Вечерни молитви

"Вечерни молитви"

Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Господи, Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, на преподобните и богоносни отци наши и на сите светии, помилуј нè. Амин!

Слава Ти, Боже наш, слава Ти.

Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрините и на живот Подателу, дојди и всели се во нас, очисти нè од секаква скверност и спаси ги, Благи, душите наши.

Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè. (трипати)

Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Господи помилуј. (трипати)

Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај нè во искушение, туку избави нè од лукавиот.

ТРОПАРИ, глас 6:

Помилуј нè, Господи, помилуј нè, зашто никакво оправдување немајќи, ние грешните Ти ја принесуваме оваа молитва како на Владика, помилуј нè!

Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух.

Господи, помилуј нè, на Тебе се надеваме. Не гневи се силно на нас и не споменувај ги нашите беззаконија, туку погледни и сега како Милосрден и избави нè од непријателите наши. Зашто Ти си Бог наш, и ние сме луѓето Твои, сите сме дело на Твоите раце и името Твое го повикуваме.

И сега и секогаш и во сите векови. Амин. Дверите на милосрдието отвори ни ги, благословена Богородице, за да не погинеме ние, кои на тебе се надеваме, туку преку тебе да се избавиме од неволјите, зашто ти си спасение на родот христијански.

Господи помилуј. (трипати)

Молитва кон Бога Отецот

Боже вечен и Цару на секое создание, Ти Кој ме удостои сè до овој час да бидам жив, прости ми ги гревовите што ги сторив денес со дело, со збор или со помисла и очисти ја, Господи, мојата смирена душа од секаква скверност плотска и духовна; дај ми, Господи, сонот во оваа ноќ во мир да ми мине, та станувајќи од скромната постела, во сите денови од мојот живот да му угодувам на Твоето пресвето име и да ги победам телесните и бестелесните непријатели, кои со мене војуваат. Господи, избави ме од суетните помисли што ме осквернуваат и од желбите лукави; зашто Твое е Царството, и силата и славата, на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва кон Господа Исуса Христа

Седржителу, Слово на Отецот, единствен совршен Исусе Христе, поради Твоето големо милосрдие никогаш не одделувај се од мене, слугата Твој, туку секогаш биди во мене. Исусе, добар Пастиру на овците Свои, не предавај ме на змиско роптање, ниту на желба сатанска не оставај ме, зашто во мене има семе на гнилеж. Затоа Господи, препрославен Боже, свет Цару, Исусе Христе, чувај ме во сонот со Незалезната Светлина – Твојот Свет Дух, со Кого ги освети Твоите ученици. Господи, дај ми го и мене, недостојниот Твој слуга, спасението Твое на постелата моја; просвети го мојот ум со светлината на знаењето на Твоето свето Евангелие, душата со љубовта на Твојот крст, срцето со чистотата на Твоето Слово, моето тело со Твоите бестрасни страданија, мојата мисла сочувај ја во Твоето смирение и подигни ме во времето определено за Твое славење; зашто вечно си препорославен со беспочетниот Твој Отец и со Пресветиот Дух. Амин!

Молитва кон Светиот Дух

Господи, Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, покажи го Своето милосрдие кон мене, грешниот Твој слуга, и помилуј ме. Отпушти ме мене недостоојниот и дај ми прошка за сè што денес Ти згрешив како човек, но и полошо од човек – како животно. Прости ми ги моите волни и неволни и несакани, знајни и незнајни гревови, оние од младоста и оние од наука злобна, од избрзување и од бесчувствителност. Ако во Твоето име се колнев, или во своите помисли го похулив; ако некого укорив, или оклеветив во гневот свој, или, пак, го растажив; ако поради нешто се разлутив; ако излажав; ако незгодно спиев; ако сиромав при мене дојде и го презрев; ако братот мој го разжалостив, или се карав; ако некого осудив; ако се возвеличав или возгордеав; ако се разгневив; ако стоејќи на молитва, умот мој по светски лукавства се поколеба, или на разврат помислив; ако се прејадов, или опив; ако безумно се смеев; ако лукавство помислив, или доблест туѓа видов и од неа во срцето бев ранет; ако зборував што не треба, или се потсмевав на гревот на својот брат – моите гревови се безбројни; ако за молитва бев мрзлив, или, пак, некое друго лукавство направив – не се сеќавам; но сето тоа и уште повеќе од тоа сторив. Смилувај се, Создателу, Владико мој, над мене, Твојот мрзлив и недостоен слуга, и остави, отпушти и прости ми како Благ и Човекољубив; за во мир да легнам, да заспијам и отпочинам јас блудниот, грешниот и беден. Ќе се поклонам, ќе го воспеам и ќе го прославам Твоето име, со Отецот и единородниот Син Негов, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва

