Ново издание од издавачката дејност ,,Тавор” на Kумановско-осоговската епархија

"Ново издание од издавачката дејност ,,Тавор” на Kумановско-осоговската епархија"

ПРЕДГОВОР на книгата „Правата на Помесните цркви и единството на Црквата“, од јеромонах Лука Григоријатски

Книгата „Правата на Помесните цркви и единството на Црквата“ скицира некои од поистакнатите неоригиналистички пристапи кон канонското толкување и идентификува дел од критиките со кои се соочуваат и грижите што ги предизвикува модифицираната теорија за првенството по власт на Цариградската/Константинополската патријаршија.

Она што можеме да го воочиме кристално јасно во книгата што е пред нас, е ревидираната теорија на Константинополската патријаршија, нејзините: интерпозиција, неоригинализам при „уставното толкување“ на каноните ‒ тенденциозна пристрастност на толкувањата и супрематските тенденции. Круцијален поим во книгата е „интерпонирање“; највишите принципи (maximae propositiones) на каноните се подлежни на неодамнешни модификации на оригиналистичкото размислувањеод светите Отци, кои, пак, со помош на Духот Свет се конституционалисти на светите канони. Главна одлика на книгата е, дека ни дава ретка слика за односот на Константинополската патријаршија при изнесувањето докази што се во спротивност на каноните.

Книгата не ги игнорира последиците од супрематијата на Константинополската патријаршија и се фокусира исклучиво на погрешните неоригиналистички намери на канонско толкување.

Издавачот на книгата примарно врши диференцијација на еклисиолошките и канонските последици што произлегуваат од примената на интерпозиција од страна на Константинополската патријаршија1; таа практикувајќиго субјективното поимање на светите канони, унилатерално го отфрли универзалниот мандат на канонските одредби, коишто го определуваат начелото на соборност, а со цел да го издигне нејзиниот superanus и суверенитет над сите останати автокефални цркви. Константинополската патријаршија го трансформира владеењето на каноните и правото со владеењето на поединечна патријаршија ‒ примат, сметајќи се за суверен во Православната Црква, суверено донесувајќи го законодавството и судството, таа го суспендираше пропишаното во канонскитеодредби и изврши дезорганизација и дестабилизацијана односите помеѓу автокефалните Помесни цркви. Интерпозицијата на Константинополската патријаршија е тесно поврзана со теоријата на поништување (nullification) и изменување на сите канонски одредби, коишто ја уредуват нејзината надлежност, којашто е единствено во границите на нејзината јурисдикција, притоа ја вбројуваат како соборна и еднаква помеѓу останатите автокефални православни цркви; таа смета дека има право да ги поништи начелата на универзалните канони, ги смета за недокажани и, оттука, таа го спречува спроведувањето на „неповолните“ канони во нејзините граници, бидејќи ја прават соборна, рамноправна (aequalitas ante legem) по власт и прва по чест. Константинополската патријаршија изврши аброгација (или целосно укинување) на прописот „соборност“, самододелувајќи си уставна/канонска „власт“ и хиерархиска надмоќ над автокефалните Помесни цркви.

Бидејќи едната и света Црква се остварува и во секоја помесна Црква која богослужи Евхаристија и, во исто време,е во заедница со сите Цркви, единството и мноштвото, односот меѓу едната Црква и многуте помесни Цркви, тој конститутивен однос на Црквата, исто така, го поставува прашањето за односот меѓу суверената власт својствена во секоја автокефална помесна црква и соборноста што произлегува од тајната на Црквата како заедништво.

Начелото на соборност ја одразува троичната мистичност и во неа ја наоѓа нејзината крајна основа. Трите Личности на Света Троица се „набројани“ без назначувања, како „втората“ или „третата“ личност да имплицира какво било намалување или подреденост. Слично, постои и поредок помеѓу Помесните цркви, што сепак не подразбира нееднаквост во нивната црковна природа.

Од првите векови била воспоставена разлика и хиерархија помеѓу Помесните цркви, од порано основани и поново основани, помеѓу Црквите мајки и ќерките, помеѓу Црквите од поголемите градови и Црквите од оддалечените области. Таквиот хиерархиски поредок набргу го нашол својот канонски израз, формулиран од соборите, особено во каноните што ги примиле сите Цркви на Истокот и Западот. Тоа се, на прво место, каноните 6 и 7 на Првиот вселенски собор, канонот 3 на Вториот вселенски собор, канонот 28 на Четвртиот вселенски собор, како и каноните 3, 4 од Сардикискиот собор. Овие канони не секогаш биле толкувани на ист начин на Исток и на Запад, исто така и во денешно време не се толкувани на ист начин помеѓу Помесните православни цркви, но тие припаѓаат на наследството на Православната Црква.

