Исповедта не е роман, туку борба

"Исповедта не е роман, туку борба"

Како да му ги исповедам моите гревови на свештеникот? Дали покајанието е неопходно при исповед? По исповед, дали треба да очекувам духовно олеснување, или душевна светлина? На овие, и многу други почетнички прашања разговаравме со отец Валеријан Кречетов, опитен духовник и исповедник од Москва.

Дали покајанието и простувањето на гревови е можно без свештеник како посредник?

– Отец Валеријан, како би му објасниле на човекот кој прв пат доаѓа во црква што е тоа исповед, и зошто истата е неопходна?

– Еднаш, за време на испит, еден професор во богословија го прашал татко ми – кој исто така беше свештеник: „Кажи ми, отец, што прави Бог кога сака некого да приведе кон Себеси?“ Татко ми, кој во богословија се запиша дури на 49 години, му одговорил набројувајќи ги начините на кои Бог ги приведува луѓето кон Себе, и професорот се согласил. Сепак, за да допре до самата срж на стварта, го потпрашал: „Но, што е најважно?“, истовремено нудејќи го својот одговор: „Бог испраќа духовна тежина и душевна тага, за човекот да трага по Бога, за да сфати дека не може да биде избавен од таа состојба преку било што овоземно“.

Мислам дека овде лежи една голема вистина! За време на својот живот, човекот постојано и неизбежно налетува на последиците од своите гревови. Има една изрека, „Секој ден живеј онака, така што ноќе нема да те гризе совеста“. Ова е изрека од народната мудрост: извесно е дека нашиот сон бива нарушен од впечатоците од она што сме го направиле, рекле или виделе претходниот ден. Навидум нема никакви проблеми, но штом човек ќе се замисли над еден или друг настан, ќе го слушне сигурниот глас како му говори нешто – гласот на совеста.

Понекогаш, гледајќи дека она што го сторил е непоправливо, се решава на ужасен чекор: ќе реши се „избави“ од овоземниот живот, или ќе започне да се опива. И така, тој запаѓа во уште попогубна состојба од онаа од којашто се обидува да побегне. Сето ова не е ништо друго, освен анестезија; човекот не може да ја излечи болеста, но се ослободува од симптомите, или барем се навикнува на нив.

Барајќи излез од оваа душевна болка, човекот може да увиди дека има потреба за покајание и простување, што е и една од најосновите причини што ги приведуваат луѓето кон Црквата и исповедта.

Честопати се поставува прашањето: „Зошто мора да одам во црква и да се исповедам пред свештеник? Што има лошо во самото покајание, пред Бога – дома, на пример – без посредник?

– Доколку поради некоја причина не е можно човекот да оди во црква за да се исповеда, тогаш можно е да се исповеда на овој начин, без посредник. Но, може ли почетникот во верата да Го слушне Бога како вели, „Добро, ти проштевам“? Кога св. Јован Кронштадтски ќе згрешел на некој начин, тој се молел сè додека не добиел прошка и духовна поткрепа од Бога. Но, дали почетникот е на ова ниво на комуникација со Бога?

Луѓето имаат природна потреба за лична средба. Но, во односите со другите луѓе, како и во односите со Бога, многу е важно не само да се биде разбран, туку и да се има видлив знак дека Бог или другиот човек нè разбрал. И така, Господ го востановил поредокот Неговата прошка да ја добиваме преку друг човек: свештеник. „На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат“ (Јн. 20, 23).

Кога некој доаѓа на исповед, се поставува прашањето какви нешта да се исповедаат? Понекогаш нашата совест не ни смета, не нè обвинува за ништо – никого не сме убиле, никого не сме ограбиле…

– Да, совеста прво нè обвинува за потешките гревови. Но, доколку нашата совест молчи, тоа е затоа што претходно таа зборувала, а ние сме ја замолчиле. Светите Отци велат дека ако човек се префрли од светла во темна соба, најпрво ќе може да ги гледа големите предмети, а дури потоа малите; ако запали светло, ќе започне сè да забележува. На истиот начин, човекот кој започнува да води сметка за својот внатрешен живот најпрво ги гледа само големите гревови, а потоа малите. Потоа благодатта го осветлува за да може да ги гледа своите прегрешенија, како што се молиме со великопосната молитва на св. Ефрем Сирин.

