1. Кога се навршија дните на Педесетница, сите апостоли беа заедно и еднодушни. 2. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. 3. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаат по еден над секого од нив. 4. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. 5. А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото. 6. Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сѐ се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик. 7. И сите се чудеа и маеја, велејќи си помеѓу себе: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? 8. Па како тоа сите да си го слушаат својот роден јазик? 9. Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите од Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија. 10. од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените. 11. Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?“
(Дела 2, 1-11)
Верен на својот повик како евангелист и историчар, апостолот Лука ни соопштува за најважните собитија од спасението на родот човечки. Господовите страдања – Крстот – Воскресението – јавувањата на Исус Христос – Неговото Вознесение и, на крај, Слегувањето на Светиот Дух во денот на Педесетница која ние сега ја празнуваме, за која читаме и размислуваме. Тој поседувал способност со прости, често неприметни книжевни средства да ја достигнува длабоката богословска смисла. Така, внимателно прочитаниот денешен извадок од книгата Дела на светите Апостоли ни открива дека дури и изборот на зборови на евангелистот не е случаен, но се одликува со длабок симболизам.
Воскреснатиот Спасител пред Вознесението на Своите ученици им ја дал последната заповед, велејќи им: „Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24, 49; Дела 1, 4, 8). И ете Неговите ученици, првите претставители на дванаесетте нови колена на новиот народ Божји се собираат во Ерусалим на истото место, каде што ги чуле тие зборови за да се молат и да го очекуваат исполнувањето на даденото им ветување. И тоа се случило кога се исполнил денот на Педесетница. Во тој ден Светиот Дух го исполнил целиот дом во кој се наоѓале учениците, и тие се исполниле со Светиот Дух. Да се вслушаме во тоа неслучајно повторување на глаголот („исполнување, наполнување“). Тоа сведочи за тоа дека овде и сега се случува дарувањето на полнотата на Божествениот дар на благодатта, онаа полнота во која нема никаков недостаток.
Во тоа што сето тоа се случило на денот на Педесетница заклучени се длабоки значења кои често му бегаат на современиот читател. Овде е и напомнувањето на првоначелното значење на старозаветниот празник Педесетница како празник на завршување на жетвата. На Пасха на Бога Му го принесувале како жртва „почетокот“, првиот сноп од новата жетва, а на Педесетница – леб во знак на благодарност за целата собрана жетва, осветена после неговиот почеток. Зашто „кога квасот е свет, тогаш свето е и тестото“ (Рим 11, 16). Таков свет и осветен почеток за нас стана Христос Кој „воскресна од мртвите и со тоа стана почеток на умрените“ (1 Кор. 15, 20). Така и светиот Јован Златоуст пишува: „Он ги вознесе на небесата почетоците на плодовите примајќи ја нашата природа“ Сега е „времето кога било потребно со срп да се окоси жетвата, кога, како изострен срп, долетува Духот“.
Но не само тоа. Педесетницата исто така била и празник за спомнување на дарувањето на Законот и Заветот што се случило на 50-от ден после Излегувањето од Египет, старозаветната Пасха, раѓањето од ропство во слобода. Тогаш над гората Сион се чул силен и сѐ посилен трубен звук, и Господ слегол на гората во оган (Исход 19, 18-19). Невозможно е во тие слики да не се видат образите на новите собитија: новиот Исход – Христовото Воскресение и Новата Педесетница – слегувањето на Господа во Светиот Дух, јавен како небесен оган и како шум од бурен ветар. „Во кој ден бил даден Законот напишан на плочи, во тој ден е даруван законот на Светиот Дух нацртан не на плочи, но на срца“ (блажен Теофилакт).
