Аутистично дете во православно семејство

"Аутистично дете во православно семејство"

сведоштво на еден родител

„Како тоа, Јан оди в црква?“, ме прашуваа другите родители, како и наставниците, за мојот син којшто боледува од аутизам. „Како издржува да стои мирно толку долго?“ На училиште, Јан постојано се клатеше на столчето. Дома, ништо не му го задржуваше вниманието – ни филмовите, ни телевизијата, па ниту правењето на омилените колачи. Преку ден нему му беше потребен човек што постојано ќе внимава над него, за да ги исполни сите задачи. Значи, што може да има во една црква за тој да ги следи честите ѓаконски потсетници „да внимаваме“ на Литургија?

Дете се моли

Најпрво, тука е звукот. Јан тропа со нозете и се лула на секаква музика, но зборовите што се содржат во ритамот и повторувањето на црковното песнопение го задржуваат неговото внимание и се врежуваат во неговото сеќавање. Ова не е случајно, затоа што Православната Црква уште од самиот почеток се потпирала врз сетилата за да ги објавува нејзините учења. Освен слушање на Словото, ние можеме да ги видиме и да ги запознаеме личностите и настаните од Библијата – тие се прикажани насекаде во црквата. Јан ужива додека ги гледа фреските и иконите в црква кои, како и свеќите што горат, го смируваат и му помагаат да се восредоточи. Тој, исто така, ги запазува и боите од одеждите на свештениците, како и входовите околу олтарот. Мирисот на темјан и цвеќе е уште еден сетилен пат преку кој Јан ги помни настаните. Пред дома да се помолиме, тој оди и го мириса цвеќето и свеќите.

Но, зошто ова повторување на зборови, звуци и движења е толку важно за некој како Јан, некој што боледува од болест што спаѓа во спектарот на аутистични болести? Јан знае дека може да смета на истиот литургиски ред секоја недела. Ваквата постојаност служи како осмислена шема и рамка за лицата што се бомбардирани од силни надворешни дразби, односно аутистите. Непроменливоста не само што е историско обележје на Литургијата, туку и нејзина значајна психолошка сила. Во денешното време на секојдневни промени, на сите ни е потребно место и време каде би можеле да најдеме поддршка и постојаност.

Уште како мали деца, ние почнуваме да ги имитираме туѓите зборови и движења, но оваа вештина, што за нас е толку лесна, за Јан е многу тешка; тој не пее заедно со народот. Сепак, може да прочита некои едноставни зборови и со прсте да го следи текот на молитвите. Кога ќе види дека другите се прекрстуваат, и тој се прекстува – со цела дланка, и брзо, затоа што нема целосна контрола врз своите движења. А, бидејќи тој прво научи да се изразува на јазикот на глуво-немите, невербалните гестови на свештенството и народот се подеднакво важни за него.

Јан, како и другите луѓе со некаква попреченост или посебни потреби, чувствува дека во Црква (не како зграда, туку како собрание од луѓе, верници) е прифатен од другите. Модел на прифаќање на сите нам ни е Исус Христос, Кој никого не го отфрлил, и заповеда и малите деца да бидат доведени при Него. Макар што ние може само да се трудиме да го достигнеме совршенството на Неговата љубов, од нас се очекува, како што вели св. Климент Римски, „да бидеме милостиви еден кон друг, сообразно на милоста и незлобивоста на нашиот Создател“. Порано, кога и да се најдеше во големи или широки простории, Јан започнуваше да се удира, или да бега. Но, бидејќи другарчињата в црква го поздравуваа, му се насмевнуваа и поздравуваа, тој започна да се свикнува на тоа да среќава луѓе што не ги гледа секојдневно.

Црквата е место каде луѓето со попречености можат да бидат вклучени на многу различни начини, да учествуваат во богослужбите, да ја подаваат нафората, но и (по потреба) да поставуваат столчиња и маси, и да помагаат во чистењето. Може да земат учество на катихетските предавања, младинските клубови и молитвените групи.

