На 13 октомври годинава, со чинот на Мал водосвет отслужен од страна на Аполонискиот Епископ г. Николај, а во присуство на Епископот Билиски г. Астиј, професорскиот колегиум и студентите на факултетот, започна новата академска година на Православниот богословски факултет „Воскресение Христово“ во с. св. Власиј во Драч (Албанија). Неговото Преосвештенство, г. Николај го пренесе благословот на Архиепископот на Тирана и Албанија, г.г. Анастасиј, како и неговите желби за успешна работа, особено на новите 16 студенти запишани во прва година.
Од управата на факултетот била искажана надежта дека и оваа година ќе биде плодна, и процесот на оформување на богословски и духовно образовани кадри ќе придонесе за зајакнување на Црквата. Факултетот овозможува функционална околина, богата библиотека и активен литургиски живот.
Извор: Албанска православна црква