Христос не е небесен полицаец (2)

"Христос не е небесен полицаец (2)"

Оној којшто греши може да појде кај својот духовник, но треба да оди не за да биде оправдан, оти тешко нему, ако оди со таа цел, туку за да каже: „Согрешив!“, и тогаш да добие простување дарум. Видете една слика од Првата книга Мојсеева – Адам на Бога Му вели: „Жената, којашто Ти ми ја даде!“ Односно, „Ти Си виновен затоа што ми даде таква ‘празноглава’ жена“. Ти! Жената не го вели истото, туку вели – змијата ме измами! И во оној миг Бог вели: „Адам и Ева – надвор!“ Не постои претпоставка за исповед. Ако беа рекле – „согрешивме!“, тогаш нештата ќе беа поинакви.

Адамовиот пад не бил во тоа што јадел од плодот, за којшто Отците имаат различни толкувања што точно претставувал, туку во извршениот од Адам чисто духовен грев што во тој момент не претполагал можност за прошка. Ако Адам беше рекол „Прости ми! Не е виновна жената, ниту змијата, туку јас сум виновен! Мене казни ме! Јас погрешив. Зошто сум глава на жената“, нели, во оној моменти ќе добиевме прошка и немаше да го доживееме падот. Човечката историја ќе беше поразлична. Сепак, тоа не се случило. Ја имаме оваа игра – „ти си виновен!“, како што ѓаволот Му вели на Бога – „Ти си виновен! Ти си виновен за тоа што го правам! Ти, затоа што ме направи таков!“ И мнозина од нас на Бога Му велиме на Бога – „Ти си виновен!“ Тешко нам, ако на Бога Му велиме Ти си виновен, зашто после тоа не постои можност Бог да ни помогне. Односно, другите се виновни. Како тогаш Бог да дејстува и да помогне?

Да знаете дека оној кој прави некаков грев или злодело, но го сокрива или оправдува, тој човек е несреќен. Тој поаѓа да го прави тоа коешто го сака, но не е среќен. Земете ги на пример, Хитлер, Сталин или Садам Хусеин, којшто постојано одел со пиштол во себе и секој, кој не се согласувал со него, го застрелувал на лице место. Тоа е безумно. Тој ѝ се радувал на власта извесно време, но што оставил по себе? Што ќе велат за него? Ништо не може да го оправда – дури ни тоа што Американците беа пошле таму. Кој да го оправда Хитлер? Мусолини? Чаушеску? Кој? И меѓу нас, земете луѓе кои ги познавате, кои направиле некое злодело, кој ќе ги оправда? Никој! Сите ги хулат, ги колнат, и ова проклетство е бреме за нивната душа, онаму каде што таа се наоѓа! Разбирате? Еднаш појдовме кај старец Паисиј, имаше млади луѓе со нас, и некој од нив рече: „Старче, злото владее! Насекаде има зло и нееднаквост!“ Старецот слушаше, се нажали од сето тоа, и на крај рече: „Бре, и разбојниците му ги даваат на најдобриот и најчесниот меѓу нив да ги чува украдените пари!“

Кратците му ги даваат парите на најдобриот од бандата за да не ги украде. Односно, чесноста и добродетелноста има вредност и таа не се губи, во какви и околности да се наоѓаме. Во ваквата состојба, Бог секогаш дава благодат, добродетели и награда во овој живот со секоја мала добрина што ќе ја направиме. На ист начин ќе добиеме отплата и за злото што го правиме. Тоа се духовни закони. „И ако некој не го добие она што го заслужува поради злото што го направил, старче?“ – го прашавме друг пат старец Паисиј, кој ни одговори дека на таквиот човек, како на ѓавол, сè ќе му се сруши врз глава наеднаш. Ако го читате Стариот Завет, ќе видите дека ниту една голема мака, несреќа или престап, направени од луѓето, не останале без казна. Тоа е духовен закон. Зошто Бог така делува – ти се тргаш од Него, Тој ти дозволува да се тргнеш, тоа е пеколот и казната; Бог не го создава адот, туку другиот (ѓаволот) те грабнува. Тој те чека. „Не сакаш кај Мене? Добро“. И доаѓа ѓаволот. Бог повторно нè пази, но поради нашата желба ни дозволува да заминеме од Него. Затоа Отците велат дека има различни фази во богооставеноста

Едно е Божјата педагогија, а друго богооставеноста. Божјата педагогија сите ние ја проживуваме: запнуваш да си тргнеш, Тој ти ја пушта раката, како што и малите деца се оставаат малку, и потоа пак те фаќа за рака. Постои и богооставеност по снисходење, по сокривање и по одвраќање. Најстрашна е богооставеноста по одвраќање. Во тој случај е потребен голем подвиг и тој се случува при многу тешки состојби. Не одвраќај го лицето Свое од мене! – вели светиот пророк Давид. Оние големи претстапници кои ги споменавме претходно поминале толку низ таквата богооставеност. И за нив има спасение, но е исклучително тешко да го изодат тој пат, бидејќи премногу се оддалечиле.

Се разбира, потоа другиот (ѓаволот) полага права врз тој човек, зашто, ако тој не се исповедал десет, дваесет, триесет години, потоа ѓаволот се здобива со права. Многупати го гледавме тоа кај луѓето кои се привикнуваат на злото и не можат да се ослободат од него. Тоа се окови, навики. Да го кажам тоа на друг начин – имаш светлина, но се оддалечуваш од неа и остануваш во мрак. Тоа е духовен закон, Бог е непроменлив, бестрасен и слободен и затоа сака и ти да бидеш слободен. Тој воопшто не ја нарушува твојата слобода. Ти се приближуваш кон Него, ги чувствуваш сите добротворности од љубовта и светлината, но во даден момент, се оддалечуваш од Него и настапуваат потешкотии, мрак, искушенија, маки. Или, пак, стоиш на умерено растојание, како што прават повеќето луѓе. Еден отец го дава следниот пример – Светиот Дух е како воздух, кој влегува во една соба, но кога во неа ќе ставиш некаков материјал, на пример, вода, таа постепено го истиснува воздухот. Таков е законот. Законот на слободата, вели св. Марко Подвижник. Не Бог, туку самиот ти решаваш.

За крај, да ви раскажам една шега: во едно село, некој човек одел пред иконата на св. Георгиј и палел две свеќи на различни места. Еднаш свештеникот му се приближил и го запрашал: – Зошто палиш две свеќи? – Ја палам едната за светителот, а другата за ѓаволот, што е под светителот, – одговорил човекот. – Добро, зошто ја палиш втората, за ѓаволот? – Е па не знам, да не паднам некогаш во негови раце!

Протопрезвитер Николај Лудовикос
Извор: Тавор бр. 4