Оваа соборна димензија на животот на Црквата припаѓа на нејзината длабоко вкоренета природа. Односно, таа е втемелена во Христовата волја за неговиот народ (сп. Мт 18, 1520)

Основата на соборноста и власта во Црквата се со закон ‒ канонски доверени црковни овластувања на сите Помесни цркви, како институционални елементи на Црквата, помеѓу три нивоа на црковни институции: онаа на локалната црква околу нејзиниот епископ; онаа на помесно ниво, регион кој во себе унитарно вклучува неколку соседни локални цркви (епархии); и онаа на целата населена земја (οἰκουμένη), која ги опфаќа сите Помесни цркви. Така дефинирана, соборната димензија на Црквата се наоѓа на трите нивоа на црковното заедништво, локалното, помесното и универзалното: на локално ниво ‒ на јурисдикцијата којашто му е доверена на епископот; и таму, во јурисдикцијата на локалната Црква (епархијата), му нема рамен нему и единствено на тоа ниво постои власт во Црквата; на помесно ниво, на група локални Цркви со нивните епископи, кои „препознаваат кој е прв меѓу себе“ (Апостолски канон 34); и на универзално ниво, каде што, оние кои се први (πρώτοι) во различните региони, заедно со сите епископи, соработуваат во она што се однесува на севкупноста на Црквата. И на ова ниво, претстоителите мора да препознаат која е прва помесна црква по чест меѓу себе. На ниво на Помесна Црква постои сосема друга организација – соборно управување, а секоја Помесна Црква е независна од другите во своето административно управување.

Секоја Помесна Црква, кога е во заедница со другите Помесни цркви, е манифестација на едната и неделива Божја Црква2. Власта3 во Црквата му припаѓа на самиот Исус Христос, единственaтa Глава на Црквата (сп. Еф. 1, 22; 5, 23); – Христос е Глава на Црквата (Еф 5, 23). Преку Духот Свет, Црквата, како Негово Тело, учествува во Неговата власт (сп. Јн 20, 2223). Вршењето на власта што се остварува во Црквата, во името на Христос и со силата на Духот Свет, мора да биде, во сите нејзини форми и на сите нивоа, служба на љубовта. „Војничката власт“ во Црквата е во подвигот на љубовта, а не во звањата (административните чинови на епископите). Според тоа, на помесно и универзално ниво, во Црквата не постои доминација, не постои физичка или морална принуда;

Општо‒обврзувачко значење има само тоа канонско и правно дело, коешто е согласно со православниот Кодекс на канони (Уставот на Православната Црква). Обврзани сме на безусловна верност кон канонскиот поредок на Црквата и Еклисиологијата, без каквo било субјективно поимање на светите канони, без ничии варијации на темата или повреда на устројството и канонскиот поредок, што, во спротивно, ќе доведе до „источно поглаварство“. Контрадикторно, „доделувајќи им права“ на расколничките заедници во Украина, Константинополската патријаршија создаде апстрактно правно правило, притоа самопрогласувајќи се за лице овластено за водење на постапката за доделување автокефалност, како единствен носител на решенијата во Православната Црква. Последователно, таа ги обврзува Помесните цркви, дека и во иднина фактички идентичните или аналогните случаи ќе ги решава на ист начин. Таа воопшто и во скратена постапка, непосредно донесе решение за управната работа од надлежностите на Руската Црква, без претходно да се преземаат одредени процесни дејствија, без расправа и докажување, без Руската Црква да ги оцени дали се задоволени црковните, канонските и пастирските услови за давање автокефалност.

Интерпозицијата на Константинополската патријаршија е тесно поврзана со поништувањето (nullification) на каноните, одредбите коишто го детерминираат начелото на еднаквост со начелото на самостојност во донесувањето на законите и судските одлуки на сеправославно ниво. Таа смета дека има право да ги поништи каноните кои го спречуваат спроведувањето на таквите закони во нивните граници. Издавачот на оваа книга е експлицитен дека „Константинополската патријаршија врши метаморфоза“ на начелото на Црквата „прв меѓу еднаквите” во „прв без еднакви”. Нејзе канонски ѝ се определува надлежност, но како право на посредување (ius intercessionis) со Сеправославните собори.