Неделните кујни по Литургија се шанса за Јан да го вежба она што го учи во школата за самостојно живеење и вештини1, да соработува со луѓе на кои им верува и кои го охрабруваат. Стои во ред, бира храна и прибор за јадење, седнува со другите на голема маса и на крај чисти по себе. Јан научи да им верува на другите и гледа како тие се однесуваат еден кон друг. Како што вели св. Иринеј Лионски, луѓето во Црквата треба да покажат „љубов, сочувство, цврстина, вистина, сето тоа за да му помогнат и да го охрабрат човештвото“. Неделата за него е празник со храна и пријатели што го охрабруваат.

Кога јас и тој се покрстивме, неговата кума му ги покажа конкретните симболи на нашата вера: крстот, светата вода, нафората и иконите. Наместо да му објаснува што секое од овие нешта значи, таа му дозволи самиот да ги искуси. Неговото христијанско име е Рафаил, според ангелот на исцелението. Јас се двоумев колку навистина Јан го празбира православното предание и Литургија. Немаше развиено вербални, ни умни способности за да го сфати православното исповедање или причестувањето. Пред да бидеме миропомазани, прашав една пријателка дали Јан има го има доволно сфатено православието за да стане православен. Таа се насмеа и ми рече: „Кој ја сфаќа Тајната на Причеста во целост?“ Секако, беше во право. Православната вера не зависи од нашата можност за разбирање, туку расте во верникот кој заедничари со другите.

Од моментот кога започна да се црквува на четиригодишна возраст, Јан делуваше фасцинирано од причестувањето. Неговите проблеми со храната и јадењето не беа доволни за да се објасни неговата вкочанетост и восредоточеност додека другите се причестуваа. Што гледаше ова дете, што ние, другите, не можевме да го видиме? Што гледаше Јан додека јас размислував што треба да направам подоцна? Години подоцна сфатив дека тој сакал да гледа како другите луѓе, еден по еден, доаѓаат да бидат нахранети. Тој го гледал она што секој од нас би го видел, доколку внимава: дека некој се грижи и им помага на луѓето. „Вкусете и видете дека Бог е добар; блажен е човекот што на Него се надева“, сигурно ова би бил омилениот стих на Јан, кога би можел да го чита Псалтирот.

Работејќи како дефектолог и специјалист со родители на деца со аутизам, илјадапати сум слушнала како болеста на своите деца, родителите ја споредуваат со ураган или торнадо што одненадеж ги уништува самите нив, и целосно ги менува нивните семејства. Агностиците, како и верниците, го насочуваат нивниот гнев кон Бога и велат: „Зошто Бог ми го стори ова? Со што го заслужив ова? Зошто мене?“ Ова се стари, познати прашања во кои одекнува гласот на праведниот Јов. Потоа започнува проколнатиот руг на барање вина и виновници, па најчесто се обвинуваат наставниците, лекарите, аптекарите, психолозите, па дури и пријателите. Штом овие прашања од „Зошто“ ќе се преобразат во „Како да се исцелиме и да се научиме да го прифатиме ова?“, може да започне лекувањето во Црквата како духовна болница. Парохијата може да биде место каде сите ние сме „добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефес. 4,32).

Жан Вање, римо-католички писател и основач на меѓународната организација „L’arche“ („Ковчег“), целиот живот работел со лица со хендикеп. Честопати го прашувале зошто Бог дозволил да се раѓаат деца со Даунов синдром, аутизам и други когнитивни заболувања. Прашањето било тешко, но ништо полесен не бил и неговиот одговор. Имено, тој секогаш велел дека нивната болест е предизвик, но и можност за сите нас да ја посведочиме Божјата љубов кон другите и Неговата милост, што е плод на Духот. „доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога“ (Евр. 13, 16).

Треба да ги прифатиме сите оние што се различни од нас, онака како што Христос нè прифати нас. Освен тоа што треба да ги прифатиме, ние треба и да се молиме за нив и за нивните семејства, особено на светителите што се застапуваат за нив, како на пример св. Наум Охридски, св. Анастасија и св. Герасим Кефалониски.


1 Supported-living, концепт развиен во САД при што лица со попреченост се организираат во комуни каде под постојан надзор и грижа се учат на вештини што би им овозможиле релативно самостојно и независно живеење.

Според материјали од Антихоската Архиепископија во Северна Америка
Извор: „Тавор“ бр. 12