Рускиот православен портал AgionOros.Ru минатата недела ја пренесе информацијата дека во Санкт Петербург, каде што моментално од Света Гора е пренесена чесната рака на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, се случило чудо со една жена.
– Целивајќи ја десницата на свети Георгиј, слепата жена со помош на бел стап излезе од храмот. На улицата ги отвори очите и со радост и солзи започна да извикува: „Јас гледам, Господи, јас гледам!“ Претходно, таа десет години речиси целосно го имала изгубено видот. Сето ова го видовме ние, и присутните верници – објаснува светогорскиот јеромонах Јосиф кој ја предводи делегацијата што ги придржува чесните мошти низ Русија.
Тој додава дека монасите од светогорските манастири не ставаат акцент на физичките исцелувања и не водат евиденција за нив. „Најважно чудо е препородувањето, спасувањето на човечките души. И такви чуда неколку пати видовме во Петербург. Тоа се гледа во очите на верниците, во нивните насмевки и солзи“.
– Во верата, ние секогаш сакаме да се ослонуваме на чудата. А Господ го дава чудото тогаш кога тоа е навистина потребно – вели тој.
Според неговите зборови, присуството на светиот Георгиј Победоносец во Петроград се забележува, и просто може да се види како маченикот ги осветува и благословува луѓето кои му се обраќаат.
Раководителот на волонтерската служба на младината на Санктпетербуршката епархија, јереј Димитриј Димитриев изјави: „Дури и да не зборуваме за физички исцеленија, кои не секогаш ги запишуваме, со сигурност може да зборуваме за една посебна, необична благодат која ја забележуваме сите – и волонтерите, и верниците. Се чувствува едно олеснување. Оние кои доаѓаат овде со сите свои неволји и болни срца, си заминуваат сосем поинакви, изменети“.
Извор: Православие.ру