Константинополската патријаршија донесе акт на признавање на неканонска заедница во Украина, со којшто решаваше во управната работа, а за чие решавање е надлежен Сеправославниот Собор, односно кога со канонски пропис е определено тој управен предмет да го решаваат сите автокефални Помесни цркви. Таа се повика на полнотата на моќта (plenitudo potestatis) и грижата за сите цркви (sollicitudo omnium ecclesiarum). Идентично со Римо-католичката црква, Константинополската патријаршија унилатерално потврди дека функционира како Римската црква, односно дека поседува „summum plenumque principatum (највисок и целосен примат)“ над целата Црква и дека е наследникот на Римската црква, оттука таа добила „plenam potestatem (полност на моќта)“. Спротивно на изречните забрани за упад и мешање во туѓа јурисдикција, забрана за паренорија или недозволено проширување надвор од јурисдикцијата на еден епископ кон друг, на една Помесна црква кон друга, тоа неканонско дејство унилатерално го изврши Константинополската патријаршија, претставувајќи го својот претстоител како „προϊστάμενη αρχή (водечки авторитет)“ и неприкосновен „διοικητικό όργανο (орган на управа)“.

Книгата „Правата на Помесните цркви и единството на Црквата“ дава одговор на воочените ексцеси на неоригинализмот при толкувањето на светите канони од страна на Константинополската патријаршија.

Структурата на Источната Православна Црква е соборна (conciliar), отколку монархиска ‒ како во Западната Црква4. Односно, сите претстоители во Православната Црква имаат еднаква власт и не постои централизирано седиште од кое се управува јурисдикцијата на Православната Црква. Константинополскиот патријарх е признат како духовен водач на православните христијани и се смета за „прв меѓу еднаквите“, кој добива чест од претстоителите на Помесните цркви, а кој нема административна (управна) и законодавна власт, освен во јурисдикцијата на Константинополската Црква.

Во последниот век, Константинополската патријаршија изврши интерпозиција, го отфрли оригиналното толкување на светите канони, го модифицираше законот за организацијата на органите на Помесна управа на автокефалните цркви ‒ погоре цитираните канони коишто го определуваат поредокот и претендира на супрематија.Таа самостојно, неовластено го поништи еклисиолошкото начело на „соборно одлучување“, преку институцијата „сеправославен собор“.

Константинополската патријаршија е онаа Помесна Црква што претседателствува во љубовта, и поради тоа ѝ е дадена чест да го обезбедува одржувањето на редот и на поредокот во Православието, како онаа Помесна Црква којашто има чест ‒ настанатиот проблем во некоја од Помесните православни цркви, координирачки да го произнесе на некој иден Вселенски собор (Сеправославен Собор). Спротивно, станува збор за узурпирање на правото за власт (ultra vires), и тоа со ароганција. Во случаи кога Константинополската патријаршија се поставува во улога на судија, надвор од нејзината точно дефинирана јурисдикција, тоа значи дека, таа се поставува како безгрешен судија на Вселената, и притоа унилатерално и неовластено, немајќи извор на право, ја презема функцијата од Вселенските Собори, коишто единствено имаат право, преку соборната совест на епископите, да ги детерминира догмите и да ги санкционира дисциплинските одредби.

Автокефалните Помесни цркви се самостојни органи на помесната управа и за својата работа одговараат на Сеправославниот собор. Оттука, Константинополската патријаршија нема поголеми овластувања од која било друга автокефална Помесна Црква и, затоа, таа не поседува надлежност „да пренесе на друга Помесна Црква повеќе права, отколку што има“. Канонското начело „Nemo plus iuris ad alium transferre potest quam ipse habet“, го забранува тоа. Последователно, основањето на нова автокефална Помесна Црква е право на мајката Црква, да му издаде томос на регионот што од неа се издвојува, како нов самостоен орган на Помесна црковна управа, и можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со консензуален закон донесен од Сеправославниот собор.

Судот на Константинополската патријаршија не е суд пред којшто може да се поведе управен спор, во случај на спор помеѓу две Помесни цркви; во спротивно, Константинополската патријаршија ќе предизвика судир на надлежности. Константинополската патријаршија нема надлежност ниту да поништува одлуки од јурисдикцијата на која било Помесна Црква, да ги: поништува, укинува или да ги менува. Судот на Константинополската патријаршија нема право да прима жалби на пресуди од која било Помесна Црква, бидејќи со таквата постапка од страна на Константинополската патријаршија ќе се повреди правото на странката (Помесната Црква) во управната постапка. Исто така, Константинополската патријаршија не е надлежен орган за донесување решение (одлука или томос) за автокефалност.

