Во тек е работата на 13-тата пленарна седница на Заедничката Комисија за богословски дијалог со Римо-католиците

"Во тек е работата на 13-тата пленарна седница на Заедничката Комисија за богословски дијалог со Римо-католиците"

На 17 септември годинава членовите на Зедничката Комисија за богословски дијалог меѓу Православната и Римо-католичката Црква се состанаа на местото на Крштението на Господ Исус Христос на реката Јордан, каде заедно се помолија на Бога, просејќи од Него благослов за претстоечката, 13-та пленарна седница. Малку подоцна домаќинот на оваа седница, Неговата Светост, Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III го отвори заседанието и срдечно ги поздрави учесниците, посакувајќи им плодотворна работа насочена кон постигнување на взаемно разбирање меѓу двете страни.

Копретседавачите на Заедничката Комисија, Митрополитот Пергамски г. Јован и Кардиналот Курт Кох се заблагодарија на укажаното гостопримство и посочија на длабокото симболично значење на отворањето на ова заседание на местото на Крштението Господово – заеднички извор за вера и живот и на двете страни. Комисијата ќе заседава до утре (23 септември 2014 г.), а тема на овогодинешната работа е „Соборност и Примат“.

Инаку, богословскиот дијалог бил првично инициран во 1980 г., и заседанијата на Заедничката Комисија се одржуваат на секои две години. На нив се присутни вкупно 70 делегати. Од православна страна, присутни се делегати од речиси сите помесни Православни Цркви.

Извор: Ерусалимска Патријаршија, Московска Патријаршија