На 24 октомври 2015 г., на денот кога Црквата го празнува Соборот на Оптинските старци, Неговата Светост, Патријархот московски и на цела Русија Кирил го посетил Казанскиот Амвросиевски ставропигијален женски манастир кој одбележува 25 години од возобновувањето на монашкиот живот. Патријархот ја возглавил Литургијата во главниот храм на пустината – црквата во чест на Казанската Богородична икона, во сослужение на волоколамскиот Високопреосвештен Митрополит Иларион, претседател на Одделот за надворешни црковни односи (ОНЦО) на Московската Патријаршија, калушкиот и боровски Високопреосветен Митрополит Климент, претседател на Издавачкиот совет на РПЦ, бројни архиереи и јереи од Руската Православна Црква.
На Божествената Литургија во епископски чин бил хиротонисан досегашниот намесник на Сретенскиот ставропигијален манастир, архимандритот Тихон Шевкунов. Предавајќи му го архиерејскиот жезол, Патријархот Кирил му ги упатил следните слова на Преосветениот Епископ јегоревски:
„Неискажливата љубов Божја нѐ собра сите нас денес, за насладувајќи се на гозбата на верата и вкусувајќи од Трпезата на Благодарењето, да бидеме учесници и сведоци на раѓањето на нов епископ на Црквата Христова во Духот Свет. Денес ти доби голем дар од Небесниот Утешител, Кој те удостои да ги примиш истите чувства и неизкажлива духовна радост каква што некогаш доживеале и апостолите, додека пребивале во молитва и молење (Дела 1,14). Од овој момент ти си нивен наследник во делата и преемник на нивната служба. (…) Епископот е лицето на Црквата: според тебе ќе судат за православната вера, но и ќе создаваат мислење за современото свештенство на Руската Црква. Животот на еден архиереј е секогаш во фокусот на општественото внимание. Затоа внимавај на себеси, за да не дадеш повод на оние што повод бараат (2Кор. 11,12). Секогаш оди пред Господа, и вовек не греши. (…)“
По сугубата ектенија Претстојателот на Руската Црква се помолил и за мир во Украина, а бил огласен и Патријаршиски указ според кој, во главниот храм во чест на Казанската Богородична икона во Амвросиевскиот ставропигијален манастир се благословува на Божествената Литургија, по молитвата „Оче наш“ да не се затвораат царските двери.
Инаку, новиот јегоревски Епископ е роден на 2 јули 1958 г. во Москва. Во 1982 година дипломирал на Факултетот за сценарио на Државниот институт за кинематографија, по што станал искушеник во Псково-печерскиот манастир. Монашки потстриг примил во 1991 година во Донскиот манастир, а истата година бил ракоположен и во јероѓаконски и јеромонашки чин. Во игуменски чин бил унапреден во 1995 г, а во архимандритски – 1997г. Во 2010 година бил именуван за одговорен секретар на Патријаршискиот совет за култура, а со одлука на Претседателот на Руската Федерација, г. Димитриј А. Медведев, истата година е вклучен и во состав на Советот за култура и уметност при Претседателот на Руската Федерација. На 22 март 2011 г. станал член на Највисокиот црковен совет на Руската Црква. На 29 февруари 2012 г. Рускиот Патријарх го поставил за игумен на Сретенскиот манастир. Ректор е на Сретенската духовна семинарија, раководител на издавачкото одделение на Сретенскиот манастир и интернет-презентацијата „Pravoslavie.ru“. Од јули 2012г. е член на Општествениот совет при Министерството за култура на Руската Федерација. Член е на Руската Академија на природни науки. Автор е на книгата „Несвети, а свети“, која наскоро треба да излезе и на македонски јазик, и на други дела.
Извор: Московска Патријаршија