Забранети јавните настапи на окултисти во Архангелск

"Забранети јавните настапи на окултисти во Архангелск"

По барање на Архангелската епархија (РПЦ-МП), градските власти во Архангелск одлучиле да не ги отстапуваат јавните простории на користење за вршење на окултистички дејанија, изјавил градоначалникот Виктор Павленко. Имено, епархиското свештенство го замолило градоначалникот да не го дозволи јавниот настап на Фарима Хадујева, учесничка во едно познато телевизиско шоу за биоенергетичари, пишува „Руска газета“. Според распоредот, окултистката требала да одржи семинар во Центарот за култура на Архангелск, и целиот град бил преплавен со промотивни материјали за настанот.

Градоначалникот на Архангелск, г. Виктор Павленко
Градоначалникот на Архангелск, г. Виктор Павленко

Пред нејзиното пристигнување, раководителот на епархиското Одделение за односи меѓу Црквата и општеството истакнал дека „во случај семинарот да биде спроведен, граѓаните може да бидат подложени на опасно окултистичко влијание“:

– Можно е да настрадаат семејствата и децата, затоа што во програмата на посетата се најавени теми со наслов „Проблемот на раѓање деца – семејни односи“ и „Предизвикувачи на болести“. Реално, граѓаните што учествуваат во вакви семинари се подложуваат на ризик од нестручната медицинска интервенција, но и промена на свеста. Меѓутоа, информации за евентуални последици од ваквите интервенции не се достапни. Во случај да се нанесе штета по здравјето на човекот, би било многу тешко да се најде вистинската причина, а бидејќи никој не презема одговорност, штетата не би можела да биде надохнадена.

Од своја страна, окултистката изјавила дека за прв пат се среќава со ваков вид на забрана и толкување на нејзините настапи. Семинарот, според нејзината официјална Фејсбук страница, бил одложен за 22 март.

Извор: Православие.ру