1. Во време пријатно те услишав, и во денот на спасението ти помогнав (Ис. 49, 8), рече Бог преку Исаија. Затоа ќе биде добро денес кон вас да се упатат апостолските зборови: Еве, сега е времето најпогодно, еве сега е денот на спасението: да ги отфрлиме, тогаш, делата на темнината и да се облечеме во оружјето на светлината. Да одиме достојно како дење (2Кор. 6, 2; Рим. 13,12) – оти ни се приближува сеќавањето на спасоносните Страданија Христови, се приближува новата, велика и духовна Пасха, награда за бестрастието (т.е. палмовите граничиња), почетокот на идниот век. Тоа го наговести Лазар, кога излезе од оние што се сокриени во адот, оној кој четири дни во гроб беше, од мртвите стана. И по наитието на Божествениот Дух, децата и народот незлобив Го поздравуваа Оној Кој од смрт избавува, од адот душите ги изведува, Кој живот вечен на душата и телото дарува.
2. Ако некој сака живот и сака дни добри да види, нека го заузда јазикот свој од зло, и устата своја за зло да не говори; од злото нек’ се склони, и добро нек’ чини (Пс. 33, 13-14). Зло претставува стомакоугодувањето, пијанството и распуштеноста. Зло – тоа е среброљубие, ненаситност и неправедност; зло, тоа е суета, дрскост и гордост. Секој нека се оттргне од таквите зла и нека твори добро. А што е добро? Тоа е – воздржaние, пост, целомудрие, праведност, милосрдие и великодушност, љубов и смирение, зашто единствено ако тоа го имаме ние можеме достојно да соучествуваме во Јагнето Божјо Кое е заклано заради нас, и на тој начин да примиме залог на бесмртноста кој треба да го сочуваме со цврста надеж на ветеното ни наследство на небесата. Можеби ќе речеш дека доброто тешко се постигнува, и дека потешко е да се вежбаат добродетелите, отколку злоделата. Јас не гледам така, зашто пијаницата сам на себе си носи поголеми непријатности отколку оној што се воздржува; и распуштеникот повеќе од целомудрениот; и оној кој за богатство гладува од оној кој е задоволен со она што го има; и оној кој слава сака да стекне, од оној кој времето како непознат го минува. Меѓутоа, бидејќи поради нашата љубов кон наслади, добродетелите ни изгледаат потешки од злите дела, треба да се воздржуваме: Царството Небесно со напор се освојува, и само подвижници го добиваат (Мт. 11,12).
3. За да ги отстраниме лошите похоти од својата душа, и место нив да го воведеме поредокот на добродетелите, на сите нам – и угледни и прости, и кнезови и потчинети, и богати и сиромаси – неопходни ни се разборитост и трезвеност. И земјоделецот и кожарот, и ѕидарот, и кројачот, и ткајачот, и воопшто, сите оние кои преку својот труд и рацете свои добиваат за живот, навистина се блажени, единствено ако од душите свои ги отфрлат похотите на богатството, славата и насладувањето, зашто токму ним – на бедните по дух, им припаѓа Царството Небесно, и затоа Господ за нив и рекол: Блажени се бедните по дух. Бедни по дух, тоа се оние кои бедата скромно ја поднесуваат, без самоувереност и не барајќи наслади за душата или разумот; [оние] кои [бедата] ја поднесуваат или доброволно, или пак не своеволно, но во добро духовно расположение. Оние коишто се богати и се насладуваат, и кои со минлива слава се задоволуваат, и сите оние кои во душата своја примаат желби вакви, се наоѓаат покрај уште пострашни страсти и паѓаат во поголеми, помногубројни и погрди заседи ѓаволски. Страста за богатство не го напушта оној кој се збогатил, туку уште повеќе расте, и бара повеќе одошто претходно. Такви се – и похотникот, и ненаситникот, и развратникот, и невоздржливецот и нивните пороци, наместо да бидат отфрлени, сè полоши и полоши стануваат. Оние кои власт и слава имаат, уште имаат и моќ да прават и поголеми неправди и беззаконија.
