Дваесет и првото Генерално Собрание својата работа ја започна на 26 јуни во државната Дума, на темата: „Парламентарна демократија – Христијанство – Православие: вредности и концепти“.
На отворањето присуствуваа Претседателот на државната Дума, г. С. Нарушкин, Вице-претседателот на Советот на Федерацијата, г. А. Торшин, Генералниот Секретар на МАП и грчки пратеник г. А. Неранѕис, Преседателот на Одделот за надворешни црковни работи на МП, Митрополитот Иларион, Претставникот на Вселенската Патријаршија во Советот на Европа, Митрополитот Емануел, Потпретседателот на државната Дума, г. С. Жележњак, советникот на МАП, г. К. Мигдалис, Претседателот на Фондацијата за единство меѓу православните нации, г. В. Алексеев, Вице-претседателот на ОНЦР на МП, протојереј Николај Балашов и други.
Претседателот на МАП, г. С. Попов се обрати пред присутните со поздравно слово во кое, меѓу другото, рече: „Симболички, дваесеттата година на Меѓупарламентарната Асемблеја на Православието започна со сесија во Атина, главниот град на Грција, и завршува во Москва, во главниот град на Русија. Пред дваесет години, овие наши земји ги поставија темелите на меѓупарламентарна соработка меѓу земјите од православниот свет“.
Претседателот на државната Дума, г. Нарушкин посочи дека парламентарната дипломатија е способна да понуди ефективен инструмент за надминување на денешните глобални проблеми. Говорејќи за трагичните настани во Украина испровоцирани од политичката криза, тој го цитираше Патријархот Кирил, кој рекол дека „Само ѓаволот може да слави победа кога браќата се среќаваат на военото поле, убивајќи се едни со други, нанесувајќи си повреди, заслабувајќи ја силата на народот“. Тој ги поздрави и првите чекори кои се земаат во насока на деескалација на конфликтот. „Многу се надевам дека лекциите од украинскиот конфликт ќе ги научи не само оваа земја, туку и целиот свет“, нагласи Претседателот на Думата, потсетувајќи на стотиците цивилни жртви од конфликтот. „Верувам дека гласот на МАП ќе биде сè погласен и појасен, и ќе ја одигра својата улога во решавањето на ургентните проблеми што постојат во различните сфери – почнувајќи од конзервативниот став кон традиционалниот начин на живот, до заштита на правата на христијаните кои се соочуваат со гонење во различни делови на светот, особено на Блискиот Исток и Северна Африка“, изјави г. Нарушкин на крајот од неговото излагање.
Потоа следеа обраќањата на Генералниот Секретар на МАП и Претседателот на Советот на Федерацијата, г-ѓа. В. Матвиенко.
Неговата Светост, Патријархот Кирил се обрати на Асемблејата преку видео-повик, велејќи: „Сегашната средба е видлив знак на единството меѓу православните нации, кое се заснова на заедничката вера“. Верата, според Патријархот, го повикува христијанинот да не биде само еден индиферентен набљудувач на процесите што се случуваат во светот, туку да земе активен удел во изградба на општеството и односите меѓу поединците. „Денес стануваме сведоци на растечкиот нихилизам и отфрлањето на моралните принципи во личниот, семејниот и општествениот живот, што води во една ‘седозволивост’ во однесувањето на луѓето. Сето ова се заканува да ги поткопа духовните основи на современата цивилизација. Во една ситуација на растечка економска, социјална и политичка нестабилност, морален релативизам и развивање на тензични жаришта, ние имаме посебна мисија на сведочење на евангелските основи на секојдневниот човечки живот, сведочење на потребата за взаемна помош, саможртва и миротворство“.
Митрополитот Емануел ја прочита поздравната порака од Неговата Светост, Патријархот Вартоломеј.
Волоколамскиот Митрополит Иларион во неговото обраќање го нагласи следното: „Гласот на многуте милиони христијански верници кои живеат во различни делови на светот треба да биде чуен и земен во обѕир при разгледување на горливите проблеми од меѓународната агенда. Токму кон ова треба да се стреми и оваа Асемблеја, како гласноговорник на вредностите од православниот свет. Оваа организација е исто така повикана на скептиците да им покаже дека во меѓународните односи, покрај берзанските индекси и инвестициската клима има и други фактори. Нематеријалната димензија на човечкиот живот е главна, и оттука таа треба да биде одлучувачка во меѓународните односи. Тука пред сè мислам на сите морални идеали и значења“.
Поздравни пораки беа прочитани и од Претседателот на Грчкиот Парламент, г. В. Мимаракис, Претседателот на Пан-Африканскиот Парламент г. С. Кебзабо и претставникот на Светскиот Совет на Црквите, г. д-р Буда.
Се очекува на завршницата од 21-то Генерално Собрание да биде изготвена заедничка декларација, која ќе биде потпишана од министрите за култура на земјите-членки на МАП.
Извор: Правмир