Стварно надлежен за спорови помеѓу две Помесни цркви е Сеправославниот собор, чиј претседател е Константинополскиот патријарх. Значи, процесното (парнично) право (ексклузивно) никогаш не ѝ е доделено на некоја Помесна Црква, надвор од нејзините граници на јурисдикција. Приматот (самододелените прерогативи) е производ од погрешното толкување на правилата 17 и 28 од Четвртиот вселенски собор. И во двете правила не постои експлицитна одредба за апелациска постапка, или за самостојно (унилатерално) доделување автокефалност, со којашто на некој патријарх му се дава некакво право надвор од јурисдикцијата на една Помесна Православна Црква.Какво било право, на која било Помесна Православна Црква, надвор од својата јурисдикција, да донесува пресуди ‒ ја нарушува заедничката точка на административното право и казненото право на Православната Црква. Пресудувањето надвор од границите на јурисдикцијата, во крајна анализа, го нарушува начелото на Светата Евхаристија, којашто е извор и на правото на ракополагање (jus ordinandi) на епископите и клирот и на правото на судење (jus jurandi) на епископите и другите клирици.

Основно начело на канонското право гласи: Право да суди има оној кому му припаѓа правото да ракополага (назначува на функција). Исклучок во тоа нема. Така, на секој епископ или, пак, на патријарх или на архиепископ или митрополит на автокефална Црква, му се суди во прва или последна инстанца во неговата Црква. Кај судските одлуки на автономната Црква, во втора и последна инстанца, секогаш суди Соборот на автокефалната Црква, Големиот црковен суд.

Јурисдикцијата на секој претстоител е географски определена со светите канони и ниту еден нема јурисдикција надвор од јурисдикцијата на Помесната црква,односно севкупната Црква како целина.

Константинополската патријаршија e еднаква пред законот/каноните (aequalitas ante legem) и во Сеправославниот Собор. Претседателот на Константинополската патријаршија има право на одлучување исклучиво за прашања и управни ствари во јурисдикцијата на таа патијаршија. Константинополскиот патријарх нема право да изврши супституција на функцијата Претседател на Патријаршијата и Претседател на Сеправославниот Собор, за предмети од надлежност на Сеправославниот Собор да решава во Синодот на Патријаршијата, бидејќи ќе предизвика судир на наделжности.

Секоја Помесна Православна Црква може да обезбеди судска заштита на правата и правните/канонските интереси пред Судот на Сеправославниот Собор, а заради обезбедување на законитоста. Во управен спор помеѓу две Помесни Православни Цркви одлучува Судот на Сеправославниот Собор. Потенцираме за управен спор, бидејќи за останатите средства направна/канонска заштита (парнична постапка) и редовни и вонредни правни лекови, пресудуваат во последна судска инстанца судовите на автокефалните Помесни цркви. Последователно, во случај кога настанал судир на надлежност, кога на Константинополската патријаршија ѝ е повредено некое право, тој самостоен орган на црковна управа (Константинополската патријаршија) може да изјави тужба во управен спор до Судот (Управниот) на Сеправославниот Собор.Управен спор се поведува со тужба до Управен суд, според Законот (Кодексот на каноните), поточно 8 канон од Третиот вселенски собор, како канонско решение за управни спорови меѓу две Помесни Православни Цркви, а стварно надлежен орган да решава во управна постапка е Управниот суд на Сеправославниот собор.

Дури и во случај Константинополската патријаршија да поднесе барање за поведување постапка за оспорување на одлука или црковно-судска пресуда донесена од Помесна Црква, којашто единствено е согласно закон надлежен орган за донесување, до Судот на Сеправославниот собор, секако таквиот поднесок содржи формален недостаток што го спречува постапувањето по поднесокот, и само поради тоа може да биде отфрлен од Сеправославниот собор.Во случај Константинополската патријаршија да поднесе барање за поведување постапка за оспорување на одлука до Судот на Сеправославниот Собор, таа Помесна Црква што има правен интерес, има право да бара изземање на Претседателот на Сеправославниот собор.