4. Затоа, на оној што власт има тешко му е да се спаси, а на богатиот тешко му е да влезе во Царството Небесно. Како вие можете да верувате, кога примате слава еден од друг, а славата која е од Единиот Бог не ја барате? – вели Господ (Јн. 5,44). Меѓутоа, нека не се вознемирува оној кој богат или угледен е, зашто и тој може, доколку сака, да бара слава од Бога, да се воздржува и да престане со правење гнасни дела. И тој може да соврши велики и добри дела и да искорени велики злодела, и тоа не само од себеси, туку и од многумина други, [и] ако тие самите не сакаат да го сторат тоа. Таквиот може праведно и целомудрено да постапува, тој на многу начини може да го запре и оној кој сака развратно и неправедно да живее; може не само себеси да се направи покорен на Евангелието Христово и неговите зборови, туку и оние кои се дрскки да ги покори на Црквата Христова и на оние кои во Христа управуваат со неа, правејќи го тоа не само преку силата и власта што од Бога ја примил, туку и преку сопствениот пример во секоја добродетел – пример за оние што се помали од него, оти потчинетиот го следи примерот на господарот свој.
5. Секому му е потребна грижа, труд и внимание, но не секому во иста мера, зашто ова им е попотребно на оние кои во слава, богатство и власт се облечени, и кои се учени, и кои имаат мудрост, ако сакаат да се спасат. Тоа се гледа од Евангелието Христово кое се чита вчера и денес. Кога чудото над Лазара се совршило, и кога Христос целосно јасно открил дека Он е Бог, народот тоа го прифатил и поверувал, додека некои кнезови, т.е. книжници и фарисеи, биле толку далеку од верата, што неразумно смислувале зло против Него и, според нивното безумие, посакале на смрт да Го предадат Оној Кој, и преку она што го говерел, и преку она што го правел, се претставиле Себеси како Господар на животот и смртта. Зарем не би рекол секој дека тие лесно можеле да сфатат дека Он е еднаков на Отецот, тогаш кога Христос ги кренал очите кон небото и рекол Оче, Ти благодарам што Ме услиша? Зашто, Он и Сам тогаш објаснил: А Јас знам дека секогаш Ме слушаш; но ова го велам заради народото што овде стои, за да поверуваат дека Ти ме испрати (Јн. 11, 41-42), т.е. за тие да знаат дека Он е едно со Бога и дека доаѓа од Отецот и дека Нему во ништо не Му се противи, туку според волјата на Отецот прави чуда. Ги кренал пред сите очите Свои кон Отецот, и Му се обратил со тие зборови, за тие да сфатат дека Он, Кој на земјата говори, е еднаков на Највишниот Отец, Кој е на небесата. На почетокот на создавањето со кое требало човекот да се привете во битие му претходел Советот [Предвечен], [па] така и сега – за време на пресоздавањето на човекот во ликот на Лазара. Тогаш, со намера да го создаде човекот, Отецот Му рекол на Синот Да создадеме човек, и Синот послушал, па така човекот влегол во живот. Овде пак, сега, кога Синот говорел, Отецот Го послушал, и така Лазар оживел.
6. Ја гледате ли тука еднаквата чест и еднаквото почитување? Овие зборови, иако, поради народот изговорени во облик на молитва, не беа молитвени зборови, туку [зборови на] власт и господарство: „Лазаре, излези надвор!“ – и веднаш Лазар, мртов четири дни, пред Него жив застанал; зарем не биле, значи, исто и заповедта на Живиот и молитвата на Живототворниот? Он викна со громок глас, и тоа беше заради присутните, зашто можеше не само тивко, ами и само со волјата [Своја] да го воскресне, и тоа оддалеку, додека сè уште каменот врз гробот лежеше. Он, пак, кон гробот пријде и на присутните им рече да го склонат каменот, а тие го почувствуваа мирисот на распаѓање и тогаш со громок глас го повика Лазара, го повика при Себе, и токму тогаш го воскресна. И сето тоа за тие да го видоат со очите сопствени, зашто крај гробот беа, и со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртовецот кој четири дена во гроб беше, и го почувствуваат со сопствениот допир – откако со своите раце го допреа каменот тргајќи го од гробот, а потоа и плаштеницата и убрусот на главата додека ги одвиткуваа, но и лично да го чујат гласот Господен – кој допираше до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа тие спознаа и поверуваа дека Он е Оној Кој небитието го повикува како битие (Рим. 4, 17), Кој сè носи со силата на словото Свое и Кој во почетокот со едно Свое слово сè привел од небитие во битие.