Духот Божји е слободен, „диши каде што сака“. Он е неподвластен на човекот, и „не знаеш од каде иде и на каде оди“. Он доаѓа ненадејно и исполнува сѐ и сите, „и гласот негов го слушаш“, него невозможно е да не го слушнеш (Јован 3, 8). Тој глас е сличен на дувањето на бурниот ветар. И ете, обземени од Светиот Дух, како со пламен, Апостолите, како и што им било ветено, добиле способност да сведочат за Исус Христос, кон кое и ги повикал Господ во прошталната проповед пред Вознесението. Нивното сведоштво за Исус Христос, за воплотеното Слово Божјо, и самото не е човечко слово, туку Божјо слово кое го достигнува секој човек независно од тоа од кој род е или племе. Сведоштвото на апостолите треба да го достигне „крајот на земјата“ населена од мноштво народи кои зборуваат на мноштво разни јазици.
До ден денес се искажуваат различни претпоставки во однос на тоа што само по себе претставувало зборувањето на апостолите. Едни претпоставуваат дека тие зборувале на многу странски јазици. Други, – и тоа е поверодостојно, – претпоставуваат дека апостолите зборувале на особен јазик на Светиот Дух, за кого Апостол Павле пишува во своите посланија, и кој обично се нарекува „зборување на јазици“. Едно е несомнено: тоа не биле обични зборови, но, како што укажува светиот Јован Златоуст, – нивните зборови биле торжествено, воодушевено, возвишено кажување. Притоа, многу поважно од научните претпоставки за материјалните својства на чудата на Педесетница е тоа, каква длабока смисла гледала Црквата во тоа чудо. Евангелистот Лука свесно на својот расказ му придава карактер на словесна „икона“ која ни ја открива богословската смисла на собитието. Јазикот на Светиот Дух не е обичен јазик на овој или оној народ, но јазик „небесен“, не одделен јазик, но сеопшт, универзален. И токму поради својата универзалност тој може да биде разбирлив за сите народи. Може да се каже дека вдахновеното зборување на апостолите кај евангелистот Лука постанало симбол на сесветска Евангелска проповед. Едни го примаат Евангелието, внимаваат на него, го слушаат на својот роден јазик, други се потсмеваат над него и го отфрлаат.
Апостолите кажуваат за великите и славни дела Божји во Исус Христос (2, 11) кои треба да се прославуваат во целиот свет. На тоа укажува списокот на земјите и народите на чиј јазик се воспримала торжествената проповед на апостолите. Во тие години на празникот Педесетница во Ерусалим доаѓале луѓе од сите страни на светот не помалку отколку на Пасха. Богословската смисла на она што го читаме во Книгата Дела на светите Апостоли е прозрачна. И таа смисла е во тоа што за Христовото Евангелие во основа нема национални бариери. Неговиот јазик е универзален јазик на Светиот Дух Кој ги разрушил преградите на помеѓу народите и за кого нема „ни елини, ни јудејци,… ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен“ (Кол. 3, 11).
Поткренатиот карактер на денешното апостолско читање е соодветен на празничното богослужение. Но она што го прочитавме има и поучна смисла. Зарем крштението кое сме го примиле не е лична Педесетница за секого од нас? Зарем заповедта „одете, научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (Мт. 28, 19) се однесувала само на апостолите? Не се однесуваат ли тие зборови и кон секого од нас? Зарем секој христијанин не е повикан да биде Христов сведок? Сведоштвата се многуобразни во своето единство. И секој може да го проповеда Евангелието како што му дава Светиот Дух. Ние знаеме за подвизите на мисионерите кои ја носеле веста за спасението во одделни делови од вселената, кои Го проповедале Христа на најдалечните народи и на најнепознатите јазици. Така светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј постанале учители и просветители на незнабожечките словенски племиња. Не секому се дава тој дар. Но секој може да Го проповеда Христа на општопознатиот јазик, на небесниот јазик на Светиот Дух, на светиот јазик на љубовта. Духот ги опфатил апостолите и тие зборувале за великите дела на Божјата љубов. „Љубовта Христова ќе нѐ опфати“ (2 Кор. 5, 14) и само таа љубов им придава единство на сите сведоштва за Христа, каде, кога и на кој било јазик тие сведоштва и да звучат.