Минатата недела од Антиохиската Патријаршија бил испратен апел до меѓународната заедница за помош при откривањето на вистината за двајцата христијански јерарси киднапирани пред две години во близина на сириската граница со Турција. Како што е познато, вооружени напаѓачи на 22 април 2013 година ги киднапирале Митрополитот Павле Јазиги (од Антиохиската Патријаршија) и Архиепископот Григориј Јован Ибраим (од Сириската црква), и оттогаш не е познато ништо за нив.
– Се надеваме дека епископите се живи но, за жал, целиот свет молчи и никој не доставува никакви материјални докази за тоа – изјавил Антиохискиот Патријарх Јован X, кој е брат по раѓање на киднапираниот Митрополит Павле. – Се обидовме да преговараме со сите оние кои би можеле да помогнат, но наидовме на потполн молк, – продолжил тој, уште еднаш повикувајќи ја меѓународната заедница и организации да се мобилизираат.
Во заедничката изјава на поглаварите на Антиохиската Патријаршија и Сирио-јаковитската црква по повод втората годишнина од киднапирањето, меѓу другото, се вели:
– Павле и Јован се во искушенија; гонењето на христијаните од првите векови повторно се врати во оваа земја. Ваквите прогонства не се типични за Истокот, ниту за нашето време. Последиците од ова искушение не се само овоземни, туку и небесни. Во оваа битка, Великиот Судија ќе победи, зашто Неговиот суд е суд на Вистински Бог и Вистински Човек.
– Да не заборавиме, о браќа по надеж, дека нè искушуваат „поради нашата надеж во воскресението“ (сп. Дела 23, 6). Апостол Павле еднаш посведочи, а ние гласно објавуваме: тие сакаат да ја избришат иднината по цена на сегашноста! Но, не знаат тие дека Господ на небесата и земјата, Кој и нив ги создаде, ни даде можност преку духот на Верата да ја надминеме далечината која нè разделува, и да ја зачуваме иднината преку од Бога дадената надеж за остварување на Неговото ветување. Овој живот ќе премине, но идниот ќе остане.
– Со големо очекување гледаме напред, останувајќи утврдени во оваа надеж додека се соочуваме со смртта која се заканува да ги уништи нашите тела и души. А нашата надеж во воскресението Христово ги искина синџирите на смртта во ова искушение на нашата истрајност.
Извор: Антиохиска Патријаршија, Правмир