7. На тој начин, после сè што се случи, незлобивиот народ поверува во Него, и тоа не само молчејќи, туку започна и на дело и со збор да ја проповеда Неговата божествена природа. После воскреснувањето на Лазара четиридневниот, Господ, наоѓајќи го ослето кое учениците претходно го подготвија, како што вели евангелистот Матеј (21, 1), седна на него и влезе во Ерусалим, согласно пророштвото на Захарија, кој рекол: „Не бој се, ќерко Сионова, еве Царот твој оди кај тебе, праведен е и спасува, кроток е и јава на магарица, и магаре, младенче на товарно животно (Зах. 9, 9). Со овие зборови пророкот објавил дека Царот за Кого е пророкувано е единствениот вистински Цар на Сиона. Царот твој, вели тој, не е страшен, ниту лут, ниту зло прави, ниту штитоносци и мечувачи носи со Себе, или мноштво пешадија и коњица, ниту е лаком, ниту Му е потребно да биде служен и да наредува, ниту Му треба ропство и слугување кои се нечесни и погубни, туку знакот Негов е смирение, сиромаштво и скромност, оти Он доаѓа седејќи на магаре, без придружба на множества луѓе. Оттука, Он е Единствениот праведен Цар Кој во праведноста спасува; и Он е кроток, оти има особена кротост, како што и Самиот вели за Себе: Поучете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце (Мт. 11, 29).
8. Значи, кога го воскресна Лазара од мртвите, Царот, седејќи на осле, влезе во Ерусалим. Сите луѓе – деца, возрасни, старци, – простирајќи го своето облекло по патот, и со палмови гранчиња во рацете кои се символ на победа, поитале да Го пресретнат, појдоа по Него не само на влезот од градот, туку и во самото свето место, пеејќи гласно: „Осана на Давидовиот Син, осана во висините“. Похвалната песна „Осана“ Му се вознесува на Бога, зашто во превод значи: „Спаси, Господи!“ Додавајќи „во висините“, [тие] покажаа дека со песна Он е славен не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небесата.
9. Пеејќи Му така, тие за Бога Го признаваа, на тој начин спротивставувајќи му се на извитоперениот и богоборен план книжнички и фарисејски, кои планираа да Го убијат. Тие за Него велеа безумно: „Што да правиме? Овој човек направи многу чуда. Ако го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги одземат земјата и народот“ (Јн. 11, 47-48). А што вели народот? Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, на тој начин покажувајќи дека Он е Оној Кој е од Бога и Отецот и Кој дојде во името на Отецот, како што и Сам Господ велеше за Себе: Јас дојдов во името на Мојот Отец; излегов од Отецот и дојдов на светот (Јн. 5, 43; 16, 28). Под зборовите: „Благословено е Царството на Отецот наш Давид кое доаѓа“, се подразбира она царство во кое, според пророштвото, ќе поверуваат и многубожците, а особено Римјаните. Тој Цар не е само надеж за Израилот, туку и исчекување на многубожците и Он, според пророштвото јаковово, веже за чокот мтаре Своје, и за племениту лозу младе у мтарице Своје (1. Мојс. 49; 11). Гранките винова лоза се учениците Господови на кои им велеше: Јас сум лозата, вие сте прачките (Јн. 15, 5). Преку тие прачки, Господ кон Себе го присоедини младенчето на Својата магарица, т.е. Новиот Израил од незнабожците, оние кои по благодат станаа Авраамови синови. Ако тоа Царство претставува надеж и за незнабожците, оние што Го дочекаа Христа како да велеа: „Зошто тогаш ние, кои во Него веруваме, би се боеле од Римјаните?“
