Светиот и преподобен отец наш меѓу светиите, Осоговскиот чудотворец Јоаким се подвизуваше во втората половина на единаесеттиот век.
Бивајќи ревносен за подвижнички живот и осаменост уште од младоста, и подражавајќи го богоносниот свештеномаченик Игнатиј, како ѕвезда патуваше од запад кон исток, за на крај да стигне во пустините Осоговски. Воден од ангел Божји една вечер пристигна во домот на еден благоверен болјарин во селото Градец. Кај него имаше црква, и откако преподобниот влезе во неа, се помоли и испроси од Бога благослов за неговиот подвиг, му се обрати на домаќинот, велејќи му: „Еве, брате, смирено ти исповедам дека пола свет минав, слушајќи за овие богодадени области и планини, погодни за оние кои сакаат наполно осамени на Бога да Му се посветат. Сакам таму да појдам, но патот не го знам, па те молам, точно да ми кажеш каде можам тоа што срцето мое го пожелува да го добијам“. Болјаринот му раскажа за тешкотиите што го очекуваат во тие предели, и уште му го покажа патот под падините на гората Осоговска, кон потокот што се нарекува Бабин Дол. А преподобниот појде натаму, и најде пештера од Бога приготвена за него, и тој започна Бога и Мајката Божја да ги слави со зборови слатки: „Слава Ти Боже, што вака мене смерниот ме упати, и стапките мои по патот Твој ги водиш, и вакво место за живеење ми дари, за остатокот од краткотрајниот животот мој да го завршам според Твоите заповеди, во молитва и постење, во солзи и бденија, глад и жед трпејќи, во голотија и студ и секакво друго трпење и злострадање, за да се спасам од тој страшен и неиздржлив пекол приготвен за Твоите не пријатели“.
Во тоа место, Сарандапор, божјиот угодник Јоаким ги помина сите дни од неговиот живот, подвизувајќи се во добри дела, истоштувајќи се со различни тешкотии и трудови. Немаше ноќ кога светиот не бдееше на духовна стража, кревајќи ги рацете кон небесата, и така во молитва стоејќи долги часови до самото изгрејсонце, за тогаш радосно кон Бога да повика: „Слава Ти на Тебе Кој ни ја покажа Светлината…“. И ангелите кои Бог ги испрати за да му помагаат се чудеа од неговата голема љубов кон Бога, за што сведоштво беше растот и преуспевањето во добродетелите.
Од Бога, Кој владее со сите, и од Кого доаѓа секој дар, за неговите подвизи беше награден со множество дарови.
Кога се приближи денот и часот на неговото заминување од овој свет, и претставување пред Оној на Кого цел живот Му служеше и во чие име се подвизуваше, Бог му испрати двајца мажи, ловци. Откако ги виде, светиот им се обрати: „Каква мака ве доведе кај мене, бедниот, луѓе? Оти, гледам дека срцата ваши се нажалени поради нешто?“ Тие му рекоа: „Имавме навика, оче, бидејќи сме бедни, да доаѓаме на оваа планина, и со Божја помош, секогаш наоѓавме лов што го носевме дома, за да ги прехраниме нашите домашни. Но, сега многу дни попусто се мачиме, ете, и празни дома се враќаме“. Преподобниот ги сослуша, се сожали над нив, се помоли и им рече: „Време е вечерно веќе. Останете оваа ноќ овде, и после ќе ве испратам во мир“. Така и сторија. Утредента, рано наутро им покажа да го напуштат стариот пат, да излезат на врвот од планината и оттаму да тргнат кон нивните домови. Тие го примија реченото од него, излегоа од патот како што им препорача светиот, се искачија на врвот од планината, и најдоа голем лов та, радувајќи се, Го славеа Бога и си припомнаа дека по молитвите на преподобниот, Господ ги исполни нивните вреќи со добар лов. Едниот од нив се врати и до кај светиот, и му раскажа дека по неговите молитви Господ им дарувал преобилен лов. Преподобниот повторно го благослови, и му рече: „Задолжително доаѓајте кај мене, поради благослов“.
Не помина многу време, и истите мажи појдоа кај свети Јоаким за повторно да примат од него благослов. Но, многу се натажија кога узнаа дека тој се упокоил. Малкумина беа оние кои знаеја дека неговите свети мошти се наоѓаат во таа пештера. После некое време, по смртта и на овие двајца мажи, и се чинеше дека речиси никој не се сеќава дека некогаш тука се подвизувал некој свет подвижник.
Меѓутоа, не за долго. Бог, по Неговата премудра промисла, во времето на царот Мануил I Комнен, го прослави споменот на преподобниот Јоаким. Беше обновено и местото на неговите подвизи. Беше издигната црква и манастир посветени на свети Јоаким. За прв игумен на братството беше избран монахот Теофан, кому светителот на сон му го откри местото на своите свети мошти од кои се ширеше благоухание. Потоа му покажа и дрво во шумата од кое побара да му направи кивот и во него да ги пренесе светите мошти во манастирот.
Сето тоа отец Теофан го изврши со беспрекорно послушание и браќата со свечена литија ги пренесоа моштите на Преподобниот во манастирот, од умиление славословејќи Го Бога и величајќи го божјиот праведник со восклици вакви: „Радувај се, пустински воспитаниче, радувај се, украсу на монасите, радувај се, светлино од Сонцето што за залез не знае, радувај се, на болните лекару и на бедните богатство, радувај се, во бедите брз помошниче…“ Светите мошти ги положија во црквата, и веднаш потоа крај нив да започнат да се случуваат многубројни чуда.
Луѓето од сите краишта и по многу векови, до ден денешен, притекнуваат кон овој манастир и црпат исцеление и помош преку молитвите на светиот отец наш Јоаким Осоговски.