Господи, Боже наш, сè што згрешив во овој ден, со збор, со дело или мисла, прости ми како Човекољубив. Подари ми сон мирен и безметежен и испрати го Твојот Ангел Пазител, кој ќе ме штити и засолнува од секое зло. Зашто Ти си Заштитник на душите и телата наши и Тебе слава Ти вознесуваме; на Отецот, и Синот и Светиот Дух; сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва

Господи, Боже наш, во Кого веруваме, и Чие име над секое име го призиваме; дај ни нам, кои заминуваме на спиење, одмор на душата и телото и сочувај нè од секакво мечтаење и мрачни сласти. Сопри ја навалата на страстите и згасни ги распалените желби телесни. Дај ни целомудрено да поживееме во делата и зборовите, та водејќи добродетелен живот, да не отпаднеме од Твоите ветени добра; зашто си благословен вечно. Амин.

Молитва кон Господа Исуса Христа

Господи, Исусе Христе, Сине Божји, поради молитвите на Твојата Пречиста Мајка, и Твоите бесплотни ангели, заради пророкот, Претечата и Крстителот Твој, богоглаголивите апостоли, светлите и добропобедни маченици, преподобните и богоносни отци, и сите светии – избави ме од сегашните демонски напасти. Да, Господи мој и Создателу, Кој не ја сакаш смртта на грешникот, туку да се обрати и жив да биде, дај ми и мене грешниот и недостојниот обраќање. Оттргни ме од устата на змејот пагубен, кој зинал да ме проголта и во адот жив да ме сведе. Да, Господи мој, Утехо моја, Кој заради мене бедниот во тело пропадливо си се облекол, избави ме од секоја беда и утеха дај ѝ на беднава душа моја. Всади во срцето мое да ги извршувам повелбите Твои, лукавите дела да ги оставам; и да ги добијам блаженствата Твои, зашто на Тебе се надевав, Господи, спаси ме!

Молитва кон Пресвета Богородица

Добра Мајко на добриот Цар, Пречиста и благословена Марие, милоста на Синот твој и Бог наш излеј ја на острастената душа моја, и со твоите молитви упатиме на добри дела, та останатото време од мојот живот беспорочно да го минам и преку тебе рај да добијам, Богородице Дево, единствена чиста и благословена!

Молитва кон светиот Ангел пазител

Ангелу Христов, пазителу мој свет, покровителу на душата и телото мое, прости ми сè што згрешив во денов денешен и од секое лукавство на демонскиот противник избави ме, за да не Го прогневам со никаков гнев мојот Бог; туку моли се за мене грешниот и недостојниот слуга и достоен покажи ме на милоста на Сесвета Троица, на мајката на мојот Господ Исус Христос и на сите светии. Амин!

Богородичен кондак

Тебе, Богородице, поборнице – војвотко, ние, слугите Твои, откако од зло се избавивме, песна пофална Ти воспеваме како кон онаа, која има сила непобедлива; од секоја опасност ослободи нè, за да ти повикуваме: „Радувај се, Невесто Неневестна!“

Преславна Приснодево, Мајко на Христа Бога, принеси ја молитвата наша пред Синот твој и Бог наш, за преку тебе да бидат спасени душите наши.

Сета надеж моја во тебе ја полагам, Мајко Божја, сочувај ме под закрилата твоја.

Богородице Дево, не презирај ме мене грешниот, кому помошта и застапништвото твое му требаат. На тебе се надева душата моја, помилуј ме!

Молитва

Надеж моја е Отецот, прибежиште мое е Синот, покров мој е Духот Свет; Троице света, слава Ти!

Достојно е навистина блажена да те нарекуваме тебе, Богородице, присноблажена и пренепорочна и Мајко на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, нетлено си Го родила Бога Словото, тебе која си Богородица те величаме.

Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Господи помилуј. (трипати)

Господи благослови!

Господи, Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на Пречистата Твоја Мајка, преподобните и богоносни отци наши и сите светии, спаси ме мене грешниот!