И кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. (Дела 2, 1-3)
Значи, не биле огнени, туку „како оган“, за да не Го замислува некој Духот некако чудно. Оти, како што Духот над јорданските води не слегнал како гулаб туку во вид на гулаб¹, така и овде не се јавил како вистински оган, туку во вид на оган. Оти, напишано е и ова: „И одеднаш настана шум од небото како дување на силен ветер“. Значи, не е речено дување на ветер, туку како дување на ветер. А зошто и Језекиил не го примил дарот на пророштво во вид на оган туку во вид на книга, а апостолите, пак, зошто не го примиле во вид на книга? За Језекиил се вели дека е речено: „отвори ја устата и изеди го она што ќе ти го дадам“ ( Језек. 2,8). А кога погледнал, „ете, протегната рака спрема мене, и во неа – книжен свиток. И Он ги разви пред мене, а свитокот беше напишан одвнатре и однадвор, и на него беше напишано: плач, жалост и офкање. И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед“ ( Језек. 2, 8-10; 3,3). А за апостолите е напишано: „Им се покажаа јазици како огнени“. Зошто таму има книжен свиток и букви, а овде јазици и оган?
Језекиил бил испратен да ги прекори јудеите за нивните гревови и да пророкува над нивната несреќа, а апостолите требале да ги разрешат гревовите на целиот свет. Језекиил примил свиток за да може да ги запомни несреќите што ќе се случат, а апостолите тргналe со огнот, за со него да ги спалат и уништат сите беззаконија на овој свет. Оти, како што трњето согорува кога го допира оган, така и благодатта на Духот ги уништува човечките гревови. Но, бесчувствителните јудеи, наместо да се ужаснат и затреперат штом го виделе тоа, и да се поклонат на оној кој ги донел таквите дарови, го покажале своето безумие потсмевајќи им се на апостолите кои биле исполнети со Духот, велејќи дека се пијани: „Се напиле од слаткото вино“ (Дела 2, 13). Замисли ја човечката неразбраност и погледни на разбраноста на ангелите. Ангелите, гледајќи дека нашата Првина² се вознесува, се радувале и повикувале: „Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти“ (Пс. 34, 7). А луѓето, гледајќи ја излеаната благодат, се потсмевале со зборовите: „Се опиле со слатко вино“, не водејќи сметка дека тоа се случило на пролет, кога и немало ново вино.
Да го оставиме тоа, и да видиме на взаемните дарови, од човек на Бога и од човекољубивиот Бог на човека. Тој Го прими Христа – Првината од нашата природа, и ни ја испрати благодатта на Светиот Дух. Како што после долги војни, по нивното завршување, откако ќе се воспостави мир, оние коишто биле завојувани испраќаат дарови едни на други, така се случило и меѓу Бога и родот човечки. На Бога ние, како наш залог, сме Му ја испратиле нашата Првина во Христа, а Он нам ни ги испратил даровите на Светиот Дух. Знаеме дека ова е така, затоа што и денес кога се дава залог, тој мора да биде од царското семејство, па така и Светиот Дух произлегол од царствувачката суштина и ни бил нам испратен, а од нас Оној Кој се вознел, исто така бил од царското семејство – од племето Давидово.
Јас веќе не се плашам, зашто нашата Првина седи на небо. И дури и црвите што не умираат да ме јадат и да бидам казнет со неизгаслив оган и страшни маки, јас никако не се плашам. Или подобро речено, се плашам, но не очајувам за моето спасение. Оти, да не сакаше Бог за луѓето големи богатства, немаше да ја прими ни нашата Првина на небесата. Пред ова, секогаш кога ќе погледневме на небо, ќе размислувавме за бестелесните сили и споредувајќи се со нив, ќе се сетевме на нашата зла судбина. Но сега, кога ќе погледнеме на небо, гледаме дека нашата Првина седи на царскиот престол. Така Синот Божји и ќе дојде од небесата за да ни суди.
Да се подготвиме да не отпаднеме од оваа слава, оти нашиот Господ сигурно ќе дојде и нема да задоцни. Ќе дојде и со Себе војска ќе донесе, ангелски чети, архангелски чинови, мноштво маченици и множества праведници, собори од пророци и апостоли. И насреде сите тие војски, ќе ни се јави Самиот Цар во неизмерната и непоимлива слава. Оттука, да направиме сè за да не бидеме лишени од таа слава. Сакате да ви кажам и нешто страшно? Но, не за да ве натажам, туку за да ве поправам. Во она време, пред оној престол ќе потече и огнена река. Ќе се отворат книгите и ќе започне Страшниот суд и, како и на овдешните судови, ќе се читаат делата на нашите животи.
Пророците многу говореле за тие книги. И Мојсеј рекол: „Прости им го гревот. А ако не сакаш, избриши ме од книгата која ја напиша“ (2Мојс. 32,32). И Христос им велел на учениците: „Но, не радувајте се на тоа што и духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата (Лк. 10,20). А пророкот тврдел: „Во книгата твоја напишано е сè, и деновите се забележани, дури и тогаш кога ниту еден не постоеше“ (Пс. 139, 16). А на друго место, пак, вели: „Нека се избришат од книгата на животот, и нека не бидат запишани со праведните“ (Пс. 49. 28). Гледате ли како едни се запишуваат, а други се бришат? Сакаш ли да се увериш дека таму не се запишани само праведниците, туку дека се запишуваат и нашите гревови? Токму поради тоа што денес е благден, треба да се научиме и на она што може да нè избави од маките. Страшни се овие зборови, но и корисни и потребни, оти не ни допуштаат да западнеме во искушанија во делата. Да сфатиме дека нашите гревови се запишуваат и дека секој збор што овде го изговараме се внесува таму.
Фрагмент од првата беседа на Педесетница, на св. Јован Златоуст
Извор: „Тавор“ бр. 3