10. Бивајќи, значи, како деца, не со умот, туку според незлобивоста, вдахновени од Духот Свет, тие на Господа Му принесоа совршена и најпотполна песна, сведочејќи дека Он, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар. Гледајќи ги тие чуда, [но] и децата како пеат „Осана на синот Давидов“, книжниците и фарисеите негодуваа и Му рекоа на Господа: Слушаш ли што велат овие? (Мт. 21, 16). Колку лесно можеше Господ да им рече: „Зар е можно уште да не гледате, да не слушате, да не разбирате“, зашто Тој, Кој беше воспеван на достоен начин, на оние кои Го одрекуваа, можеше да им рече: „Да, на невидлив начин Јас ги слушам оние кои за Мене расудуваат, но исто така и оние кои Ми пеат, а кога и тие би замолкнале, камењата ќе проговореа. Вие сè досега не го разбиравте пророштвото: ‘Од устата на доенчињата и младенците соврши похвала за Себе’“. Навистина беше велико чудо тоа што и простите, и децата, и неуките, на совршен начин богословеа за Бога, за нас воплотениот, на усните свои ставајќи ја ангелската химна. И како што ангелите на Рождестовото Господово пееја Слава на Бога во висините, а на земјата мир (Лк. 2, 14), така сега овие, за време на Неговото влегување во Ерусалим ја запеаја доличната песна, велејќи: Осана на синот Давидов, осана во висините“.
11. Браќа! Да бидеме и ние, и млади и стари, но исто така и кнезови и потчинети – незлобиви како деца во однос на злото, за бодрени од Бога, да добиеме награда и го понесеме символот на победата не само над омразените страсти, туку и над видливите и невидливите напријатели, та преку благодатта на Логосот да стекнеме благовремена помош. Токму тоа младо осле, на кое заради нас седна Господ, беше праслика на народите што ќе Му се покорат Нему, а меѓу кои сме и ние, без разлика дали сме кнезови или потчинети.
12. Како што во Исуса Христа, како што вели божествениот апостол, нема ниту машки, ниту женски пол, ниту Елин, а ни Јудеец, туку сите се едно, така и во Него нема ниту кнез, ниту потчинет, туку сите ние – со верата во Него, по благодатта Негова – претставуваме едно [нешто]. Наоѓајќи се во Телото Негово, во Црквата, ние имаме една глава – Него; преку благодатта на Сесветиот Дух соединети сме во еден дух; сите примивме едно Крштение; и сите имаме една надеж; и Еден е нашиот Бог, над сите, и преку сите, и во сите нас. Затоа, да се љубиме еден со друг, да се прифатиме еден друг, и да се погрижиме еден за друг, зашто сме соединети еден со друг. Знакот по кој нè познаваат дека сме Негови ученици е љубовта, и наследството на Отецот што Он ни го остави заминувајќи од овој свет е љубовта. И последниот совет што ни го даде заминувајќи кон Својот Отец ја утврдува нашата меѓусебна љубов.
13. Да се погрижиме да го следиме советот на Отецот и да не го отфрламе Неговото наследнство, ниту чудата што ни ги даде, за на тој начин да ги отфрлиме ни восиновувањето, ниту благословот, ниту учеништвото со кое нè удостои, и на тој начин да не се случи да отпаднеме од Оној на Кого се надеваме. И како што на патот кон Ерусалим, пред Страдањата Спасителни, народот го полагаше своето облекло пред Него, но не само наородот, туку и кнезовите народни (зборувам за апостолите Господови), така и ние, и кнезови и потчинети, да ги простреме одеждите кои ни прилегаат, всушност – телото наше, покорувајќи ги неговите желби на духот, за не само да се удостоиме да ги видиме и да им се поклониме на Спасителните Страданија Христови и Светото Воскресение, туку и да се насладуваме со Него. Зашто, ако сме соединети, вели апостолот, со Неговата смрт, тогаш сме [соединети] и со воскресението (Рим. 6, 5),
14. кое сите да го дочекаме по благодатта и човекољубието на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, Кому Му приличи секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Живототворниот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.
Извор: „Тавор“ бр. 9