Англиканската заедница дозволи именување на жени за епископи

"Англиканската заедница дозволи именување на жени за епископи"

Англиканската црква со големо мнозинство ја поддржилa иницијативата за дозволување на жени да бидат избрани за епископи. Изгласаната дозвола била пречекана со одобрување од страна на поддржувачите. Британскиот Премиер, г. Дејвид Камерон го поддржал овој чекор како голем ден за Англиканската заедница.

Синодот на Англиканската црква, со 351 гласови „за“, 72 „против“ и само 10 „воздржани“ донел решение на кое од многумина се гледа како на пресврт во т.н. борба за еднаквост меѓу родовите, со што на жените и официјално ќе им биде овозможено да бидат именувани за епископи. Англиканскиот Синод е составен од три дома – епископи, клирици и лаици – и потребно e дво-третинско мнозинство за ваквата одлука да биде донесена.

Кантербершкиот Архиепископ ги пофалил резултатите од гласањето, нарекувајќи ги „завршување на еден процес започнат пред две децении“ кога неговата заедница им дозволила на жените да бидат поставувани за свештеници. Сепак, тој предупредил и дека се можни расколи во Англиканската црква после ваквиот исход, особено со традиционалистите кои се противат на ваквата одлука.

– Колку и да сум радосен со исходот од гласањето, на ум ми се и оние членови на црквата за кои ваквиот резултат ќе биде тежок и ќе предизвика жалење – изјавил г. Џастин Велби. Според него, Англиканската црква ја очекува „тешка работа“ и „долг период на културна промена“.

Противниците на ваквата одлука веруваат дека хиротонијата на жени за епископи е против библиските учења, и дека само мажи треба да бидат вклучени во високиот клир. Пред две години истото вакво гласање заврши без поддршка од Синодот.

Римо-католиците исто така реагирале на синодското гласање, велејќи дека со оваа одлука односите меѓу двете заедници се уште повеќе отежнати.

– Одлуката на Англиканската црква за дозволување на женски епископат, за жал, претставува уште поголема пречка на патот кон единство. Сепак, ние сме посветени на продолжување на нашиот екуменски дијалог, трагајќи по подлабоко взаемно разбирање и практична соработка онаму каде што тоа е можно – се вели во официјалната изјава на веб-страната на Римо-католичката црква на Англија и Велс.

Англиканската црква е создадена од Кралот Хенри VIII, кој бил нејзин прв поглавар во 1534 година. Денес, Владата на Обединетото кралство е таа која го избира претстојателот на оваа христијанска заедница.

Извор: Russia Today