Милостив Боже, смилувај се на мене, паднатиот

"Милостив Боже, смилувај се на мене, паднатиот"

(Икос по шестата песна од канонот на утрена во Неделата сиропусна)

Откако Адам го виде ангелот, кој го избрка од рајот и ги затвори вратите на божествената градина, тешко воздивна и рече: „Милостив Боже, смилувај се на мене, паднатиот! Сострадателен биди, рају, кон твојот беден господар и со шумот на твоите лисја моли го Творецот да не те затвора! Милостив Боже, смилувај се на мене, паднатиот!“

Дали и денес е способно човечкото срце да ги искаже овие прекрасни зборови од оваа црковна песна? Тагуваме ли и ние денес по загубениот рај? Можеби одвреме – навреме нè посетуваат некои мисли и ни претрчуваат нејасни чувства. Но, сепак, ние продолжуваме да тонеме и да тонеме во мракот надвор од Едемските врати. А што е тоа во нас, што постојано жеднее и тагува по рајот? Тоа нешто денес едвај и да го забележиме. Тоа е душата на нашата душа и срцето на нашето срце, чиј глас среде гревовните трње, кои нè заглушуваат однадвор и однатре, ние не можеме да го слушнеме. А таа наша скриеност е преполна со тага, но со тага не за нешто земно, не по нешто минливо, не по нешто краткотрајно, туку со тага по рајот. А секогаш таа наша скриена суштина, таа наша душа, тоа наше срце, говори. Затоа, кога молитвено си спомнуваме за протерувањето на нашите прародители Адам и Ева од рајскиот Едем, кога се потсетуваме на нашата прататковина, кога се наоѓаме пред вратите на божествениот и спасителен пост, да ги слушнеме зборовите кои излегуваат од нашата душа и од нашето срце, а кои нè повикуваат на покајание и враќање на загубениот рај:

Изгонување од рајот

„Човеку, – ни вели нашата душа, јас секогаш сум преисполнета со тага. Тагувам бескрајно. Тагувам, но луѓето ми се потсмеваат. И ти, човеку, во чии гради јас плашливо чукам, и ти ми се потсмеваш. Ти дури и не можеш да ме забележиш. А секое едно потсмевање, секоја една грубост мене длабоко ме навредуваат. Јас сум ужасна од тоа како можеш така лесномислено да се смееш во еден свет кој врие од тага, клокоти од болка, од пустош и од смрт. Таа тага не може да биде излечена од ништо земно, па колку и да е силно тоа, колку и да е радосно, колку и да е сјајно. Во таа тага моите мисли течат како солзи. Секоја една мисла е пролеана солза.

Но, освен таа тага јас имам нешто друго. Јас живеам преку нешто друго, кое ти, човеку, исто така не можеш да го почувствуваш, иако и тоа нешто живее во тебе самиот. Јас живеам преку нешто толку кревко и скриено, но во исто време огромно како вечноста и бескрајно како бесмртноста. Живеам преку инстинктот на љубовта. Но, не човеку, преку онаа љубов која ти ја познаваш, чувствуваш и испитуваш. Не со она, кое ти сакаш да го направиш од мене. Не со безобразната страст, која е груба или истанчена, а која ти ја нарекуваш љубов. Преку вистинската љубов јас сум ова што сум. Преку таа вистинска љубов јас живеам. За мене да постојам значи да љубам. И таа љубов преку маглата на страстите, на гревовите, на пороците, преку мракот на смртта постојано тежнее кон Оној, Кој е нејзин извор. Тежнее кон Творецот, тежнее кон ближните.

Но, светот е груб и суров, а и ти човеку, во чии гради јас тропам, си груб и суров, и затоа вие, луѓето, постојано ме ранувате и беспоштедно ми нанесувате рани врз рани. И затоа јас страдам. Затоа тагата е мој постојан сопатник. Затоа јас се виткам од болки при секоја грубост, при секоја суровост, при секој порок, под острицата на секој грев. Јас не можам да живеам без да љубам. И затоа јас ги љубам сите, сите несреќни, гладни, понижени, нажалени, сите отфрлени и сите очајани. Но, кога луѓето во своето безумство и кога ти, човеку, во вашиот бесловесен порив толку длабоко ме ранувате, јас тагувам. Зашто јас не можам да мразам. Мојот одговор за вашата грубост и суровост е тагата. Затоа јас сум исполнета со тага и затоа гледам низ оковите на мракот и смртта кон Единствениот, Кој може да ми подари слобода. Од сè јас најмногу ја љубам слободата. А слободата е во љубовта и во добрините. Зашто секоја грубост, секој порок, секое безобразно смеење и секоја страст за мене се рана. А мојата тајна е таа што, кога сите тие безжалостни и студени острила ќе ме прободат, од мене не тече крв, туку тага. Тоа е мојата тајна, човеку, тага и љубов. А при сето тоа ти си слеп. Понекогаш само бедно ѕирнуваш кон мене, за повторно да го вратиш својот лик и за да продолжиш да се валкаш во лажната светлина на твојата слепотија. Затоа јас не можам да престанам да тагувам, но и да љубам.

Јас имам еден ужасен непријател, еден смртоносен непријател – паднатиот ангел, ѓаволот, кој би рекол дека има свој рај и дека тој рај за него се луѓето. Во тој свој рај тој се храни од страстите на луѓето. Тие се пеколната храна на неговата рајска наслада.

Но, преку гревот и смртта јас сум насочена кон Оној, Кој дојде на земјата за да ја направи небо; кон Оној, Кој дојде за да ни го врати загубениот рај, за Кој јас не можам да тагувам. Вперена сум кон Оној, Кој Единствен е чист, безгрешен и преисполнет со љубов и добрина, со мудрост и кротост; кон Оној, Кој Единствен е прекрасен, зашто вистински прекрасен човек може да биде само безгрешниот човек. И затоа, човеку, во сите твои заблуди, успеси и разочарувања, при секое твое бегство од Единствениот и Прекрасниот и Безгрешниот, јас се стремам кон Него. Колку е тешка, твојата заблуда, човеку, зашто самиот ти си излегол од Неговите раце! И твојата среќа, твојата смисла, твојата мудрост се во Него и единствено во Него. А ти, човеку, не сакаш да го сфатиш тоа, горделиво не сакаш да го почувствуваш. Зашто твоето срце е закоравено. Кон Него и единствено кон Него јас гледам и ги жалам луѓето, ги жалам, зашто го загубиле рајот и не сакаат да го барат. Но, јас знам дека Он, и само Он може да биде извор на слатка утеха во светот кој поминува, и вечна блажена радост во светот кој доаѓа, за никогаш да не заврши. Он, и само Он, може да го слушне твојот повик:

Милостив Боже, смилувај се на мене, паднатиот!“

Протојереј Златко Ангелески