Заврши со работа 13-тата пленарна седница на Комисијата за богословски дијалог со Римо-католиците

"Заврши со работа 13-тата пленарна седница на Комисијата за богословски дијалог со Римо-католиците"

На 22 септември годинава во Аман (Јордан) заврши со работа 13-тата пленарна седница на Комисијата за богословски дијалог со Римо-католиците.

Комисијата го разгледа предлог-документот насловен „Соборност и првенство“, подготвен на координативната седница на Комисијата од 2012 г. во Париз. Бидејќи текстот на документот повлече голем број на фундаментални забелешки, беше одлучено да се изготви и достави нов предлог-документ. Беше формиран Комитет за изготвување на нацртот со наслов „Кон едно заеднично разбирање на соборноста и првенството во Црквата во првото илјадолетие“. После долги дискусии, во кои се открија сериозни разлики во поглед на мислењата околу приматот во Црквата, беше препорачано Заедничката комисија содржински да го поправи текстот и да го приложи на следниот состанок во 2015 година.

За време на дискусијата околу соборноста и приматот во Црквата, беше изразена критика во врска со документот „Црковни и канонски последици од светотаинската природа на Црквата“, усвоена од Заедничката комисија на 13 октомври 2007 г. во Равена. Митрополитот Волоколамски г. Иларион подвлече дека овој документ не наишол на прифаќање меѓу Православните Цркви, затоа што бил усвоен во отсуство на претставници на Руската Црква, чии критички забелешки доставени во различни фази од неговото изготвување биле игнорирани. Митрополитот Акхалтсикски г. Теодор изјави дека и Грузиската Црква го отфрлила документот.

На последната седница од работата, Комисијата беше почестена со присуството на Неговата Светост, Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III и Неговото Височество, Принцот Гази бин Мухамед, член на владеечката династија во Кралството Јордан и кралски советник за верски прашања на Кралот Абдула. Копретседавачите на комисијата, Митрополитот Пергамски г. Јован и Кардиналот Курт Кох му се заблагодарија на Неговото Височество за неговата помош во организирањето на пленарната седница во Аман и искажаното гостопримство.

На седницата беше усвоено заедничко послание во кое Заедничката комисија ја нагласи сериозната ситуација со Христијаните на Блискиот Исток и повика за моментално ослободување на сите заложници, вклучително и Митрополитите Павле Алепски (Антиохиска Патријаршија) и Григориј Ибраим (Сирио-јаковитска православна црква), како и за моментален престанок на крвопролевањето и воспоставување на мирот на Блискиот Исток.

Извор: Московска Патријаршија