Св. Теофан Затворник: Успение

"Св. Теофан Затворник: Успение"

После крсната смрт на Исус Христос, Неговата Пречиста Мајка околу петнаесет години живеела во Ерусалим, во домот на светиот апостол Јован Богослов, кому Самиот Господ му ја предал од крстот. Ете, се приближило времето таа да се пресели во небесниот дом на Својот Син. Кога Божјата Мајка се молела на Елеонската гора, – раскажува Преданието, – Архангел Гавриил ѝ се јавил, донесувајќи маслиново гранче и ја известил за Нејзиното Успение после три дена.

Пречистата неизречено се израдувала слушајќи ја таа вест и почнала да се подготвува. Кон денот на Нејзиното претставување, по Божја заповед, во Ерусалим чудесно се јавиле, освен апостол Тома, сите апостоли кои биле расеани по светот за проповед. Тие биле сведоци на Нејзиното мирно, тивко, свето и блажено Успение. Самиот Господ Исус Христос, во небесна слава, опкружен од безбројно мноштво на Ангели и праведни духови, се јавил да ја прими душата на Својата Пречиста Мајка и со слава ја вознел на небото.

Успение на Пресвета Богородица, икона
Успение на Пресвета Богородица, икона

Така го завршила Својот земен живот Пречистата Дева Марија! Со запалени светилници и пеење на псалми апостолите го понеле телото на Богомајката во Гетсиманија каде што биле погребани Нејзините родители и Јосиф. Неверните првосвештеници и книжници, поразени од величието на погребната поворка и озлобени од почестите кои ѝ биле оддавани на Богомајката, испратиле слуги и воини за да го разбркаат народот и да го изгорат самото тело на Богомајката. Возбудениот народ и војниците со јарост се устремиле кон христијаните, но биле поразени со слепило. Во тоа време покрај поминувал јудејскиот свештеник Атониј кој се фрлил кон гробот со намера да го преврти на земја; но само што се допрел со рацете до одарот, Ангел му ги пресекол двете раце: отсечените нивни делови виснале на одарот, а самиот Атониј паднал на земјата со крик.

Апостолот Петар ја запрел поворката и му рекол на Атониј: „Поверувај дека Христос е вистински Бог“. Атониј веднаш Го исповедал Христос за вистински Месија. Апостолот Петар му рекол на Атониј да се обрати кон Богомајката со усрдна молитва и да ги приложи остатоците од рацете кон деловите кои виселе на одарот. После исполнувањето на тоа, рацете зараснале и се излечиле, а на местото на отсекувањето останале само знаци. А ослепениот народ и војниците со каење се допреле до одарот и добиле не само телесен вид, туку и душевен, и сите со длабока почит се присоединиле кон поворката.

На третиот ден после погребението на Божјата Мајка пристигнал апостол Тома кој отсуствувал по Божја волја и посакал да го види Нејзиниот гроб. По негова желба гробот бил отворен, но во него не го нашле телото на Богомајката. Вечерта истиот ден, за време на својата трпеза, апостолите ја виделе Пресветата Дева на облаци во воздухот, жива, со мноштво Ангели. Богомајката, која стоела осветлена од неизречена слава, им рекла на апостолите: „Радувајте се! Јас сум секогаш со вас“; апостолите воскликнале: „Пресвета Богородице, помагај ни“. Тоа јавување на Богомајката целосно ги убедило апостолите, а преку нив и целата Црква, во нејзиното воскресение.

Во подражавање на Пресветата Дева Марија Која често ги посетувала местата кои Нејзиниот Син и Бог ги осветил со Своите пречисти нозе, меѓу христијаните возникнал обичај да ги посетуваат светите места.