Кога Го молиме Господа, не треба да имаме сомнеж

"Кога Го молиме Господа, не треба да имаме сомнеж"

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Со нас е Бог! Времињата се менуваат, и ние со нив. Денешното време е поразувачко. Се случува превреднување на сѐ и сешто – на вредностите, добродетелите, добрата. Сѐ се менува. Она што нашите предци порано го сметале за зло, грешно, денес луѓето се трудат да го распространат. Нечистотија и злоба. Во ова време на промени, човек е должен да го сочува умот бистар. Реката си тече, и честопати мораме да пливаме спротивно на нејзиниот тек.

Денес сакам да позборувам за нашата младина. Многу често младината ни паѓа во очајание. Тие полагаат испити и честопати се случува еден талентиран млад човек да не може да се здобие со високо образование а некој друг, послаб од него, да биде примен на факултет. Не треба да губиме надеж. Овој живот има многу лица и можности. Не мора секој човек да заврши високо образование. Најголемиот учител на човекот – тоа е самиот тој. Постојат мноштво професии и животни патишта. И токму затоа, ако не ве примат во една школа, појдете во друга, или обидете се во трета, десетта…

Обидете се да се занимавате со физичка работа, обидете се да поработате земојделска работа.

И Господ сигурно ќе ви испрати благодатна помош и среќа. Но, би сакал сите да ве замолам – избегнувајте ги наркотиците, избегнувајте го пијанството, избегнувајте ги злоделата, и Господ со сигурност ќе ја оправда вашата надеж и ќе ви помогне. Кога молите помош од Бога – тогаш апсолутно не треба да имате сомнежи. Кога човек се сомнева, тогаш нема да го добие она што го бара и неговото молење нема да се исполни.

Затоа не треба да има сомнеж кога Му се молиме на Господа. Господ ни вели: „Барајте и ќе ви се даде“. Барајте со радост, со љубов, со вера и Господ ќе даде, ако тоа нешто е на полза. „Барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори“. Господ да ви дава сила! Господ да ви дава мудрост! Вие знаете дека во Библијата е напишано: „Почеток на мудроста е стравот Божји“. Нека ви помогне Господ и нека ви го открие патот.

„Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам“ (Пс. 142, 8). Нека ве чува Крстот! И нека ве благослови Господ! Сакам да кажам дека ние имаме талентирана младина, но тој талант треба да се покаже. Господ да ви дава сила да го покажете овој талант од Господа. Со нас е Бог! Господ да ве благослови, да ве укрепи, да ве преумножи, да ви ја даде благодатта на Светиот Дух! Амин!

овонеделна проповед на
Свјатејшиот Патријарх и Католикос на Грузија, г.г. Илија