За Светото Писмо (2)

"За Светото Писмо (2)"

44. Колку книги има во Новиот завет?

Во Новиот завет има дваесет и седум книги.

45. Кои се Новозаветни законски книги?

Законски книги, односно книгите кои првенствено ја составуваат основата на Новиот завет со право можат да се наречат Евангелие. Него го сочинуваат четирите книги на евангелистите: Матеј, Марко, Лука и Јован.

46. Што значи зборот „Евангелие“?

Зборот Евангелие е грчки збор и значи благочестие, односно добра и радосна вест.

47. За што се говори во Евангелието?

Книгите кои ги нарекуваме Евангелие благовествуваат за Божеството на нашиот Господ Исус Христос, за Неговото пришествие (доаѓање) на земјата, за Неговиот живот на земјата, за Неговите чуда и Неговото спасително учење и, на крај, за Неговата крсна смрт, славното Воскресение и Вознесение на небото.

48. Зошто четирите евангелија го добиле тој назив?

Тие книги се наречени Евангелие затоа што за луѓето не може да има подобра и порадосна вест, отколку веста за Божјиот Спасител и за вечното спасение. Затоа пред и по читањето на Евангелијата во црква го применуваме радосниот восклик: Слава Ти Господи, слава Ти!

49. Која Новозаветна книга е историска?

Помеѓу Новозаветните книги е и историската книга која е наречена Дела на светите апостоли.

50. Таа сведочи и говори за слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и за распространувањето на христијанската Црква преку нив.

51. Што значи зборот „апостол“?

Зборот апостол значи пратеник. Со тоа име се нарекуваат избраните ученици на нашиот Господ Исус Христос, учениците кои Тој ги пратил за да го проповедаат Евангелието.

52. Кои се поучни книги во Новиот завет?

Учителските (поучни) книги на Новиот завет се седумте Соборни посланија: едно на свети Јаков, две на св. Петар, три на свети Јован и едно на Јуда, како и четиринаесетте посланија на апостолот Павле: кон римјаните, коринтјаните (две), галатјаните, ефесјаните, филипјаните, колосјаните, солуњаните – (две), Тимотеј (две), Тит, Филимон и Евреите.

53. Која е пророчка Новозаветна книга?

Меѓу книгите на Новиот завет спаѓа и една пророчка книга – Апокалипсис-от.

54. Во превод од старогрчки јазик тој збор (апокалипсис) значи Откровение.

55. Таа книга содржи таинствено изобразување на идната судбина на Христовата Црква и на целиот свет.

56. Како треба да го читаме Светото писмо?

При читањето на Светото писмо треба да се запази следново. Најнапред, неопходно е да го читаме со вера и почит, како Божјо слово и со молитва за негово разбирање; како второ, треба да го читаме со чиста намера, за наше поучување во верата и побудување кон добри дела; а како трето, треба да го разбираме во согласност со толкувањата на Библијата кои ни се дадени од Православната Црква и нејзините свети отци.

57. Што ни потврдува дека Светото писмо е навистина Божјо слово?

Кога Црквата го предложува учењето на Божјото откровение и на Светото писмо на луѓето кои нив сѐ уште не ги дознале, тогаш, таа им ги покажува следниве знаци дека навистина станува збор за вистинско Божјо слово. 1. Висината на тоа учење, која ни сведочи дека тоа не можело да биде изобразено од човековиот разум. 2. Чистотата на тоа учење, која ни покажува дека тоа произлегло од најчистиот Божји ум. 3. Пророштвата. 4. Чудата. 5. Многустраното дејство на тоа учење врз човековите срца, дејствување кое е својствено само за Божјата сила.

58. Што подразбираме под пророштва?

Пророштвата се знак на вистинското Божјо откровение, и тоа може да се разјасни со пример. Пророкот Исаија го претскажал Рождеството на Христос Спасителот од Дева, нешто што природниот разум на човекот не може ниту да го замисли, и неколку стотици години после тоа пророштво нашиот Господ Исус Христос се родил од Пресвета Дева Марија. Не можеме а да не видиме дека пророштвото било слово на севидливиот Бог и дека исполнувањето на пророштвата е дело на семоќниот Бог. Затоа и светиот евангелист Матеј, раскажувајќи за Христовото Рождество, го наведува пророштвото на Исаија: А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот, кој вели: „И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!” (Мт. 1, 22-23).

59. Што се чуда?

Чудата се дела кои не можат да бидат направени на сила, ниту преку човековото знаење, неговите моќи, туку преку семоќната Божја сила. На пример – воскресение на мртов човек.

60. Чудата се знак за вистинско Божјо слово.

Оној што прави вистински чуда, тој дејствува со Божјата сила, па следствено на тоа му е угоден на Бога и е причестен од Божјиот Дух. А на таквиот човек му е својствено да ја говори само чистата вистина. И затоа, кога зборува преку Божјото име, тогаш преку него, без сомнение, говори Божјото Слово. Затоа Самиот наш Господ Исус Христос ги признава чудата за важно сведоштво на Своето праќање од Бог Отецот: делата што Ми ги даде Отецот да ги вршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за мене дека Ме пратил Отецот (Јн. 5, 36).

61. Какво е влијанието на христијанското учење?

Моќното влијание на христијанското учење особено може да се види во примерот на дванаесетте апостоли, одбрани од сиромашни, необразовани луѓе, луѓе со ниска општествена положба. Сепак, со христијанското учење тие победиле и ги покориле под Христос силните, мудрите, богатите; покориле цареви и царства.