Добро ни е да бидеме овде, Господи!

"Добро ни е да бидеме овде, Господи!"

За време на овоземниот живот на Господ Исус Христос ретки биле радосните, светли моменти. Бог се воплотил и на светот дошол, пред сè, за да се внурне во нашата темнина и да ја сподели нашата тага и секојдневното човечко постоење. Токму затоа Господ Исус Христос толку многу време поминал меѓу грешници на кои им било потребно очистување, просветление и спасение. Тоа е причината поради која Господ избрал Самиот да појде по крсниот пат, да пострада за нас, луѓето, да биде отфрлен од нив, да биде исплукан и пребиен, да умре на Крстот и да се симне до пеколот, за со Својата Божествена природа и светлина да го исполни секое место каде пред Неговото доаѓање владеело злото.

Во Евангелијата се забележани само неколку случаи при кои Христовата Божествена природа видливо им се открила на луѓето. На пример, вакво нешто се случило за време на Исусовото Крштевање, кога гласот Божји се чул од небесата: „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Мт. 3, 17). Еден друг ваков момент – а токму тоа го празнуваме денес – било Преображението, кога Господ, земајќи тројца од Неговиот најблиски ученици, се искачил на една висока гора со нив, и, додека се молел, „лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“. И гласот на Отецот повторно се чул: „Ова е Мојот возљубен Син… Него послушајте Го.“

Преображение Господово
Преображение Господово

И додека траело видението, еден од Неговите ученици, Петар, рекол: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија“ – оти Мојсеј и Илија Му се јавиле на Исуса и беседеле со Него за Неговото заминување, односно, за Неговата смрт на Крстот (Мт. 17, 1-9). Зборовите на апостол Петар се природна човечка рекација на Божјото присуство, на Неговото ненадејно појавување, на Неговата неочекувана, светла посета одозгора. „Добро ни е да бидеме овде“, односно, би било добро кога ова би потраело, кога овој момент на слава и светлина никогаш не би завршил.

Но, по искачувањето на гората, следело Неговото слегување оттаму, кога Го пресретнал младичот измачуван од нечист дух, и многу други луѓе кои молеле да бидат исцелени. Слегувајќи од гората, Господ уште еднаш се внурнал во нашата човечка темнина, за да искуси со нас од неа. И потоа тргнал кон Гетсиманската градина и кон Голгота.

Секој од нас минува низ различни периоди. Понекогаш сме на Тавор, а понекогаш се наоѓаме себеси на Голгота. Понекогаш, Божјото присуство е толку опипливо и јасно, што сакаме тие мигови никогаш да не завршат, вечно да траат. Но, некогаш Бог како да се повлекува од нас, оставајќи нè во темнина, сами со себеси, со нашите проблеми и гревови. Но, во таквите моменти од особена важност е да помниме дека Тој е присутен и одвнатре ја просветлува нашата човечка темнина со Неговата Божествена светлина.

Божествената светлина што им била откриена на учениците на Тавор не била создадена светлина што светела „како сонце“, туку Нетварната Светлина, Самиот Бог, самото Божјо присуство, Божјите Енергии – Божјото дејание, посета одозгора, во која Славата Божја се открива на човекот. И оваа Светлина не засветлила единствено врз учениците на Тавор, туку им била откриена и на мнозина други, мноштво светители, како и на св. Григориј Палама и св. Симеон Нов Богослов. И меѓу нашите современици има луѓе кои ја виделе Божествената Светлина. Блаженоупокоениот старец – архимандритот Софрониј одново и одново се удостојувал да ја сведочи Божествената Светлина, Која не само што Му ја открила Божјата Слава, туку и одвнатре го преобразила.

Но, зошто Господ нè посетува со Неговата Божествена Светлина? Не само да засветли, и брзо да исчезне, оставајќи нè во темнина. Господ нè посетува за, гледајќи ја Неговата Светлина, да бидеме проткаени од Неа, за сиот наш живот да се преобрази, да има во нас место за она што Самиот Господ ни го рекол: „така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Мт. 5, 16). Божествената Светлина нè посетува за да преобрази не само сè околу нас, туку и нашите животи, за и ние да се промениме, и за Светлината Божја да започне да се шири и на другите преку нас.

Поради ова Црквата го празнува Господовото Преображение, за тоа да стане и наше преображение, за дверите на созерцание на Божествената Светлина да се отворат и за нас, созерцание за кое се удостоиле мнозина низ минатите векови. Но, за да не биде оваа Светлина прекриена од нашата човечка, гревовна темнина, ние мора да живееме согласно Евангелието, за преку нашите добри дела, преку сиот наш лик, луѓет да Го препознаат Христа. На крајот на краиштата, луѓето судат за Христа и христијанството најпрво преку нас, верниците, членовите на Црквата. Околу нас живеат немалкубројни луѓе кои можеби одамна ќе пристапеле кон Црквата доколку не наишле на Христијани кои не биле достојни на својот голем призив и кои, наместо да зрачат Божествена Светлина и сјај, испуштале смрдеа на гревовни страсти.

Сите да си спомнуваме дека оние мигови на просветление, кои одвреме-навреме ги доживуваме или при причестувањето на Светите Христови Таинства, или за време на молитва, треба да нè променат на подобро, да нè преобразат. Да се трудиме секогаш да бидеме на највисокото можно ниво во поглед на моралот и духот, никогаш не симнувајќи се под високиот Евангелски праг. Амин.

Митрополит Иларион Алфеев