На насилно поделениот Кипар се прават напори за религиска соработка меѓу православните Грци и Турците – муслимани. Во средината на март годинава, после доцнење од речиси половина година, започнала обновата на манастирот „Св. Пантелејмон“ на северниот дел од островот, во непризнатата турска република Северен Кипар. До изведбата на овој проект дошло по постигнатиот договор меѓу кипарскиот Архиепископ Хризостом II и великиот Муфтија Талип Аталај. Планирано е да се обноват сите христијански свети места во северниот дел од оваа островска земја, кој од 1974 година се наоѓа под турска власт, со што многу цркви и манастири се претворени во џамии и дервишки манастири.
Претходно, манастирот бил омилено поклоничко место на Кипар. Значаен е затоа што за време на погромот од Турција (1922/23 год.) многу грчки христијани, бегалци од Мала Азија, биле засолнети во него. Последниот монах од манастирот се упокоил во 1976 година, како еден вид на воен заробеник. Инаку, манастирот е изграден во Средниот век од монасите на светогорскиот манастир „Св. Пантелејмон“. Со доаѓањето на Турците на Кипар во 1571 год., митрополитот на соседната Киринеја ја пренел својата катедра токму во овој манастир. Денешната манастирска црква потекнува од 1710 година.
Во современата историја, манастирот на св. Пантелејмон од 1976 до 2004 година служел како воена касарна. Оттогаш се наоѓа во рушевини. Трошоците за обнова на манастирот се проценуваат на минимум 2 милиони евра, и ќе бидат покриени од Европската Унија.
Извор: Кипарска новинска агенција