Со неовластеното доделување томос на неканонската заедница во Украина, Константинополската патријаршија изврши прецедентно право во областа на управното право, притоа таа предизвика судир на надлежност, бидејќи два самостојни органа, Руската Црква, којашто е стварно надлежна и Константинополската Црква, којашто не е надлежна, истовремено се прогласиле за надлежни за постапување (позитивен судир), постапувајќи по една иста управна работа, и при таков случај, надлежен орган за решавање е Судот на Сеправославниот Собор. Притоа, ако Судот на Сеправославниот Собор во пресудувањето на судирот на надлежноста донесе пресуда за настанатиот спор помеѓу две Помесни цркви, понатаму нема правен лек со којшто може да изјави жалба до Судот на Сеправославниот Собор, бидејќи пресудите на Сеправославниот Собор се прескриптивни.

Константинополската патријаршија, исто така може да биде странка во постапка пред Судот на Сеправославниот Собор, а не спротивно, како што тврдат, дека таа патријашија е непогрешлива. Таа патријаршија прави обид да изврши супституција и, Судот на Сеправославниот Собор, кој, пак, одлучува како Совет на судии (сите Патријарси, Архиепископи и Митрополити на автокефалните Помесни Православни Цркви), да го замени со Синодот на Константинополската патријаршија.

Автокефалноста на Кипарската Црква, канонски загарантирана со 8 канон од Третиот вселенски собор, претставува типичен случај ‒ не само за канонската постапка за доделување автокефалност, туку и за канонската содржина на административната автокефалност, воопшто на сите Помесни Православни Цркви. Всушност, канонската постапка определена во 8 канон од Третиот вселенски собор, е применета во формално‒правната постапка од Одлуката на Четвртата претсоборска конференција, опишана во точките: 3а и 3б (Chambesy, Switzerland, 7‒13 ноември 1993 година).

Константинополската патријаршија има територијална/месна надлежност, а согласно точка 2 од Четвртата претсоборска конференција, одржана во Chambesy, во рамките на својата јурисдикција, а не екстериторијална. Претстоителот на една Помесна Православна Црква, како што е во конкретниот случај патријархот на Константинополската патријаршија, нема легитимитет да одлучува за прашања на друга Помесна Православна Црква.

Константинополскиот патријарх е Претстоител на Константинополската патријаршија и воедно е Претседател на Сепаравославниот Собор. Како Претседател/Претседавач со седниците на Сепаравославниот Собор, нема овластувања сам да донесува одлуки по прашањата за коишто е предвидена стварна надлежност на Советот, односно на Сепаравославниот Собор, ниту самостојно да ги потпишува ‒ без потписите од останатите ко-претседавачи ‒ претстоителите на автокефалните Помесни Православни Цркви (патријарси, архиепископи, митрополити).

Православната Црква не смее да создава интернационализам, преку создавање неканонски орган на управа т.н. вселенски центар, наднационални и надпомесни овластувања, како меѓународна организација, туку верата во Едниот Господ Исус Христос да го претставува единствотона Помесните цркви, а преку Сеправославното Собрание. Напротив, Сеправославното Собрание треба да донесе дополнување на 17-то правило на Четвртиот вселенски собор, со коешто ќе се пропише закон за основање нови Помесни цркви во Европа, Америка и Австралија, односно секоја држава од Западот да има Православна Црква. Согласно бројот на православните христијани од сите посебни народи, да имаат соодветна застапеност на епископи во синодите на ново-основаните автокефални цркви.

На празникот Сретение, 2025 лето Господово,

Митрополит Кумановско‒осоговски.

1 Застапувањена интерес или предлог, како одбрана од тврдењето на противникот. Во случајот, употребата на интерпозицијата на Константинополската патријаршија е отфрлање на универзалностана каноните, нивно неоригинално и пристрасно толкување, сметајќи дека е нејзино неприкосновен суверенитет за измена на поредокот во Црквата.

2 Па така и ние сме едно тело во Христа, а посебно еден на друг сме му органи (Рим 12, 4–5).

3 Бидејќи тоа е учество во власта (authority или ἐξουσία) на распнатиот, Вокреснатиот и на Небесата вознесен Господ, кому Му е дадена сета власт на небото и на земјата (сп. Мт 28, 18).

4 Тезата дека највисоката власт во Римската Црква не му припаѓа на Соборот, сфатен како собор на епископи од сите Помесни цркви, туку само на еден епископ ‒ папата, предизвика длабока траума во Западната црква. Западната црква, Римокатоличката, го отфрли „консилијаризмот“ (соборното одлучување) и целокупната моќ ја делигира на „светата апостолска столица [Рим] и римскиот понтиф, кој го има приматот над целиот свет“. Римскиот папа ја поседува целосната моќ (plenam potestatem) да ја: храни, владее и управува [pascendi, regendi ac gubernandi] со целата Црква“.