Патрониот празник на Патријаршиската катедрална црква на светите цареви Константин и Елена во Букурешт годинава беше свечено прославен на 21 мај 2014 (кога, според григоријанскиот календар, Црквата го празнува нивниот свет спомен). Неговата Светост, Патријархот Даниел, во сослужение со повеќе архијереи – членови на Свештениот Синод на Романската православна црква, како и голем број презвитери и ѓакони, отслужи Божествена Литургија на посебно издигнато плато пред катедралната црква.
Во беседата произнесена после читањето на Светото Евангелие, Патријархот Даниел ја објасни историјата на катедралата: најпрво изградена како манастирски католикон, таа потоа била пренаменета во митрополитска катедрала, па привремена патријаршиска катедрала за подоцна целосно да биде пренаменета во Патријаршиска катедрална црква. Катедралата била изградена од страна на принцот-владетел на Влашка, војводата Константин Сербан Басараб во тригодишен период, од 1656 до 1658 година.
Говорејќи по повод 356-годишнината од осветувањето на црквата, Патријархот ја објасни поврзаноста меѓу животот на светите цареви Константин и Елена и Крстот Христов, потсетувајќи дека Крстот ја сведочи жртвената љубов за светот, љубов која во нивните животи се пресликува преку законите и указите што ги носеле, поддршката на семејството и забраната за изведување абортуси, но и градењето цркви, манастири и прифатилишта за стари и болни лица и сираци.
Потоа, Неговата Светост се наврати на житието на светите Бринковјански маченици, на кои Црквата во Романија ја посвети оваа, 2014 година. Светиот принц Константин Бринковјану е вистински пример за еден благочестив христијанин, владетел и интелектуалец: бил татко на единаесет деца, ја помагал Црквата за време на отоманското ропство, објавувал книги на романски, словенски, грчки и арапски, им помагал на Грузијците, како и Црквите во Цариград, Ерусалим и Александрија, и на барем четири светогорски манастири. Градел цркви и училишта, и ревнувал против унијатството со кое во негово време се соочувала романската земја. Во негова чест, 80 години после откривањето на неговите свети мошти, по улиците на Букуреш помина литија со неговиот кивот.
На оваа историска прослава на споменот на светите Константин и Елена, но и 300-годишнината од маченичката смрт на светите Бринковјански маченици, бројниот верен народ во Букуреш ја имаше единствената можност да се поклони пред моштите на светите цареви Константин и Елена, светите Бринковјански маченици и светиот Димитриј Нов, заштитникот на Букурешт.
Извор: Романска патријаршија