Точно за кои гревови треба да се покаеме е прашање на време. На почеток, човекот не разбира многу или не забележува. Но, за време на оваа Света Тајна, благодатта, самиот Дух Божји започнува да работи на човековата способност за согледување на своите согрешенија. А човекот, без и воопшто да сфати како точно погрешил, постојано ја чувствува својата грешност. Иако исповедувањето на гревови ја подразбира и идејата за нивно разбирање, таа вклучува и една состојба на чувствување, кога личноста едноставно разбира дека е грешка во споредба со светоста; ова, исто така, е пројава на благодатта. На пример…

Татко ми беше роден во 1900. година, така што пост-револуциските години настапиле за време на неговата младост. Се појавиле многу нови струи, „слободарскиот“ здив… и така, тој бил одвлечен од Црквата. Неговата мајка, мојата баба, за време на Великиот пост го поканила да дојде со неа в црква и да се причести. Му рекла: „Ако дојдеш и се причестиш, ќе ти направам метанија“. „О, мамо, не мора да направиш, ќе дојдам“, одговорил и пошле во црквата во која служел отец Владимир Воробјов (дедото на истоимениот протоереј, сегашниот ректор на Православниот универзитет „Св. Тихон“).

Застанал во редот за исповед и немал ниту една покајна мисла; само стоел таму, и ги гледал убавите девојки. Кога дошол неговиот ред, ги приклонил колената, и на прашањето на свештеникот „Па, младо момче, што сакаш да кажеш?“, татко ми одговорил: „Немам ништо за кажување“. „Тогаш, зошто дојде?“. „Мајка ми ме замоли“. Свештеникот помолчел уште малку, и потоа му рекол: „Тоа е добро, тоа што си ја послушал мајка ти“. Го покрил со епитрахилот и започнал да му чита разрешна молитва.

„И до ден денешен не можам да разберам што се случи со мене на тој ден“, ми раскажуваше татко ми подоцна. „Започнав да липам; од очиве, како од чешма, почнаа да ми течат солзи. Кога станав и се вратив на моето место, не погледнав никого. Светот веќе целосно се беше променил за мене“. Од тој ден, татко ми почнал да оди в црква. Потоа, по промисла Божја, бил испратен во затвор, кадешто делел келија со свети исповедници за верата. По затворот, станал свештеник.

Гревовите што ги забележуваме кај другите се во нас

Има ли некаква помош при подготвување за исповед?

– Би можеле да советуваме да се чита нешто што е напишано со ваква цел: има една добра книга од отец Јован Крестјанкин, „Искуства во подготвување за исповед“, како и други материјали; но, тука се соочуваме со една компликација: се појавија некакви набројувања или листи со гревови во кои луѓето како да се „насладуваат“, како да „уживаат во вкусот на гревовите“.

Треба многу да се внимава со ваквите листи, оти некогаш тие стануваат еден вид на учебник, прирачник за гревови; во нив се сместени гревови на кои човек никогаш не би ни помислил, а камо ли да ги направи. Не треба да се читаат листи со телесни гревови, зашто тоа ја валка душата. Што се однесува до другите гревови, подобро е да се внимава на внатрешната состојба. На пример, кога во некого забележуваме некаква слабост, самиот факт што во него ја забележуваме таа слабост значи дека истата страст ја носиме и во себе. Се сеќаваш на „раската“ во окото на ближниот, и „гредата“ во твоето? Што е оваа реска? Раската расте, и прераснува во страст. Реската е грев; односно, конкретна пројава на таа страст. Кога не би го знаеле видот на дрвото од кое е направена таа реска, кога не би знаеле ни дали е штетна, тогаш не би се сомневале околу реската. Како што се вели, „Секој ги сфаќа нештата според степенот на својата порочност“. Така, во другиот го забележуваме токму оној грев, ја согледуваме таа одредена страст којашто ја носиме и самите.

Некои луѓе се соблазнуваат оти простувањето, како што изгледа, лесно се здобива. Човекот греши, па се кае, па повторно греши, и повторно се кае… и така постојано? Без никакво покајание?

– Зошто велите така? Кој ви кажал такво нешто? На исповед, се простува гревот; но и покрај тоа, човекот мора да ги сноси последиците од својот грев. Класичен пример е раскајаниот разбојник, кој бил распнат заедно со Христа, на крст. Тој се покајал, и Господ му вели „Уште денес ќе бидеш со Мене во Рајот“. Ништо нечисто не може да влезе во Рајот, а знаеме дека Господ веќе го очистил и му ги простил гревовите; сепак, тој останал да виси на крстот! И, доколку ова не ви е доволно, Евангелието ни кажува дека војниците потоа ги скршиле неговите нозе (сп. Јн. 19,32). Бездруго, значи, човекот мора да ги сноси последиците од неговите гревови, но сепак, не до оној степен до којшто тој заслужува да страда.

Многу Христијани и покрај тоа што се исповедаат секоја недела остануваат грешници, и на никаков начин не се разликуваат од останатите луѓе. Уште повеќе, тие постојано се каат за едни исти гревови. Зарем не ви се чини дека исповедта не им помага?

