. Нам ни се наметнува да се откажеме од себеси и постојано да се извинуваме поради она што сме. Мораме да го надминеме ова веќе еднаш – додал тој.
Извор: Правмир