На 3 февруари годинава заврши работата на Архиерејската конференција на Руската православна црква со која претседаваше Неговата Светост, Патријархот Московски и Руски г.г. Кирил. Во работата на Конференцијата учествувале 259 архиереи, од кои 215 активни, 38 – викари и 6 вомировени епископи.
Во воведното излагање, Патријархот ги информирал присутните за меѓу-православната динамика во подготвувањето на претстојниот Сеправославен собор. Тој ја изразил својата загриженост поради спороста на работата на Засебната меѓу-православна комисија, која се сретнала во септември/октомври 2014г., а следната работна средба е закажана за овој месец. Исто така, тој потенцирал дека е особено загрижен поради фактот што Константинополската Патријаршија не испратила покана до Православната црква на Чешките земји и Словачка, со што бил нарушен принципот на консензус во процесот на подготовка за Соборот. „Имајќи предвид дека претстојниот Собор се свикува за на светот да му се покаже единството на Православните, верувам дека овој проблем мора да се реши што е можно поскоро“, укажал Патријархот.
На Конференцијата бил усвоен документот за учеството на верните во Евхаристијата, подготвен на меѓу-соборното заседание. Исто така, била разгледана темата на монаштвото, како вовед во создавањето на „Регулација на манастири и монаси“. Архиепископот Верејски Евгениј, претседател на Комитетот за образование, го претставил извештајот за распределба на дипломците од богословските образовни институции. Бил одобрен и документот „Времена регулација на распределбата на дупломците од богословските образовни институции на Руската православна црква“.
Потоа, било разговарано за соработката на епархиите и канонските единици на Руската Црква со поклоничко-производственото претпријатие „Софрино“. Митрополитот Иларион Алфеев, Претседател на Синодалната библиско-богословска комисија, дал извештај за напредокот во составувањето на Катихизисот на Руската православна црква.
На крајот од заседавањето биле усвоени „Одлуките од Архиерејската конференција на Руската православна црква“. Патријархот им се заблагодарил на учесниците за плодотворната работа.
Извор: Московска Патријаршија