– Ни најмалку. Оној кој постојано се работи на себеси, веќе започнал да се разликува од другите луѓе. Што се однесува до повторувањето на гревовите, дури и на апостол Павле му бил даруван трн во телото, некој вид на болка, страдање или искушение, за да не стане надуен. Како што велат, „До последниот здив, дури и до дверите Рајски, борбата со гревот продолжува“. Св. Марија Египетска се покајала, но во следните 17 години огнено се борела со гревот!

Дали чувството на покајание за време на исповед е потребно? Некои луѓе едноставно ги набројуваат нивните гревови без видлива емоција. Дали е тоа добро?

Важноста на борбата со гревот не се состои само во неговото именување, туку во тоа гревот да стане одвратен и грозен за нас. Кога бевме на Света Гора, еден свештеник праша еден од старците: „Зошто се случува да се покаам, да се причестам, и повторно да ги направам истите гревови?“ Старецот му одговори: „Едноставно, затоа што болката во срцето не претежнала и не го победила гревот!

Ако само ги набројуваме гревовите, без болка во срцето, тоа значи дека во нас нема внатрешна битка со гревот. Покајанието секако да го вклучува здобивањето на едно внатрешно чувство на покајност. А ова чувство е од Бога – ние не можеме да му заповедаме на срцето. Но, некогаш, и самото набројување на гревови бара огромен напор, до крв.

Исповедта е само почеток на покајанието; покајанието е столб на духовниот живот. Што се однесува до молитвата што ја чита свештеникот при исповед, во неа се кажуваат следните зборови: „дарувај му икона на покајание“. Би прашале, зошто е тоа така? Зарем не се покаја пред малку, а сега повторно се молиме „дај му икона на покајание“?! Така се прави за јасно да ни се покаже дека веднаш по нашата исповед следни едно ново ниво на покајание.

Се сеќавате како апостол Петар во Евангелието падна пред нозете на Спасителот и рече „оди си од мене, оти сум грешен човек, Господи (Лк. 5,8)? И ова е покајничка состојба, која ја искусил татко ми тогаш кога ја почувствувал благодатта Божја!

Кога некои луѓе ѝ пристапуваат на Црквата, тие целосно го изменуваат нивниот живот после првата исповед. Други пак, обратно, тешко дека се менуваат, и продолжуваат со грешнички живот, како претходно. Од што зависи тоа?

– Зависи од нивната решителност, нивната одлучност. Човекот треба да бара помош од Бога, за да може да биде одлучен и трпелив. Пред околу 40 години разговаравме со о. Јован Крестјанкин (беше млад тогаш) и ме запраша дали сум ги прочитал овие зборови од апостол Јаков: „Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога“ (Јак. 1,5). Ме праша: „За каква мудрост мислиш дека станува збор тука? Мудроста Соломонова? Не, се збори за трпението!“ Трпението е духовна вештина, една духовна наука. И преку трпението човекот може да биде вистински избавен од гревот.

Понекогаш, после исповед доаѓа едно чувство на духовно олеснување и леснотија во душата, а некогаш не. Што значи тоа? Дали треба да го очекуваме ова чувство после секоја исповед?

– Aко таквото чувство е присутно, слава Му на Бога. Но, истото не треба да го очекуваме, да го исчекуваме. Не нужно ќе се роди; и, ако не се роди, тоа знали дека треба да продолжиме со трудот, оти во борбата со гревот никогаш не треба да застанеме.

Општо земено, не треба да очекуваме некакви духовни состојби, а уште помалку да ги тражиме. Ако ни се дадат такви состојби – добро; но, не треба да ги очекуваме. Всушност, тражењето или трчањето по таквите духовни или емотивни состојби е изрично забрането. Доколку после исповед не чувствувате духовно олеснување или емотивно ослободување, тоа не значи дека Бог не ја примил вашата исповед.

Има една светоотечка анегдота: еден човек постојано и искрено се каел, но истовремено не можел да се избави од чувството на тежина; отците од манастирот започнале да се молат за него: „Господи, неговото покајание е толку искрено; зошто сè уште не му проштеваш?“, на што добиле одговор: „Одамна му против, но ова страдање е потребно за неговото спасение“.

Колку детално треба да ги опишуваме нашите гревови на исповед? Дали е доволно само да ги спомнеме, или е потребно на свештеникот да му ги раскажеме и најситните детали?

– За жал, ако секој човек опише сè до детаљ, исповедта може да трае до вечерта. Особено телесните гревови не треба да се исповедаат детално. Исто поврзано со овој вид на гревови, при опишување на околностите под кои се сторил, како да се јавува елемент на себеоправдување. Некои луѓе, пак, ми раскажуваат како им поминал целиот ден; во неколку наврати, имаа со себе и испишани тетратки. Ако започнеш да раскажуваш што си правел минатата недела или месец, ќе завршиш со мал роман!

Деталите не се најважни, туку борбата е: ако си исповедал еден грев, тогаш бори се со него. Ако нема реална борба со гревот, тогаш сите детали на светот нема да помогнат.